Кој ја замати водата во Струмица?

Автори: Ѓорги Танушев* и Сузана Мицева**

Помина речиси половина година од водната криза во Струмица, кога еден месец беше забранета за пиење водата од водоводот, а граѓаните сѐ уште не дознаа која е причината што енормно се зголеми присуството на отровниот манган во водите на акумулацијата Турија, од каде градот се водоснабдува.

Некои толкуваа дека е тоа природна појава, за други тоа било злоупотреба во политички цели, а за трети тоа беше доказ за неспособност во работењето на јавните институции. Граѓаните не дознаа која од овие три тези била точна, а водоснабдувањето продолжи нормално. Никој од надлежните од институциите на централната и локалната власт не одговори што е преземено доколку се повтори проблемот со манганот и дали има план за вонредни состојби? И дали Струмица има резервно водоснабдување?

Хронологија на водната криза

За зголемените количини на манган во водата во градскиот водовод се дозна кон крајот на септември, кога Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) издаде решение за забрана за пиење на водата од струмичкиот водовод. Јавното комунално претпријатие Комуналец од Струмица ги информираше граѓаните дека каллива вода доаѓа од акумулацијата Турија до фабриката за вода и невозможно е да се прочисти до ниво на консумација.

Браната Турија e главен извор на вода за пиење на граѓаните на Струмица,  населените места Дабиле, Добрејци, Просениково, Градско Балдовци, Баница и Водоча, но и на Општина Василево. Покрај тоа, таа се користи и за наводнување на околу десет илјади хектари земјиште од Струмичко Поле. Со браната стопанисува државното претпријатие АД Водостопанство, преку подружницата Струмичко Поле.

На почетокот на кризата со вода во Струмица, од ова претпријатие се бранеа дека не постои водна криза во Струмица. Директорот Лазо Ѓоргиев објасни дека од вкупниот капацитет на акумулацијата, кој изнесува околу 50 милиони метри кубни вода, браната има околу 12,5 милиони метри кубни вода. Иако последниве години има долги сушни периоди, нивото на вештачката акумулација која ја снабдува со вода цела Струмица и околните места, но и го наводнува Струмичко Поле, според раководството, вода има доволно. Ѓоргиев тогаш рече дека мора да се води грижа за акумулацијата и дека се потребни инвестиции, но, во минатото имало случаи кога нивото на водата било пониско, како пред дваесетина години, кога паднало до осум милиони метри кубни вода.

Сепак, проблемот со количеството на водата во акумулацијата за директорот на Струмичко Поле падна во втор план. Истиот ден кога се објави Решението од АХВ (29 септември 2024 г.), директорот Ѓоргиев излезе на прес конференција во која обвини дека локалното претпријатие Комуналец должи близу 70 милиони денари за вода, долг стар седум години. Проблемот со водата тој воопшто и не го спомна, иако бил запознаен со актуелната ситуација. На новинарски прашања, потоа даде образложение дека  причина за толку заматената вода се неодамнешните дождови. Истото го повтори и по завршувањето на водната криза, еден месец подоцна.

„По долготрајна суша дојде до поголеми врнежи на дожд и тоа е една од претпоставките што дошло до заматување на водата во акумулацијата. По неколку денови имаше и земјотрес во близина на браната со интензитет од 3,3 степени по Меркалиевата скала потврдено од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), а освен тоа на местото Вуков дол има одронување, односно свлечиште. Овие се причините за кои претпоставуваме дека довеле до зголемено присутво на манган во водата, но мој став е дека оваа состојба природата ја создаде, но и природата ќе је среди“, изјави Ѓоргиев (11.10.2024).

Општина Струмица, во обид да покаже каква водата стигнува од акумулацијата во фабриката,  објави видео материјали во кои се гледаат басени со темно зелена вода. Градоначалникот Костадин Костадинов рече дека водата што ја испорачува Водостопанство е до толку загадена, што е невозможно да се прочисти до степен на питка вода.

