Дебата за безбедноста во сообраќајот во Радовиш: Хаосот мора да престане!

Младите радовишани се незадоволни од безбедноста на нивните улици, иако се самокритични дека младите возачи имаат голема одговорност со брзото возење. На  дебата за безбедноста во сообраќајот во градот која беше организирана од страна на новинарот и активист Кристијан Трајчов од ВИА АД АСТРА Радовиш, младите за најкритични улици ги посочија булеварот Александар Македонски, улиците Илија Алексов, Ана Поцкова, Кеј 8-ми септември, како и улицата Самоилова.

За дел од овие улици беше споменато дека на нив се вози брзо и несовесно, за дел дека недостасуваат „лежечки полицајци“ за поголема безбедност, а за дел беа посочени лошите сообраќајни прописи, каде одредени улици треба да бидат двонасочни, а не се, и обратно.

Фотографија од учесниците на дебатата

„На улицата Илија Алексов, во правец накај населба Раклиш за време на летото се прават трки со мотори и коли помеѓу млади луѓе. Повремено има патроли од полицијата, но тоа се случува само неколку часа во текот на денот, а во доцните часови, кога се случуваат овие нереди, нив ги нема. И тоа се случува со години“, вели Миле Здравев, млад жител кој живее на оваа улица.

Присутните се согласија дека одговорност за ваквата состојба имаат сите, од учесниците во сообраќајот, до општината и полицијата.

„Улицата Ана Поцкова, која е претесна за да се разминат две коли, е двонасочна и на неа се паркираат луѓе пред своите домови. Едноставно таа улица мора да биде еднонасочна за да завршат овие проблеми“, вели Коста Ристов, еден од учесниците.

Зонското паркирање во градот беше посочено како проблематична точка во радовишкиот сообраќај. Еден од учесниците го отвори прашањето дали тоа било направено за да се стави сообраќајот во ред или за подмирување на загубите кои ги има ЈП Плаваја под чија надлежност спаѓа истото.

„Има улици во градот каде е прашање дали воопшто на нив треба да има зонско паркирање. Покрај тоа, истото е скапо и ги оптовари споредните улици кои претходно беа мирни. Централното градско подрачје е тотално оптеретено, особено за време на летото“, вели Ангел Јовески, учесник.

Генералното мислење на учесниците е дека институциите не работат добро и онаму каде проблемите ги има на улиците, не се решаваат.

Граѓаните – учесници на дебатата во која се детектираа проблеми во сообраќајот и се бараа решенија,  рекоа дека ситуацијата би била многу полоша ако евентуално се вратат иселениците од Радовиш, па со тоа хаосот во сообраќајот би бил уште полош.

„Јас често користам велосипед и забележувам дека вниманието на возачите во сообраќајот во Радовиш е очајно. Сум се нашол во неколку ситуации во кои малку недостасувало да настрадам поради невниманието на учесниците во сообраќајот кои оддаваат чувство на брзање и агресивност“, вели пензионер од Радовиш.

Една од учесничките посочи дека институциите добро треба да се запрашаат какви луѓе всушност се учесници во сообраќајот.

„Сметам дека не треба секој да има шанса да седне позади волан пред да помине суштински психолошки тестови. Ова што во Радовиш се прави е срамота, буквално лекарските дозволи кои се потребни при полагањето за возачка дозвола се издаваат како да купувате мастики од продавница“, вели таа.

На крај, сите се согласија дека без заедничко учество на сите чинители во сообраќајот, тешко дека Радовиш ќе биде безбедно место за учество во сообраќај.

Л. А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE