Неколку објекти кои во сопственост на државата, низ кој поминува трасата на булеварот „Партизанска“ ќе се урнат, со цел овој булевар да се доизгради. На нивно место ќе има нов кружен тек. Во овие објекти сѐ уште живеат 12 семејства, за кои се бараат нови домови.
Овие семејства имале склучено договори со АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, но по завршувањето на договорите и натаму останале да живеат таму. Во меѓувреме, правени се доградби, кои се дивоградби, со што дополнително се усложни процесот на дислокација.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на прес конференција изјави дека иако општината нема надлежност и обврска за сместување на семејствата кои живеат во објекти, кои не се нивна соспственост, туку на државата, сепак ќе се солидаризира и во прв момент ќе бидат сместени во студентски дом. Потоа трајно ќе бидат населени во типските куќи, кои се градат во штипската населба Света Недела.
„Немаме друг начин, освен дислоцирање на жителите и уривање на објектите за да се изгради булеварот ‘Партизанска’. Јас сочувствувам со жителите, но законот е јасен. Жителите на оваа локација се времено сместени, истите се известени дека треба да ги напуштат објектите. Во насока на солидаризирање Општина Штип веќе има на располагање објект каде времено ќе бидат сместени. А паралелно, се градат типски куќи, кои ќе им бидат дадени во сопственост“, изјави Јорданов.
Изградбата на трасата од стотина метри стои со недели, додека се дислоцираат семејствата. Јорданов додаде дека деновиве активностите за изградба на булеварот „Партизанска“ ќе продолжат со засилена динамика на терен. По уривањето на овие куќи, ќе може да се изгради нов кружен тек за регулирање на сообраќајот.
Јорданов во оваа прилика упати извинување до граѓаните на Штип, заради застојот на градежните активности, додавајќи дека работите ќе бидат завршени до крај.
„Продолжуваме со изградба на булеварот „Партизанска“, до крајот на летото целиот булевар ќе биде завршен, со нов кружен тек кај спорните објекти. Сите тендерски постапки се завршени, изведувачот од денес, па во наредниот период интензивно, со засилена динамика ќе влезе со градежни активности“, изјави Јорданов.
Инаку, на трасата на булеварот „Партизанска“ се наоѓаат и објектите и на старото Нервно одделение, во кое привремено се сместени повеќе семејства од ромската заедница и живеат во субстандардни услови. И на овие семејства ќе им се обезбеди дом во типските куќи во населбата Света Недела, кои се градат со средствата од фондовите на ЕУ.
В.Д.