Граѓаните кои почнаа да купуваат вода за пиење и готвење, пак, изјавуваа дека неколку недели порано се посомневале во квалитетот на водата од водоводот откако во славините добивале жолтеникава и матна вода, со невообичаен мирис. Институциите, според нашите соговорници, тогаш не предупредиле да не се пие водата од водоводот.

„Течеше кал од чешмата. Пишувавме на социјалните мрежи, во Фејсбук групи, тагиравме институции, никој не кажа ниту збор. Дури сега кога АХВ донесе решение, тие објавија. Којзнае ако не се откриеше, каква вода ќе пиевме“, вели Славица Ѓоргиева од Струмица.

„Јас ја забележав при готвење. Ќе го наполнам тенџерето, тече матна, темна вода. Тоа се немаше случено досега, колку години користиме вода од водоводот. И тогаш сами без да знаеме почнавме да користиме од извори вода, којашто не е од водоводот“, вели Мара Белева од Струмица.

Забраната за користење на водата од мрежата дојде по анализите на Центар за јавно здравје и од Агенција за храна и ветеринарство. Соопштија дека е пронајдено недозволено количество на манган, но не исклучија дека водата од водоводот може да содржи и други недозволени материи. Од комуналното претпријатие рекоа дека најголема причина се неповолните хидролошки услови во изминатите месеци.

Центар за јавно здравје е надлежен за контрола на водата за пиење од водoснабдителните системи. Според посочените анализи, тие редовно ја контролирале водата што ја пијат струмичани. Директорот на Комуналец, Љупче Љачев, го прикажа и планот за контрола на водата за пиење. Тој предвидува два пати во текот на денот испитувања на суровата, како и на чистата вода во сопствената лабораторија на филтер станицата, еднаш неделно испитување примероци од повеќе различни места од градот во лабораторијата на Завод за здравствена заштита од Струмица, како и четири пати годишно испитување на чистата вода во Републички завод за здравствена заштита во Скопје.

Раководството на Комуналец смета дека филтер станицата функционира беспрекорно, иако е стара точно педесет години. Според нив, проблемот е во квалитетот на техничката вода што стигнува од Турија.

Водата доби партиска боја

Проблемот со водата за пиење стана и тема за партиски препукувања. Па, така општинското раководство на ВМРО-ДПМНЕ ја обвини локалната власт за недомаќинско работење и негрижа за основните потреби на граѓаните, додека градоначалникот Костадинов возврати дека еден од начините да се надминат проблемите на Комуналец е да се зголеми цената на водата, што тој рече дека не го поддржува. Тој дури предложи на седница на општинскиот Совет да се ревидира цената на водата и да се плаќа како техничка во периодот додека трае кризата со вода во Струмица,. Со тоа треба да им се компензираат трошоците за питка вода, но и стресот на граѓаните.

Во меѓувреме Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, одржа прес конференција обвинувајќи ја локалната власт за неспособно раководење и неможност да обезбедат питка вода за граѓаните. Без да понуди конкретни решенија, тој не го спомна моментот со браната Турија и надлежноста на АД Водостопанство за оваа акумулација.

Кој е надлежен?

На ова прашање нема едноставен одговор, бидејќи секоја повикана институција се прогласи за ненадлежна. АД Водостопанство, кое управува со акумулациите, според Закон за води е должно да ги известува надлежните институции за сите промени во акумулациите. Според тоа, првично тие требало да реагираат за промената во акумулацијата Турија.

„Водостопанството и другите правни лица од членот 129 на овој закон, се должни да вршат мониторинг на состојбата на нивото и количеството на акумулираните води во акумулациите, како и на количеството на водите што влегуваат и што се испуштаат од нив, и за тоа да го известуваат органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина и органот на државната управа надлежен за вршење на стручните работи од областа на хидрологијата и метеорологијата“, се вели во Закон за води.

Според истиот закон, член 204, кога ќе се забележи промена во квалитетот на водата, кога тој не е во согласност со прописите и не може да се постигне, треба да се извести органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина во соработка со органот од областа на здравството. Тоа значи дека за овој случај не е надлежна само Општина Струмица, како што се упатуваше, туку и низа државни институции и министерства.

