Владата ја прифати оставката на Љупчо Папазов, Советот на Општина Кочани треба да назначи в.д. градоначалник

Повеќе од половина месец по трагичниот пожар во дискотеката Пулс, Локалната самоуправа на Кочани сѐ уште е обезглавена откако градоначалникот Љупчо Папазов си поднесе оставка, а потоа му беше одредена и мерка притвор. Општинската администрација функционира во специфични околности, не само поради отсуството на првиот човек, туку и поради тоа што дел од вработените се соочија со семејни трагедии, па некои од нив сѐ уште се немаат вратено на работа.

Папазов, со неотповикливата оставка не успеа за приближно седум месеци да го заврши четиригодишниот мандат што го доби од граѓаните на Локалните избори во 2021 година. Негов заменик е координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општината, Мирче Стојков, кој изјави дека освен протоколарна улога, нема никаква надлежност во работењето на Локалната самоуправа. Во моментов нема ниту потписник на општинските сметки.

Фотографија од приватна архива

„Мојата функција е советник во Општината и немам депонирано потпис во Централен регистар, така што е дискутабилно дали можам да потпишувам документи. Ова е прв ваков случај, се работи за правен лавиринт со кој ниту една општина досега не се соочила, па има различни мислења меѓу правните експерти за валидноста на мојот потпис“, истакнува Стојков.

Според членот 54 од Закон за локална самоуправа, Стојков веќе го информирал Министерството за локална самоуправаза настаната ситуација, а Владата на својата 65 седница, што се одржа на 1 април, ја констатираше оставката на Папазов и истата треба да биде објавена во Службен весник.

Во рок од 30 дена од денот на објавувањето на владината одлука, Советот на Општина Кочани треба да избере еден од своите членови што ќе ја врши должноста на градоначалникот во периодот до изборот на нов градоначалник. Изборот на в.д. градоначалник е според истата постапка со која се избира претседател на Советот – со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Според преодните и завршните одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа од 2024 година, избраниот член останува да ја врши должноста градоначалник на Општината до изборот на градоначалник на првите редовни локални избори, коишто во овој случај треба да се одржат во октомври.

Т.А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE