Над 200 семејства во социјален ризик добија велигденски пакети

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, во акцијата „Љубовта е давање, а давањето е љубов“, беа обезбедени пакети со основни животни продукти. Акцијата ја спроведе фондацијата Елеуса за над 200 семејства, кои се соочуваат со тешка социјална и економска состојба и не можат да обезбедат средства за основните потреби.

Пакетите со основни прехранбени и хигиенски производи беа обезбедени со поддршка од хумани граѓани и општествено одговорни компании кои редовно се вклучуваат во активностите на фондацијата.

Фотографија од акцијата на фондацијата Елеуса

„Оваа година работевме по малку поинаков принцип. Претходно собиравме храна преку училишта и маркети, но годинава за првпат испративме директни барања до компании од Струмица и регионот. За наша голема радост, тие позитивно одговорија и донираа голем дел од потребните производи. Пакетите веќе се доставени во струмичките села, Ново Село, Василево, Пехчево, Берово и Дојран“, изјави Наташа Василевска Трајчевска од фондацијата Елеуса.

Од Фондацијата велат дека радува зголемениот број волонтери, како и растечкиот интерес од граѓани и компании да донираат и да помогнат. Сепак, загрижува фактот што сѐ повеќе семејства се наоѓаат во ситуација да не можат да си обезбедат ниту основен оброк.

„Тоа е голем минус за нашето општество. Се надевавме дека со тек на време бројот на пакети ќе се намалува, но за жал, тој расте. Почнавме со 120 до 130 пакети, а сега сме над 200. Тоа значи дека сѐ повеќе луѓе живеат во сиромаштија и не можат да си дозволат достоинствена празнична трпеза. Не сакаме ни да помислиме како изгледа нивното секојдневие“, додаде Василевска Трајчевска.

Покрај празничните акции, фондацијата Елеуса секојдневно реализира и други хуманитарни проекти и обезбедува топол оброк – бесплатна, топла храна седум дена во неделата за голем број граѓани.

Од Фондацијата најавуваат дека нивната хуманитарна мисија ќе продолжи и во иднина и упатуваат апел до сите граѓани: „Да дадеш, да споделиш, да помогнеш, тоа е љубов на дело“.

З.Ѓ.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE