На познатото струмичко корзо, во центарот на градот, почнаa да се уриваат бесправно изградените тераси на кафулињата. Екипите на комуналното претпријатие Комуналец и општинската градежна инспекција, со асистенција на полицијата, ги отстрануваат објектите поставени на јавните површини.
Во моментов се работи на два објекта, додека сопствениците на другите објекти сами ги отстрануваат бесправните градби, велат од Општина Струмица. Градоначалникот Костадин Костадинов смета дека ова е потребно за да се воведе ред во користењето на јавните површини, бидејќи објектите биле поставени спротивно на одредбите во Правилникот за урбана опрема.
По трагедијата во Кочани започнаа засилени инспекциски контроли, кои откриле дека многу кафулиња и кафеани во Струмичко не ги исполнуваат одредбите за користење на јавна површина. Во овие објекти наместо да се постават само столчиња, маси и друга урбана опрема, сопствениците изградиле и заградени тераси. Најголемиот број заградени тераси се отстранети во текот на минатите два месеца. Костадинов вели дека останале помалку од 5 % објекти кои не ја исполниле обврската.
По уривањето, останаа купишта дрва, метал и пластика. Граѓаните зачудено ја гледаа големата акција на рушење и искажаа поделени мислења.
„Не знам, тие си знаат во Општината. Ама многу е вложено, за така да се руши“, рече еден струмичанец, кој минуваше на плоштадот покрај урнатиот дел од објектот.
Друг, пак, смета дека не треба да се толерираат ваквите појави.
„Цело лето го кружиме плоштадот и корзото, бидејќи нема место да се разминат луѓето, целиот простор беше зафатен од маси и чадори за сонце. Не може да се узурпира градот за некој да си прави бизнис“, вели пензиониран граѓанин кој се жали дека не можат да излезат на прошетка поради стеснетите јавни површини.
По трагедијата во Кочани, Владата преку надлежните министерства, а потоа и преку општините, нареди вонреден инспекциски надзор за работата на дикскотеките и угостителските објекти.
С.М.


