Строго почитување на новата Реонизација е одговор на пресудата од Стразбур за сегрегација во ООУ „Гоце Делчев“ – Штип

На вчерашната седница на Советот на Општина Штип беше донесена нова Реонизација за штипските основни училишта, која треба да се примени во претстојните уписи на првачињата во текот на мај. Реоните се опишани со список на улици и, како што стои во одлуката, по препорака на Министерство за образование, како една од мерките за надминување на сеграгацијата над ромските деца што ги утврди Судот за човекови права од Стразбур.

Раководителката Снежана Санева на седницата на Советот рече дека училиштата и родителите ќе мора да се придржуваат на Реонизацијата, бидејќи децата треба да бидат запишани во училиштата во чиј реон припаѓаат, а дозволени се минимални исклучоци, базирани на квалификации и медицински наод. На пример, ќе се дозволи упис на дете со попреченост во училиште кое има помагало за искачување на скали или други потреби. 

„Има точно наведени услови под кои може да се прекрши реонизацијата. Тоа е детето да има наод и мислење доколку има посебни образовани потреби и доколку во училиштетото има подобри услови за настава отколку во училиштето во кое припаѓа“, рече Санева.

Бројот на првачиња кои се очекува да бидат запишани е 407, но сѐ до уписот не може да се знае точно колку ќе бидат. Планирани се 21 паралелка со првачиња во сите училишта.

До сега со Законот за основно образование беше овозможено родителите да ги запишат децата во кое било друго училиште, каде нема да бидат пополнети сите слободни места. Меѓутоа, со законските измени, таа можност сега е ускратена.

Покрај донесувањето на новата Реонизација во Штип, општината најавува воведување на уште неколку други мерки, со цел да одговори на утврдената сегрегација.

Родителите на ромските деца ќе бидат посетени и при тоа информирани дека нивното дете може да го запишат во училиштето каде реонски припаѓаат. Истата информација со точниот реон и училиштето каде треба да учат нивните деца, ќе биде доставена и до родителите од останатите етникуми.

Дополнително, како што објасни Санева, во план е организирање на превоз на деца кои би ги распределиле по различни училишта, додека посоченото училиште во пресудата од Стразбур, ООУ Гоце Делчев, би добило помешан состав на ученици.

Судот за човекови права во Стразбур пресуди прекршување на човековите права со утврдена сеграгација, со тоа што се формирани чисто ромски паралелки, без ниту едно друго дете од друг етникум.  

Р.Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE