Радовиш – мало место со голем сообраќаен проблем: жителите бараат поголема безбедност во сообраќајот

Автори: Кристијан Трајчов* и Викторија Димитрова**

Во далечината се слуша чкрипење на гуми. Како и во големите градови во Македонија – и во ова мало гратче се вози брзо и агресивно. Во зима не се внимава на неретко подмрзнатите улици. Лете пак, до раните утрински часови се организираат трки по булеварот „Александар Македонски“ и по кејските улици. Ова е Радовиш.

Има многу млади возачи кои штотуку  положиле возачки испит или немаат возачки дозволи. Само на три улици од јануари до август 2024 година, полицијата евидентирала девет повредени лица во девет сообраќајни незгоди. Состојбата е загрижувачка и поради тоа што на булеварот „Александар Македонски“, кој е во должина од речиси два километра, се наоѓаат детската градинка „Цветови“, основното училиште „Крсте Петков Мисирков“, спортската сала „25 Мај“, автобуската станица и зградата на Општина Радовиш и на подрачните единици на министерствата.

Пеколен булевар

Во главниот булевар се приклучуваат и сите улици кои водат кон фабриките. Овој булевар е фреквентен и лете и зиме. Граѓаните кои живеат на овие улици  пред десетина години поднеле иницијатива до општината, а еднаш и петиција за решавање на овој проблем. Општината никогаш не им одговорила.

Граѓаните со кои разговараше Локал Актив велат дека ситуацијата е особено загрижувачка во текот на летото и за време на празниците кога на краток период се враќаат печалбарите. Тогаш централното градско подрачје се гуши од автомобили.

„За време на летото, особено навечер, ситуацијата на булеварот е ужасна. Јас живеам во стан и секоја вечер слушам млади со бучни мотори кои возат неконтролирано и со над дозволена брзина, бидејќи се тркаат и со тоа ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот, како и на пешаците. Сметам дека секоја вечер за време на летото треба да има контрола“, рече граѓанин кој живее на булеварот „Александар Македонски“.

Снимка од булеварот „Александар Македониски“ во Радовиш

Слична е и состојбата со безбедноста на учесниците во сообраќајот и за оние граѓани кои живеат на кејот. Најмногу реакции и сообраќајни несреќи има токму на улицата „Кеј 8-ми септември“, каде што според податоците на МВР за само осум месеци се случиле шест сообраќајни несреќи. Граѓаните велат дека оваа бројка е многу повисока, бидејќи дел од несреќите се решаваат со потпишување на Европски извештај за сообраќајна несреќа.

Радовишани со години реагираат до Општина Радовиш и до Полициската станица со барање да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а најмногу безбедноста на пешаците.

Дваесет и осум годишниот Звонко Кикереков за Локал Актив вели дека на улицата „Кеј 8-ми септември“, каде што живее, еднаш бил повреден, а бил и сведок на повеќе сообраќајки. Како граѓани се обиделе да преземат иницијатива, и до Општината Радовиш доставиле барање за поставување на така наречени „лежечки полицајци“, како и на сообраќајни знаци кои ќе влијаат да се намали брзината на возилата, бидејќи на оваа улица во Радовиш има две училишта  – едно средно и едно основно.

Пред повеќе од десет години упатиле и петиција  до Општина Радовиш за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот. Побарале и поголемо присуство на полициски службеници. Општината воопшто не одговорила на граѓанските барања.

„Проблем со брзото возење по нашата улица трае повеќе од 20 години. После неколку неуспешни обиди да бидат поставени бариери кај ООУ „Никола Карев“,  едноставно се откажавме. Загрижувачко е колку брзо се вози и дека секој момент може некој да настрада“, вели Кикиреков.

„Можам да кажам дека 99% отсто од сообраќајните несреќи кои настануваат на патиштата претежно се од субјективни причини и затоа мора да се работи на едукација на учесниците во сообраќајот. Искуството ни кажува дека додека кандидатите полагаат за возачка дозвола, ги користат сите правила и прописи, ги користат и безбедносните појаси, но кога ќе ја земат возачката дозвола, сите правила пропаѓаат во вода“, смета сообраќајниот инженер Роберт Рогожаров.

Млада девојка која исто така живее на оваа улица, но блиску до ООУ „Никола Карев“, укажува дека по асфалтирањето на улицата, преградата за успорување на сообраќајот, која привремено била тргната додека траеле работите, никогаш не била вратена.

„И коли и мотори буквално ја прелетуваат улицата, а јас цело лето не видов полиција да прави контрола на оваа улица и во овој дел. Откако завршија со асфалтирање на улицата пред училиштето, не е поставен „лежечкиот полицаец“, кој стоеше пред да се асфалтира улицата“, изјави таа.

