Наплаќале од граѓаните за одржување на јавна чистота, но само 24 отсто од собраните средства ЈП Исар – Штип ги уплаќал на општинска сметка. Со тоа, има помалку остварени приходи во буџетот на Општина Штип поради што се доведува во прашање континуираната реализација на програмските активности за одржување на јавната чистота.
Ова е само еден од бројните наоди на Државен завод за ревизија (ДЗР) за работењето на штипското комунално претпријатие за 2023 година. На вработените им биле исплаќани поголеми плати од законски пропишаните, заостанале со враќање на ратите од кредитот кон Министерство за финансии, додека претпријатието продолжува да бележи загуба на вода од 60,17 отсто и покрај постојаното укажување на физичките губитоци на вода. Дополнително, јавните површини се полеваат со преработена вода, што не се евидентира никаде.
„Поради неусогласеност со законската регулатива во делот на пресметка на плата исплатени се поголеми износи на плата, додатоци и надоместоци на плата на вработените што придонесува за поголеми трошоци на претпријатието и има влијание на резултатот од работењето“, пишува во извештајот на ДЗР.
Додека претпријатието се соочува со повеќе недостатоци во финансиското работење, за периодот за кога се врши ревизијата, се врши постојана промена на в.д. директори. Ревизорот укажува на непочитување на законот, според кој три месеци пред истекот на мандатот на именуваниот в.д. директор треба да се распише јавен конкурс за избор на директор, што во случајот со Исар не е направено.
„Именувањето на вршител на должност директор во континуитет повеќе од две години, без спроведен јавен оглас не обезбедува транспарентност и конкуренција за избор на лице за вршење на оваа функција и има влијание врз управувањето и раководењето со претпријатието. За надминување на ваквата состојба, градоначалникот на Општина Штип треба да ги преземе потребните активности за спроведување на постапка за избор на директор со кој ќе се склучи договор за регулирање на меѓусебните права и обврски“, укажува ревизијата.
Во 2005 и 2006 година на претпријатието му е дадена позајмица од 16,7 милиони денари од наменската сметка од собраните пари од самопридонесот, но парите никогаш не биле вратени. ДЗР укажува дека средствата треба да бидат вратени на сметката.
Едно од покарактеристичните наоди на ДЗР е од увид во склучените договори за одвод на отпадните води, каде е утврдено дека Исар склучил договори со само 68 % од вкупниот број на корисници. Овој недостаток бил констатиран и во ревизијата со 2005 година.
За депонијата Трештена скала, каде се одлага отпадот од Штип и соседната Општина Карбинци, ДЗР утврдува дека не е оградена, нема струја, нема вода, ниту физичко обезбедување, неконтролирано се изнесува отпад, поради што често истата е извор на запалување и пожари, односно загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето.
До сега Исар не добил дозвола за вршење на дејност депонирање и третман на отпадот издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање, што не е во согласност со одредбите на член 60 став 6 и член 64 од Закон за управување со отпад.
„Непоседувањето на дозвола ја доведува во прашање законитоста и одговорноста на јавното претпријатие како давател на услуги во вршење на неговата дејност, а невоспоставената пропишана евиденција и недоставување на консолидиран извештај со податоци за управување со отпадот, влијае врз точноста и објективноста на информациите за загадувањето на животната средина во информативниот систем организиран од органот за животната средина“, се заклучува во ревизорскиот извештај.
Од подолгиот извештај на ДЗР, издвојуваме и дел со кој се свртува внимание на правните процеси. Исар во 2023 година е тужен од 99 вработени по основ на неисплатени додатоци на плата, регрес за годишен одмор и бонус на плата, како и неисплатени отпремнини и помош за смрт на член на семејство за долг од 4.885 илјади денари и неисплатени обврски за набавени стоки и извршени услуги спрема едно правно лице за долг од 2.902 илјади денари.
Јавното претпријатие за комунално-производни и услужни работи Исар Штип во 2023 година е тужена странка од 3 физички лица, по основ надомест на штета за долг од 875 илјади денари и задолжено со трошоци за извршување во износ од 94 илјади денари. Во исто време, претпријатието тужи 48 правни и 1.527 физички лица по основ на неплатени фактури за користени услуги за долг од 8.957 илјади денари.
Р.Л.


