Автори: Василчо Илијев* и Ване Трајков**
На 8 февруари 2024 година Мери Туџарова од Струмица, лице со телесен инвалидитет, стана советничка во Советот на Општина Струмица. 44-годишната дипломирана економистка и членка на Здружение на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Струмица во Советот влезе од листата на СДСМ, откако нејзин партиски колега замина да живее и работи за Германија.
Таа на претходните локални избори беше на 14 позиција на советничката листа, а во Советот влезе во втората половина од мандатот. Вели дека овие лица треба да бидат повеќе вклучени во органите на одлучување на локално и државно ниво, независно дали тоа ќе биде преку политички партии или граѓански иницијативи. На тој начин полесно ќе бидат артикулирани во јавноста нивните барања, но ќе бидат охрабрени и останатите да бидат активни во јавниот живот.
„Самото мое присуство во Советот е голем чекор напред за оваа категорија на луѓе – со попреченост. Како прво, пример сте за останатите лица со попреченост да се охрабрат и тие да се вклучат во општествениот живот, да се зголеми самодовербата кај овие лица со што ќе им се овозможи и тие да бидат активни чинители во општествениот живот, да се случи вистинска инклузија“, вели Туџарова.
Таа е горда што како советничка излобирала на Советот да се донесе одлука за стипендии за редовните ученици со попреченост на територијата на Општина Струмица. Паралелно горда е што Советот и понатаму го поддржува воведувањето образовни асистенти на лицата со попречености, за кои со години работела на овој проект кој почна од Струмица, а се прифати и во останатите општини.
„Со овие одлуки им се овозможува непречено вклучување во редовниот образовен процес на децата со попреченост, да се социјализират, да се образуваат, да придонесат да се подигне јавната свест кај останатите дека овие лица постојат и можат да опстојуваат, во иднина тие стануваат конкурентни на пазарот на трудот, самостојни граѓани и реализирани секој во својата област, па и како родители“, децидна е Туџарова.
Мери Туџарова важи за многу активна членка во општествениот живот. Има учествувано во креирањето на Законот за антидискриминација, во програмата за деинституционализација, во воведувањето на персонални асистенти на лицата со попреченост. Во изминатите 15 месеци постојано има поддршка од колегите, но смета дека лицата со попречност треба да ги има повеќе во органите на одлучување – на локално и државно ниво.
„На оваа прашање, веднаш ќе одговорам со едно големо ДА. Треба да ги има, бидејки тие најдобро знаат што им треба. Тие се дирекно засегнати со проблемите, доаѓаат директно од теренот и имаат најпрецизни информации за нивните потреби. Еве, ќе наведам примери врз основа на лични искуства, се дефинираше Законот за антидискриминација, како и настанувањето на проектот за персонална асистенција и изготвувањето на правилникот за користење на истата. Можеби нескромно е да спомнам дека бев координатор на овој проект, воедно и еднинствена како лице со попреченост. И во текот на работењето, моите предлози, забелешки и мислења беа земени предвид и истите беа применети. Не само на советнички листи, секаде треба да бидат застапени лицата со попреченост, се разбира доколу има издржаност за истото“, вели Туџарова.
Во пресрет на претстојните локални избори, кои се очекува да бидат закажани во октомври годинава, Туџарова упати порака до политичките партии да бидат флексибилни и во своите листи да стават и лица со попречености, се разбира оние кои можат. На тој начин ќе се демонстрира вистинска инклузија и демократија. А на лицата со попречености им порача да бидаат активни, бидејќи само со активизам може да се рушат бариери.
„Цело време јас упатувам една иста порака, не само до политичарите, туку до целиот универзум. И ние можеме и ние умееме. Ако мене ми е потребна помош за надминување на архитектонските бариери, вам можеби ви треба моја помош – да ви го поправам компјутерот. Ако моите прсти се деформирани, тоа не значи дека јас не знам и не можам да пишувам, затоа не судете според изгледот. Политичарите да го слушат нашиот глас, а лицата со попреченост да се охрабрат и да бидат поактивни, не мора да се гласни, доволно е да бидат активни, со самото тоа ќе променат многу нешта. Не е лесно да се пробиваат бариерите, но мораме, мораме за наше подобро утре. Тоа го кажувам од искуство, бидејки кога ќе се сетам како беше пред 10 или 15 години, ништо не е исто, има многу работи променето, се разбира на позитивно“, истакна Туџарова
Претседателката на Советот на Општина Струга како позитивен пример
На иста линија е и Арбереша Влаши од Струга. Таа на последните локални избори доби советничко место од редовите на ДУИ, но ја доби поддршката од колегите и да го води Советот. На првата седница по изборите во 2021 година, таа беше избрана за претседателка, а тоа значи дека ги закажува седниците и ја води работата на Советот според деловникот. Вели дека за неа тоа било и чест и одговорност. Смета дека достоинствено се носи со оваа функција, оти од секогаш сакала да придонесе за заедицата во која живеела. Таа тврди дека семејството, граѓанските организации, средината се клучни за вклучување на лицата со попреченост во јавниот живот, или поконкретно во органите на одлучување, но не како декор.
„Со охрабрување на овие лица може да излезе нивниот потенцијал и квалитет, бидејќи сѐ уште живееме во средина каде има бариери. Верувам дека лицата со попреченост треба да бидат дел од листите за советници, не како симболичен гест, туку затоа што тие најдобро знаат како е да се живее со предизвиците што системот понекогаш ги игнорира. Тие можат директно да го пренесат својот глас, да зборуваат за бариерите, но и за потенцијалите што ги имаат. Нивното присуство е важно за да се унапреди човековото достоинство, да се рушат стереотипите и да се создадат општества без дискриминација. Кога во советите седат луѓе што го познаваат животот од различни перспективи, тогаш одлуките стануваат пополнети со разбирање, отчетност и вистинска грижа за сите граѓани“, вели Влаши за Локал Актив.
Таа контуинирано и отворено зборува дека е потребна директна вклученост на лицата со попреченост во политичките процеси. На тој начин нема скриено да се зборува или да се одолговлекуваат одредени постапки поврзани со оваа категорија на граѓани, независно дали тоа се локални одлуки или законски решенија. Како што вели, тоа најдобро се прави кога сте во „кругот“ и кога можете да дебатирате и придонесете, а не од надвор. На тој начин, како што вели, би се испратил силен сигнал дека преминуваме во зрело демократско општество.
„Директната вклученост на лицата со попреченост во политичките процеси не е само корисна – таа е суштинска. Само така можеме да избегнеме донесување на мерки што се далечни од реалноста. Кога самите тие се дел од одлучувањето, се гради и нивната самодоверба, но и свеста на општеството дека сите сме еднакво важни. Вклученоста не е само право – таа е и клуч за вистинска демократија во која сите имаат свое место“, смета Влаши.
Здружението Инклузива од Куманово бара квотна застапеност
При последните измени на изборниот законик не беа ставени на расправа предлозите на лицата со посебни потреби да има нивна квотна застапеност како пратеници во Собранието или советници во општинските совети. Сега погледите на граѓанските здруженија кои ги застапуваат интересите на овие категории на граѓани се вперени во Законот за финансирање на политичките партии, каде исто така поднесоа измени со кои предлагаат квотна застапеност на лицата со попречености. Според Благица Димитровска од Здружението Инклузива од Куманово на овој начин ќе се овозможи политичко вклучување на оваа категорија граѓани во процесите на донесување одлуки, со кои значително би се подобрил животот на овие лица.
„Со предложените измени, финансиски би се стимулирале политичките партии кои ќе предложат најмалку тројца кандидати со попреченост на своите кандидатски листи, првенствено со доделување на посебни средства за покривање на трошоците за кандидатите со попреченост во изборната кампања, но и со намалување на ‘редовните’ буџетски средства од Законот, во случај да не предложат најмалку три кандидати со попреченост. До сега немаме сознанија дека нашата иницијатива е предадена на комисии или дека е дадена како точка на дневен ред за расправа“, вели Димитриевска.
Димитриевска се надева дека на престојните локални избори на советничките листи ќе има лица со посебни потреби, за што апелираше до политичките партии да ги покажат на дело своите заложби за инклузивност за кои јавно зборуваат континуирано.
Факт е дека политичките партии не се залагаат за застапеноста на листите за советници и пратеници, затоа што во нашите досегашни истражувања утврдивме дека во досегашните состави на македонското повеќепартиско Собрание, нема ниту еден пратеник со попреченост, што укажува на фактот дека на овие граѓани ова загарантирано право им е ограничено или одземено. Најголем дел од канцелариите на политичките партии не се пристапни. Политичките програми и местата каде се реализираат настани не се пристапни, со што не се почитува принципот на еднакви можности за лицата со попреченост да учествуваат во политичкиот живот“, вели Димитриевска.
Според податоците на Инклузива од Куманово, на последните локални избори имало 9 лица со попреченост на листите за советници од кои четири се активни како советници. Според Димитриевска ова е напредок, ако се имаат предвид претходните изборни циклуси, кога лицата со попреченост не беа ниту на листите за сосветници или пратеници.
Според податоците на Инклузива од Куманово, на последните локални избори имало 9 лица со попреченост на листите за советници од кои четири се активни како советници. Според Димитриевска ова е напредок, ако се имаат предвид претходните изборни циклуси, кога лицата со попреченост не беа ниту на листите за сосветници или пратеници.
За разлика од нас, светот памети повеќе политичари со физичка попреченост, по пример на Волфганг Шојбле, министерот од доверба на поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел. Иако значаен дел од политичкиот живот го помина во инвалидска количка, Шојбле ја вршеше функцијата министер во неколку влади, а беше и Претседател на Бундестагот (Парламентот на Германија).
Заедницата треба да го поддржи политичкото активирање на лицата со попреченост, смета Мобилност Кочани
Здружението Мобилност од Кочани смета дека општините ќе мора да бидат поотворени и почесто да се консултираат со лицата со попреченост кога се носат одредени одлуки кои ги засегаа нив. Горан Војновски од ова здружение вели дека комуникација има, но не е фокусирана на суштинските прашања. Во Кочани консултацијата се прави низ призмата на социјална заштита, како советодавно тело, кога се носат програми на годишно ниво, но мора овие лица да се прашат и за други прашања.
„Идејата за креирање на средина која ќе е пристапна за сите, не може да се ограничи на правата и услугите од социјална заштита. Тоа, всушност, го порачува и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, која сме се обврзале да ја спроведуваме и според тие обврски сме ги креирале сите прописи. Суштината е во тоа, кога ќе се размислува за било кој аспект од секојдневието, да се понудат решенија кои ќе ги вклучуваат и лицата со попреченост. Кога ќе се размислува за буџетот, кога ќе се предлагаат мерки за заштита на животната средина, за промоција на туризмот, за културни активности, за безбедноста во сообраќајот – во сето тоа треба да се вклопи и аспектот на попреченоста, но и да се искористи потенцијалот и искуството на заедницата со попреченост“, вели Војновски.
Благодарение на притисокот од членовите на Мобилност во Кочани изминатиот период решен е проблемот со пристапноста во централното градско подрачје и културните инситуции. Континуирано се преземаат и нудат добри практики од другите општини кои покажале дека придонеле за зголемување на пристапноста, мобилноста и инклузивноста на сите граѓани.
Го прашавме Војновски какво е расположението на лицата со телесен инвалидитет за активно политичко учество.
„Лицата со телесен инвалидитет се апсолутно свесни дека политичкото делување е најмоќното средство за решавање на нивните проблеми, но до сега ниту еднаш немало ниту кандидат за советнички листи кој ќе има реални шанси да стане советник (со оглед на изборниот модел), а камоли друга политичка позиција со одлучувачка моќ. Партиите декларативно го поддржуваат политичкото активирање, но во реалноста, освен декор во предизборните програми и ветувачки средби со граѓаните, конкретната поддршка за активно граѓанство нема. Нивото на внатрепартиска демократија и политичка култура во многу нешта зависи од прашањата кои ги зборувавме погоре. Јасно е дека политичарите размислуваат во рамка од еден мандат, меѓутоа граѓаните не смеат да одат по тој пат, особено ако се согледа нашата демографска реалност, но и порастот на состојби на попреченост на глобално ниво“, ни одговори Војновски.
Партиите не одговараат дали на Локалните ќе имаат лица со попречености како кандидати за советници
Политичките партии кои ги контактираше Локал актив не дадоа конкретен и официјален одговор дали на следните локални избори на своите советнички листи може да се најдат лица со попречености. Неофицијално, рано е да се дефинира кој сѐ би можел да се најде на листите за советници по општините. По локалните ограноци велат дека секој има право да се пријави или да биде номиниран од партиската инфраструктура, пред да биде и официјално промовиран.
На оваа тема низ годините, политичките партии секогаш биле резервирани и претпазливи со изјави за медиумите. За порталот 360 степени на прашањето за квотна застапеност на лицата со попречност, СДСМ одговорила позитивно, нагласувајки дека е потребен дијалог со надлежните и здруженијата да се дојде до најдобрите решенија, почитувајќи ги човековите права. ВМРО ДПМНЕ одговорила дека воведување квоти отвора можност за одредена дискримација и дека треба да се гледа квалитетот на еден кадар занемарувајќи ја физичката попреченост на една личност. Алтернатива позитивно се изјаснила за воведување квоти за политичко учество на лица со попречност. И ДУИ исто така дале позитивен став, со напомена дека треба да се отвори поширока дебата за оваа прашање
Локалните избори треба да се случат во октомври годинава.
* Василчо Илијев е активист на граѓанската организација Мобилност од Кочани.
** Ване Трајков е новинар.