Општината и полицијата: институции кои мора блиско да соработуваат - но ни оддалеку не го прават тоа

Според законите за локална самоуправа и за полиција – полицијата е таа којашто го контролира сообраќајот, додека надлежност на општината е да ги уредува сообраќајните услови. Двете инстанции на владеење мора да имаат блиска соработка и координација. Но, во овој сообраќаен хаос, на кој укажуваат граѓаните, општината реагира на отсуството на соработка со сообраќајната полиција.

„Полицијата не сака да соработува со локалната самоуправа. Ние имаме проблеми и со зонското паркирање, а од друга страна имаме бојкот од сообраќајната полиција која не ги казнува несовесните граѓани кои паркираат на тротоари, зелени површини, паркирани на места кои не се обележани и веќе две години луѓето се паркираат секаде, само не на обележаните места“, изјави Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш.

Од СВР Струмица – ОВР Радовиш пак, негираат и велат дека во рамките на своите надлежности секојдневно преземаат превентивни, но и репресивни мерки и активности со цел зачувување на, како што велат, „поволна безбедноста состојба и безбедно и непречено одвивање на сообраќајот на подрачјето на ОВР Радовиш“.

„Полициски службеници се секојдневно присутни на терен и се преземаат интензивни мерки и активности. ОВР Радовиш досега нема наидено на несогласувања со Општина Радовиш, постои соработка по заеднички прашања, постои соработка за активности на општината кога има потреба од ангажирање на полициски службеници, а некои прашања околу сообраќајот се решаваат според надлежностите на овие две институции“, одговорија од СВР-Струмица за Локал Актив.

Снимка од булеварот „Александар Македониски“ во Радовиш

Но, градоначалникот Ристов стои на ставот дека нема соработка со сообраќајната полиција и како пример ја посочува конкретната иницијатива, кога била направена Вибер група за комуникација во функција на побрзо решавање на непрописно паркираните возила. Во групата во која членови биле и двајцата командири од сообраќајната полиција и нивниот началник, се поставувале фотографии за кршење на сообраќајните правила и непрописно паркирање.

„Имаме објавено преку 500 слики во таа група, но никој од нив не презеде ништо. Ние имаме системски проблеми во државата. Сѐ додека не се реши таа хиерархија во децентрализацијата, тешко ќе функционираме“, кажа градоначалникот.

Според сообраќајниот инженер и поранешен член на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Роберт Рогожаров, општината и полицијата треба блиско да соработуваат. На пример, кога општините градат улици или поставуваат семафори, тогаш полицијата дава одобрение за тоа дали е во согласност со законот. Ова значи дека за какво било прашање поврзано со сообраќајот, двете страни мора да соработуваат за доброто на учесниците во сообраќајот.

„Во однос на тоа зошто нема координација помеѓу двете страни во Општина Радовиш, јас само ќе кажам дека тоа е Македонија, секој е газда на сѐ. Ваквата ситуација воопшто не е во ред, бидејќи истото придонесува за тоа граѓаните на општината да немаат безбедни улици. Кај нас има практика ако на пример таквите чинители се од спротивни партии, често нема да дојде до согласување, што е најголем апсурд во оваа држава, зборувам ако тоа би било несогласувањето“, вели Рогожаров.

Општината има анализа и план – но за следната година

Нов кружен тек, додека на повеќе локации се планирани успорувачи на сообраќајот, прегради или попознати како „лежечки полицајци“. Тоа е одговорот на општината на сообраќајниот метеж. Но, засега тоа е само план на хартија, во Проектот за воведување на регулирано паркирање, што по нарачка на општината пред близу две години го изработил сообраќаен инженер од Струмица.

Успорувачите се во план за следната година, а една таква бариера за општината би чинела од 300 до 400 евра. Ова ни го кажа градоначалникот Ристов, кој ни објасни дека е изработена анализа со утврдени локации каде што треба да се интервенира за да се подобри безбедноста во сообраќајот.   

Фотографија од сообраќаен знак каде што е обележан „лежечки полицаец“

„Сообраќајниот инженер беше ангажиран да посочи локации на кои евентуално ќе бидат поставени тие успорувачи. Најверојатно ќе одиме со решение успорувачите да станат и пешачки премини. Тоа ќе бидат пречки на кои возилата ќе можат да се качат на тие подигнати успорувачи и потоа да се симнат безбедно, без оштетување на возилата. Самата површина на подигнатиот успорувач ќе биде обележана со сосем поинаква боја и на неа ќе има обележано пешачки премин“, кажа Ристов.

Тој објасни дека левата страна на булеварот и улица Плачковица од кружниот тек па сѐ до излезот од Радовиш кон планината Плачковица е регионален пат и таму без согласност од Јавно претпријатие за државни патишта не смеат да поставуваат успорувачи.

Во моментов се изработува нов сообраќаен проект за влез на Радовиш со булеварско решение каде ќе има кружен тек на влезот на градот. Ако општината успее да вметне уште еден кружен тек кај Јавното претпријатие за шуми, сметаат дека ќе го успорат сообраќајот. Сегашното булеварско решение не дозволува да има успорувачи.

Ристов ги сподели локациите за поставување на „лежечки полицајци“.

„Кејските улици секако се детектирани како небезбедни, бидејќи на кејската улица имаме училиште. Најверојатно ќе има и кај Градскиот пазар. Улица „22 октомври“ е исто така детектирана како ризична, со тоа што таа улица е многу фреквентна. Потоа десната страна на булеварот, но за овој дел можеби ќе има и друго сообраќајно решение“, изјави Ристов.

Граѓаните ја посочуваат како небезбедна и улицата „Свети Спасо Радовишки“ на излезот од градот, каде возачите знаат да направат огромни проблеми бидејќи нема кој да ги запре. 

Погрешно паркирање

Инструктор од една авто-школа укажува на уште еден проблем што треба да го регулираат заеднички општината и сообраќајната полиција, а тоа е паркирањето на возилата.

Долгогодишен инструктор во авто-школа вели дека многу мал дел од возачите ги почитуваат правилата и прописите. Исто е и со пешаците. „Кога станува збор за пешаците, помал дел од нив се културни и се движат по правилата. Поголемиот дел од нив се движат дијагонално, се движат на сред улица каде не е обележан пешачки премин. Мојата забелешка како инструктор е што пред двете основни училишта во Радовиш нема „лежечки полицаец“. Но, последниот период забележувам дека кај ова училиште полицијата секој школски ден е присутна и го регулира сообраќајот, но тоа не е трајно решение. Што се однесува до обележувањето на пешачките премини и ленти, тоа се прави многу ретко“, вели инструкторот.

„Хаосот со зонското паркирање, особено настанува во централното градско подрачје, каде возачите со своите возила застануваат кратко, тргнуваат, се паркираат непрописно. Тоа за мене не е вистинско зонско паркирање. На пример ние имаме улици каде имаме зонско паркирање, а тие се тесни и се случува ако некој лошо е паркиран, да не бидеш во можност да возиш. Со тоа се попречува сообраќајот и настануваат гужви. Исто така, сакајќи возачите да избегнат да плаќаат зонско паркирање, се паркираат во споредните улици и таму настанува тотален хаос“, кажа инструкторот.

Тој даде свое видување и за цените на зонското паркирање во Радовиш. 

„Како за мал град, зонското паркирање кај нас е скапо. Паркингот во централното градско подрачје и зоните околу него се 30 денари од саат, што е прескапо. Град како Штип кој е доста поголем од Радовиш има поевтино зонско паркирање, што е апсурд“, вели инструкторот.

Очекувајќи ги безбедносните камери

Во земјава неколку години се зборува за инсталирање на камери на автопатиштата и во неколку поголеми градови, кои ќе ги регистрираат сите прекршоци на учесниците во сообраќајот, по што ќе добиваат и соодветни казни. Радовиш не е на оваа листа на градови.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во неколку наврати најавува дека ќе профункционираат надзорните камери на патиштата, како дел од  системот „Безбеден град“. Камерите кои ќе откриваат прекршоци во реално време, за почеток ќе бидат поставени во Скопје, Куманово и Тетово, а подоцна системот треба да функционира во целата држава. Тошковски вели дека за почеток само ќе се предупредува. Комуникацијата меѓу полицијата и прекршителите ќе се одвива преку телефон и онлајн.

Тој истакна дека системот ќе функционира и преку мобилна апликација. Граѓаните кои ќе ја имаат инсталирано на својот телефон, ќе можат веднаш да добијат информација дека сториле прекршок и дека се казнети. Ќе се казнува сопственикот на возилото, но во разумен рок, ако се утврди дека возел некој друг, според признание кое ќе се совпадне со доказите од снимката, казната ќе му биде врачена на оној, кој го направил прекршокот. Граѓаните кои имаат адреса во земјава, казната ќе ја добијат и по пошта.

Наспроти евидентниот проблем со сообраќајниот метеж во Радовиш, засега сѐ е во фаза на планови, анализи и решенија за некои други времиња. Само четири месеци нѐ делат до летото, кога на сцена ќе стапат ноќните трки, брзото возење, враќањето на печалбарите кои ќе ја зголемат фреквенцијата на возила.

Радовишани предупредуваат дека свеж и болен е трагичниот случај со прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова во Скопје. Фросина може да биде секој и не само во Скопје, туку и на улиците во Радовиш  – потсетуваат граѓаните.

 

* Кристијан Трајчов е граѓански активист од ВИА АД АСТРА Радовиш.

** Викторија Димитрова е новинарка.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE