Повеќе од пет години жителите од кочанските села Горни и Долни Подлог и Мојанци се без јавен превоз, а исто толку време трае институционалната борба за поврзување со Кочани преку воведување на градски автобуски превоз. Од градот, овие населени места се оддалечени околу 5 километри, или околу седум минути возење.
До општинската администрација жителите доставиле и две писмени барања, поткрепени со над 500 потписи собрани со петиција во 2020 година. Жителите се надеваат дека новата иницијатива, која ја поднесоа пред еден месец, ќе им го реши проблемот со јавниот превоз.
Во образложението на иницијативата стои дека со тоа ќе се обезбеди редовен, поевтин и лесно достапен превоз за околу 1.300 жители, колку што според Пописот од 2021 година, живеат во трите населени места.
„Не сме рамноправни со другите жители во општината, на пример Оризари, што е многу подалеку, имаат линија до самото село. До кај нас е блиску, линијата запира горе, во Индустриската зона, треба само да помине на кружниот тек и да се симне во нашите места. Два пати во денот е сосема доволно, за да бидат информирани луѓето и да патуваат со превозот“, истакна Ружа Стојмилова, подносителка на иницијативата.
По писменото барање до Општината од жителите на Горни и Долни Подлог и Мојанци, на последната седница на Советот имаше и советничко прашање до администрацијата.
„Неколку години ова барање е константно доставувано и е во фиока. Ве молам на граѓаните од овие села да им биде доставен одговор за ова барање, истакна Душанка Ѓорѓиева Трпевски, член на Советот на Општина Кочани.
Потребата од градски автоубски превоз особено се однесува за повозрасните жители од трите села кои имаат потреба од лекарска и друга помош, а користењето такси превоз до Кочани и назад ги чини околу 500 денари.
Потребата од градски автоубски превоз особено се однесува за повозрасните жители од трите села кои имаат потреба од лекарска и друга помош, а користењето такси превоз до Кочани и назад ги чини околу 500 денари.
„Повеќето се стари луѓе и жени останати сами без семејства и децата им се во странство, а немаат доверба со секого да се превезуваат. Дури се изложуваат на голем ризик, поминуваат низ жицата, горе на експресниот пат, за да поминат и да се качат во автобусот. Не само нивниот живот што го ставаат во опасност, туку и животот на тој што вози по автопатот. Таму се вози брзо, не може веднаш да застане, а ние во поодминати години знаете како се движиме“, додаде Стојмилова.
Видливи се оштетувањата на оградната мрежа, која дури е и остранета на местото каде што жителите го поминуваат експресниот пат Штип – Кочани за да стигнат до постојката на која застанува градскиот автобус во индустриската зона. За среќа, до сега немало посериозни последици, но опасноста останува.
Пред неколку години, кога ја доставиле иницијативата, жителите добиле одговор од општинската администрација дека од финансиски аспект не постојат пречки, односно од општинскиот буџет можат да се издвојат средства за субвенциионирање на возниот билет. Сепак, како што им одговориле, општината смета дека се неопходни технички усогласувања, односно обезбедување сообраќајна дозвола за превозникот за продолжување на линијата, определување на точните локации за постојките, утврдување на возниот ред и слични детали што требало да се разгледаат со сообраќјната инспекција и со МВР.
Последниот договор што Општина Кочани го потпишала со давателот на услугата за градскиот превоз е склучен во март минатата година и е со важност од две години. Токму затоа, жителите од трите рамничарски села повторно ја поднеле инцијативата, за да има време целата процедура да се заврши пред локалните избори, со надеж дека идната локална власт ќе го исполни нивното барање.
Т.А.