Според Закон за хидролошка дејност, пак, надлежни за акумулациите се и Управата за хидрометереолошки работи, каде во член 7 е наведено дека УХМР е надлежен за мерење и набљудување на површинските води во реки, езера, акумулации, но од УХМР велат дека никогаш не вршеле мерења на акумулации. Како што објаснија во одговорот до Локал Актив, УХМР има поставено 20 мерни станици на реките. Според нив постои законска недореченост и за прашањето за квалитетот на водата во акумулациите и препорачуваат да се консултираме со Министерството за животна средина и просторно планирање.

АД Водостопанство, подружница Струмичко Поле

Но, и ова министерство се изјасни како ненадлежно за акумулацијата Турија. На прашањата на Локал Актив дали ја следат состојбата со оваа брана, одговорија дека таа е одговорност на АД Водостопанство. Од АД Водостопанство, пак, потврдија дека се земени примероци од водата во Турија, но, немаат одговор зошто и досега не реагирале ако водата е видно заматена од кал.

Инспекторите од Државен инспекторат за животна средина излегоа на терен и направија надзор над брана Турија во Струмица. Се очекуваше по проверката да се посочат можните причини за зголеменото присуство на кал во водата поради која има висока концентрација на манган. Иако најавија објавување на сознанијата, тоа не го сторија.

Причини за појава на манганот

„Никогаш не е поврзано само со еден фактор“, објаснува професор Ѓорги Димов, декан на Факултет за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев“ -Штип.

„Манганот го има во седиментот на езерата, а особено во реките, онаму каде што има песок. Нашата геологија во околината на Струмица е предиспозирана да има манган. Го има во изобилие во животната средина. Јас не сум експерт токму за ова да зборувам, но, се трудев да истражувам особено сега кога беше актуелен случајот и да сфатам што може да доведе до толку висок процент на манган во водата“, вели професорот Димов.

Ѓорги Димов, декан на Факултет за природни и технички науки, УГД -Штип

Она што го истражувал Димов укажува дека постои можност тоа да се случува кога паѓа кислородот на пониско ниво во самото езеро и тогаш да се активира манганот. Тој смета дека станува збор за некој биолошки процес, нешто што се случува однадвор. Затоа Димов вели дека со прв дотур на свежа вода манганот ќе се врати во седиментот.

Бидејќи манганот се таложи на дното на езерото, а брана Турија не е чистена од нејзиното градење, еден од начините да се реши проблемот за во иднина е талогот да се исчисти. Димов смета дека тоа е механички процес што е изводлив.

„Нема никаков проблем да се исчисти талогот и да се спречи ова да се случува во иднина. Ќе биде добро и за самото езеро, ќе добие на волумен. А во иднина мора да се размислува и за дотур на свежа вода во езерото од некои нови бунари за да се одржува кислородот. Манганот не само што е многу присутен во животната средина, туку тој на некој начин е врзан за железото. Каде има железо, таму има манган. Но, пак ќе речам, сметам дека тоа е биолошки процес, исто како што биолошките цијаниди се од сино зелени алги, а не од некое друго загадување“, вели професорот Димов.

Експертите што ги контактиравме, велат дека доколку во водата во Турија има зголемена количина на кал единствено решение би била механичка филтрација на водата. Второто решение е втор извор на вода за градот додека се реши проблемот со браната, но Струмица за сега нема таква алтернатива.

Можни решенија

Општина Струмица генерално проблемот со водата го префрла кон владините институции.

Градоначалникот Костадин Костадинов смета дека не е решен проблемот и го повикува директорот на Водостопанство да дојде и да види дека има проблем со нивото на вода во брана Водоча, во Маркова Река.

Тој додава дека надлежните институции, како АД Водостопанство и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство останале незаинтересирани за проблемот со водата. Комуналното претпријатие кое управува со фабриката за вода, по неколкунеделни напори успеа да ја доведе водата во состојба за консумација.

Одговорните велат дека не знаат што е причината за неверојатно високата концентрација на манган.

„Полесно е да се изразам во бројки. Ако пред настанувањето на проблемот, количината на манган во сировата вода беше 0,07, 0,06 милиграми на литар, па кога настана проблемот тие концентрации се движеа од 0, 500, па 0, 700 и достигнаа и до 1,3 милиграми на литар. Потоа почна да се намалува. Застана на 0,7 а потоа и на 0,5 и сето тоа се случуваше во период од околу две недели“, рече Стојан Ефтимов, раководител во ЈПКД Комуналец – Струмица.

Што се случуваше со водата од брана Турија останува непознато, бидејќи никој не се зафати со детални анализи. Такви можат да се направат на пример во  Хидробиолошки завод – Охрид. Во оваа образовна научна институција велат дека може да се направат подетални анализи во нивното одделение за физичко-хемиски истражувања. Објаснуваат дека Општина Струмица од поодамна не побарала анализа на водата, како и многу други општини, со изговор дека таквите истражувања се прилично скапи.

„Овие истражувања се клучни и секогаш се поисплатливи од санирањето на проблемите кои се појавуваат со нередовна контрола. Истражувањата се прават со современи методи и воведени се нови параметри, со кои се истражува квалитетот на копнените води, меѓу кои и на акумулациите“, вели Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошки завод – Охрид.

Иако се малку, како што објаснуваат од оваа институција, има неколку градови каде редовно се врши проверка на квалитетот на водата.

За граѓанските активисти од Здрава котлина кои со години се занимаваат со еколошките проблеми на Струмица и регионот, трајно решение е изградба на регионална филтер станица во близина на браната Турија, со проектиран капацитет за филтрација на водата кој ќе биде доволен за градот Струмица и сите населени места во Струмичка Котлина.

И беровската вода збогатена со манган

Еден месец откако беше тргната забраната за пиење вода во Струмица, сосема идентична забрана беше издадена за водоводот во Берово. ЈПКР „Услуга“ – Берово, по наредба издадена од АХВ ПО Берово издаде соопштение на 12.11.2024 година, со забрана за пиење на водата од градскиот водовод поради зголемено присуство на манган.

Беровчани со вода се снабдуваат од акумулацијата Беровско Езеро, со кое стопанисува АД Водостопанство. Еден месец траеше забраната на водата за пиење, по што манганот се врати во нормални вредности. Од Општина Берово соопштија дека не знаат што го реши проблемот. Една од преземените мерки беше испуштање на одредена количина натоложена вода во акумулацијата. На една од седниците на Советот на Општина Берово беше кажана забелешка дека во Беровско Езеро веќе триесетина години нема нови интервенции, ниту системот темелно се одржува.

Во меѓувреме, останува институциите да се договорат и да си ги поделат надлежностите, па да се истражи проблемот со зголемената концентрација на манган во водата во Струмица, Берово, Тетово и Гостивар.

„Би се изградила дополнителна мрежна инфраструктура со која ќе биде поврзана новата регионална филтер станица со постоечките филтер станици, со што ќе се искористи инфраструкурата за фино допречистување пред да се дистрибуира водата до домовите на жителите на Струмичка Котлина. Постоечките извори на вода што моментално служат за водоснабдување на населените места ќе можат да се конзервираат за резервна функција. Со тоа долгорочно и ефикасно ќе се решат проблемите со безбедно водоснабдување во регионот и ќе се овозможи дистрибуиран резервен систем за вонредни ситуации“, велат од Здрава котлина.

Има ли алтернативен извор?

Во старите и сѐ уште актуелни планови за Струмица, алтернатива за Турија останува браната Водоча, која сега се користи за наводнување. Брана Водоча се наоѓа во сливот на реката Водоча  на 4,5 км спротивно од село Водоча и 14 км западно од Струмица. Градена е во периодот од 1962-1965 година, а со користење на водите за наводнување е започнато во 1966 година. Спаѓа во типот на камено – земјени брани со нафрлен и распаднат шкрилец. Намената и е за наводнување на дел од Струмичко поле со површина од 3100 ха и како резерва за водоснабдувањето на град Струмица. Меѓутоа,  во последните две децении на крајбрежјето на браната и во нејзината најблиска околина изникна дива викенд населба со повеќе од стотина куќи кои функционираат без одводна канализација, т.е. со септички јами. Уште пред шеснаесет години Општина Струмица најави дека дел од викендиците ќе се легализираат, а оние што се во најблискиот опфат на браната ќе се уриваат. Досега нема ниту една урната викендица. Поради тоа, квалитетот на водата се смета за сомнителен. Ниту општината, ниту државните институции се изјасниле за овој проблем. Во меѓувреме, бројот на викендици постојано расте.

Еколошките здруженија сметаат дека е недозволиво да се остави огромниот потенцијал на браната Водоча и да се занемари нејзината важност за опстанокот на цел регион поради дивоградбите кои со децении го узурпираат и уништуваат заштитниот појас на акумулацијата.

„Во меѓувреме треба да се срушат и отстранат дивоградбите во заштитната зона на езерото Водоча со цел да се поврати квалитетот на водата и да се заштити езерото од понатамошна деградација. Дополнително може да се изгради резервен цевководен систем за доведување на вода од езерото Водоча до предпроцесниот резервоар во Струмица“, предлага Здрава котлина.

Стојан Ефтимов, раководител во ЈПКД Комуналец - Струмица

Освен Водоча, Струмица може да размислува и за ископ на нови бунари. Проблемот е што основните геолошки и хидрогеолошки истражувања и мапирање во подземниот речен слив на Струмица биле направени во 1973 од страна на Геолошки завод од Скопје. Од тие истражување се добиени информации за геолошките услови на локалитетот, регионалниот литолошки состав (на карпи и камења) и општата геолошка формација на теренот. До сега не се направени конкретни детални истражувања во регионот. Мониторингот на подземните води се вршел со 23 пиезометрички бунари направени во 1953 година. Пиезометричките бунари се направени за мерење на нивото на водата, стресот во карпестите формации и динамиката на течности. Но, од 2000 година, само два од нив се функционални, се забележува во Планот за управување со речниот слив на Струмица 2016-2027 година. Според научните сознанија, Струмица може да размислува за копање на бунари во месноста Софилар, но колкави се моменталните потенцијали на тие водни резерви сѐ уште не е проверено. Во меѓувреме, останува институциите да се договорат и да си ги поделат надлежностите, па да се истражи проблемот со зголемената концентрација на манган во водата во Струмица, Берово, Тетово и Гостивар.

Здрава котлина смета дека алтерантива со подземни бунари е важно да се обезбеди за градот и населените места во целата котлина, за да се избегнат ситуации како онаа во септември.

Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошки завод - Охрид

„Предлагаме посебен концепт за алтернативно водоснабдување на Струмица од подземни води има за цел да го подобри квалитетот на водата преку изградба на систем кој вклучува шест бушотини за подземна вода со вкупен капацитет од 100 л/с, чија вода ќе се пумпа во собирен резервоар од 5000 м³. Од таму, водата ќе се пренесува во помал пред-процесен резервоар (1500 м³), каде што ќе се меша со сурова вода од цевководот од Турија за да се намалат концентрациите на манган и други растворени материи. Пред-процесниот резервоар ќе има каскаден систем и распрскувачи за подобро мешање и оксидација, овозможувајќи ефикасно таложење на нечистотиите пред водата да продолжи кон постојната филтерска станица за конечна пречистка“, додаваат од Здрава котлина. Според нив овој пристап го оптимизира процесот на третман, обезбедувајќи безбедна вода за употреба.

Граѓаните на Струмица останаа без официјален институционален одговор како и зошто се појави манганот, а по одредено време сам од себе исчезна. Што ако утре се повтори случајот со манганот? Пак ли ќе се чека еден месец, за природата да го реши проблемот? Премолчувањето на оваа појава остава простор за нови партиски препукувања во иднина, но и можност граѓаните повторно да бидат оставени без питка вода.

* Ѓорги Танушев е граѓански активист на организацијата Здрава Котлина.

** Сузана Мицева е новинарка

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE