Покрај поголемите градови, и Радовиш ќе биде дел од системот Сејф Сити се со цел да се зголеми безбедноста во градот, потврди командирот на радовишката полиција Душко Ќосев на состанокот одржан со претставникот на ВИА АД АСТРА од Радовиш Кристијан Трајчов.
„За да се случи тоа, треба да бидат направени одредени законски измени. Ние сме тие кои дадовме предлог каде треба да бидат поставени камери во Радовиш за да се зголеми безбедноста и редот во сообраќајот. Точно знаеме каде најчесто се вршат прекршоци, каде најмногу има застој во сообраќајот и слично“, вели Ќосев.
Според него, таквиот систем многу ќе ги подобри работите во делот на сообраќајот.
„Ако се има волја, ќе се успее, а ние истата ја имаме. Не можеме преку ноќ да успееме, потребно е време и соработка со другите институции и граѓаните. Морам да кажам дека ситуацијата во градот се подобрува, на пример за разлика од порано, сега имаме помалку возачи кои управуваат под дејство на алкохол, нешто што претходно беше многу поголем проблем“, рече тој.
Минатата година, на ниво на Општина Радовиш и Општина Конче имало под 100 сообраќајни несреќи, нешто што претходно со години се немало случено.
Командирот Ќосев упати апел до граѓаните од Радовиш за поголема свест при учество во сообраќајот, а ја спомена и улогата на родителите при воспитувањето на своите деца кои користат електрични тротинети и истите ги возат без да ги почитуваат правилата во сообраќајот со што самите себе, но и другите ги донесуваат во ризик од потенцијална сообраќајна несреќа.
„Имаме проблеми на улицата 22-ри Октомври во самиот центар на градот. Бројот на возила кои непрописно таму се паркираат е огромен, ние преземаме мерки, но возачите повторно се паркираат. Граѓаните не го почитуваат и знакот за забрането движење на едносмерната улица кај кафе барот Ескејп од 19 часот до 3 на полноќ ,во периодот од први мај, па сѐ до 30 септември. Истиот проблем се случува секое лето“, објаснува командирот Ќосев.
Во делот на соработката со општината, тој вели дека е дел од новото раководство кое е спремно да соработува со локалните власти.
Претходно, градоначалникот Ацо Ристов изрази загриженост за соработката на општината и полицијата, но со новото раководство, за очекување е истата да се подобри.
„На булеварот се предвидува кружен тек со кој ќе заврши дивеењето на булеварот особено за време на летниот период. Покрај тоа, ние таму редовно вршиме контроли“, изјави тој.
Ќосев додаде дека на повеќе локации во градот се планираат лежечки полицајци кои ќе бидат подигнати и каде на самиот остров би имал обележан пешачки премин. Со нив, возилата забавено и безбедно за сите ќе се искачуваат и симнуваат, а истите веќе се поставени во повеќе градови низ државата.
Полицијата воедно го контролира сообраќајот и кај основите училишта, особено наутро кога децата пристигнуваат.
Во однос на зонското паркирање, тој вели дека на многу улици ситуацијата е подобрена, иако со оваа идеја, сега на удар се споредните улици, нешто што беше споменато и од страна на претставниците на општината.
„Ситуацијата со сообраќајот генерално е во ред, но имаме одредени предизвици на кои мораме да работиме заедно со сите општествени чинители заедно. Постојано сме на терен, се обидуваме свеста да ја подигнеме преку кампањи и сметаме дека сликата е малку подобрена. Граѓаните мора да ја зголемат свеста при учество во сообраќајот. Секој еден од нас е одговорен за подобар и побезбеден сообраќај“, дециден е тој.
Според него полицијата е сервис на граѓаните, истата ќе презема мерки и активности согласно своите надлежности и законот ќе важи за сите подеднакво, без селективна правда.
Р. Л.


