Солидарноста на дело за Кочани

Кој со што најдобро може, помага. Таков е впечатокот во овие десетина дена по трагедијата во кочанската дискотека Пулс, во која загинаа 59 млади луѓе, а 203 лица беа повредени. Се собираат донации, се дава правна помош, психолозите се на терен. Многу хумани луѓе, граѓански организации и активисти понудија помош на настраданите и нивните семејства. По некои од најбројните групи на социјалните мрежи луѓе од цел свет, многу раселени Македонци понудија сместување, понуда да им се најдат на семејствата кои отпатуваа во земјите каде нивните деца беа упатени на лекување. 

Таа помош и до денес не престанува, па сѐ уште може да се прочита порака во која некој наш човек се нуди да претрча до болницата, да ги најде родителите и да им помогне додека очекуваат добри вести од странските лекари. Список со телефонски броеви од луѓе низ земјите и градовите, каде што се префрлени на лекување децата од Кочани, кои се понудија да помогнат е споделен на ФБ групата „Кочани со срце за чист воздух, вода и почва“, која од првиот момент стана своевиден Кризен штаб со информации кои се споделуваа од секаде.

По првичниот шок, кога најтешко повредените беа транспортирани по странските болници, млади кочанчани ја основаа интернет страната support-kochani. Преку триесетина волонтери постојано работат да им помогнат на сите кои сакаат да донираат, да добијат податоци и потоа да уплатат средства. До 24 март беа собрани над 12 милиони денари, но како што објасни Иван Ивановски, еден од иницијаторите, оваа сума не е нужно точна, бидејќи уплатата на донациите е директно на сметките на семејствата.

Во соработка со локални граѓански организации, здружението Конект од Скопје  отвори солидарна линија во донаторскиот фонд за поддршка на семејствата на загинатите и засегнатите од пожарот во дискотеката во Кочани.

„Средствата се наменети за итните потреби на семејствата како и за справување со последиците“, пишува на платформата ОпОп, каде до сега се собрани 164.200 денари.

Фондацијата ИКРАУД формираше донаторски фонд за помош на семејствата на настраданите. „Трагедијата во Кочани ги потресе сите! Секој прилог е важен! Кампањата е отворена до крајот на месецот“, стои во повикот на платформата, која ја основа докторот Ненад Лазаров. До сега се донирани 5.434.320 денари. Преку оваа платформа, на иницијатива на Асоцијацијата на ивент индустрија ИВАП се собираат донации за семејствата на музичарите, кои загинаа во пожарот во дискотеката, додека беа на работа.

„За Андреј, Панчо, Сара, Ана, Ѓорѓи, Филип, Александар, Игор, Александар, Мартин, Стево, Горан, Виктор.  Нашата индустрија е изградена врз тимска работа, доверба и меѓусебна грижа. Време е да покажеме дека стоиме еден покрај друг, не само во моментите на успех, туку и тогаш кога е најтешко. Во оваа група има музичари, фотограф, тонец, рентал компанија, технички лица. Сите ние ја делиме истата пасија, а тоа е да создадеме магија на сцена,“ напиша Маја Бабиќ од асоцијацијата во повикот за собирање донации.

Црвен Крст ја има една од најголемите улоги за помош на настраданите и нивните семејства и во вторникот на 25 март на секое од семејствата им додели по 150.000 денари.

За две семејства на починатите лица и 24 семејства на повредените лица кои се лекуваат во странство се чекаат дополнителни податоци за да може да се изврши исплатата и за нив. Во тек е прибирање на податоци за повредените кои се лекуваат во државата. Заклучно со вчерашниот ден собрани се вкупно 61.852.758,00 денари, соопшти организацијата Црвен Крст.

Во меѓувреме, индивидуално, повеќе граѓански здруженија излегоа со помош и поддршка, во зависност од тоа со што се занимаваат.

Хелсиншки комитет објави дека нуди правни совети и помош за семејствата на настраданите кои имаат потреба.

„За таа цел можат да ни се обратат на телефонскиот број +389 2 3119 073. Во периодот што следува Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ја следи истрагата и постапувањето на надлежните институции. Од тие причини очекуваме транспарентност и информирање за преземените дејствија и утврдената фактичка состојба. Очекуваме за утврдените незаконитости да следува соодветна одговорност за сторителите,“ објавија од организацијата.

Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес понуди психолошка поддршка до родителите и семејствата на настраданите преку д-р Вангелица Гаврилова (психотерапевт). Тимот на Првиот семеен центар (ПСЦ), ХЕРА, нуди бесплатно психолошко советување за сите засегнати лица во трагедијата во Кочани.

„Доколку ви е потребна поддршка, ве охрабруваме да ни се обратите на 070 249 596“, објавија од ХЕРА.

Програмата Цивика Мобилитас објави список со организации кои понудија помош:

Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари нуди психолошка поддршка за родителите на децата погодени од трагедијата.

Center for Youth Activism KRIK / КРИК нуди бесплатна психолошка помош во Мултифункционалниот центар.

First Children’s Embassy in the World Megjashi Republic of Macedonia и нејзиниот тим на психолози се на располагање за директни средби и телефонски консултации.

Macedonia2025 ја започна кампањата Hope for Kočani – Support the Families. Собраните средства ќе бидат директно префрлени на Црвен крст на Република Северна Македонија.

Помошта и поддршката на многу луѓе, иницијативи, организации и активисти не престанува и во деновите кога полека почнува враќањето дома на повредените од болниците. Над 150 психолози од Комората на психолози се низ училиштата во Штип, Кочани и Виница, каде учеа дел од загинатите деца.     

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE