Три месеци по трагедијата во „Пулс“: Кочани го живее најтешкиот период од своето постоење, а институциите не успеваат да го ублажат страдањето

Автори: Тодор Цонев* и Тони Ајтовски**

Кочани го живее третиот месец по трагичниот пожар во клубот „Пулс“, кој предизвика огромен шок, болка и тага поради смртта на 62-ца млади луѓе а тројно повеќе беа повредени повредени. Градот е парализиран, додека семејствата на настраданите и граѓаните сѐ уште се обидуваат да се соочат со реалноста и загубата со која ќе мораат да продолжат да живеат.

Јавно, излегува по некое сведоштво. Понекогаш, родителите на загинатите деца зборуваат на протестите. Но, што се крие во нивните мисли и какви чувства носат, не е тешко да се претпостави. За лузните, најдобро знаат психолозите, кои веднаш после несреќата почнаа да организираат групни терапии. Останатите граѓани живеат со тагата на нивните соседи, пријатели, сограѓани кои ги загубија своите деца. Сите заедно го носат товарот на трагедијата.

„Градот го живее еден од најтешките периоди од своето многувековно постоење, а траумата од оваа несреќа ќе биде дел од колективното сеќавање и за генерациите кои уште не се родени“, вели постар кочанчанец додека ги гледа фотографиите на некролозите залепени на столб на шеталиштето покрај Кочанска Река.

Навистина – после 16 март Кочани веќе не е истиот град. Иако навидум животот продолжува, во позадината на секој разговор, секоја активност, секое движење се чувствува болката од трагедијата.  

Повредените во трагедијата пак, ја продолжуваат својата битка за санирање на физичките последици, лекување на раните и изгорениците, но и за надминување на психичката болка и траума од тоа што го преживеале. Десетина млади завршија со ампутирани екстремитети. Сѐ почести и погласни се реакциите дека повредените и семејствата на починатите се заборавени од државата.

Впечаток дека Кочани е надвор од радарот на власта

Поддршката од државата за третманот и лекувањето на повредените практично е невидлива со оглед на високите трошоци што ги имаат семејствата. Од тоа што е познато во јавноста – во официјална посета на Кочани досега не дошол ниту еден претставник од централната власт за да оствари средба со семејствата на настраданите и починатите – иако од владината служба тврдат дека премиерот Христијан Мицкоски имал одделни средби со семејствата.

Во Кочани, особено во саботите на „Маршот за Ангелите“, исто така до сега се нема појавено висок претставник – вклучително и Претседателката Сиљановска – Давкова. На последниот марш на 7-ми јуни, на Задушница, родителите јавно ги критикуваа функционерите дека „никој не дошол да им запали свеќа за починатите“.

За практични мерки институциите почнаа да зборуваат речиси четири месеци по трагедијата од 16 март, и тоа откако организацијата Сапорт Кочани објави експлицитни фотографии со изгорениците на главата на еден од повредените. Следеа повеќе сведоштва, кои ги открија размерите на последиците на огнот. Последиците за физичкото здравје и психичкото здравје на повредените и на семејствата на жртвите се едната страна на медалот. Другата страна е тоа што настанот разоткри до кој степен системот, државата, институциите се неспособни да му помагаат на граѓанинот во неволја.

Фотографија од „Маршот за Ангелите“

Од денеска – 9 јуни треба да почне да работи постојано отворена линија за директна комуникација со повредените и нивните семејства. Одморалиштето на МВР на Пониква станува центар за рехабилитација на повредените од пожарот во „Пулс“, кое ќе се користи како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација.

Од Владата тврдат дека Кочани не е заборавено. Според Генералниот секретар на Владата Ивица Томовски, досега за патувањето во странство и за лекувањето се потрошени околу 21 милион денари од одвоените 30 милиони или 341.000 евра. „Ако има потреба ќе се одобрат уште толку“, како што рече.

Од Министерството за финансии соопштија дека од државниот буџет повредените кои се лекуваа во странство добиле околу 200 илјади евра.

„Владата на Република Македонија многу брзо реагираше во оваа ситуација. Од Буџетот за настраданите се обезбедени 30 милиони денари и досега се исплатени 11,2 милиони денари за повредените во странство. Преку Црвениот крст се собрани над 100 милиони денари, активност што се спроведуваше во координација со Владата и беше во моментот единствениот најбрз можен начин да се соберат средства и да се излезе во пресрет на семејствата на настраданите“, рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска, дополнувајќи дека освен директната, дополнителна поддршка се обезбедувала и преку Фондот за здравствено осигурување за лекувањето на повредените.

За разлика од тврдењето на министерката, семејствата на повредените велат дека радарот на власта досега многу слабо ги фаќа.

„Освен од Црвен крст, до сега немаме добиено никаква финансиска помош од државата. Потпишувавме некаков договор да ги покријат трошоците за нашиот престој во странство, додека децата ни беа таму на лекување – ни беше нагласено дека ќе ни бидат надоместени само ноќевањата и појадокот, а другите издатоци се наши. Ниту тоа до сега не е покриено. По враќањето од странство, сите трошоци за третман на изгорениците на рацете на мојата ќерка ги поднесуваме сами, а верувајте дека износот воопшто не е мал. На пример, една лепенка што се користи за покривање на повредите чини меѓу 35 и 55 евра, во зависност од каде ќе ја набавите. Лепенките тешко се наоѓаат во аптеките, пред два дена дознав дека ги има во Струмица и ги купив сите пет што ги имаа. Веќе се јавуваме кај пријатели и роднини во Италија, да ни испратат, а таму цената е нешто повисока. Една лепенка е со должина од 25 сантиметри и ако повредата е поголема, што е најчест случај кај повеќето пациенти, тогаш мора да се користат по две, три и повеќе одеднаш. Периодот на менување на лепенката е три-четири дена, односно најмалку двапати неделно. Тоа значи дека само за лепенки и креми, во просек, се трошат по околу 30 илјади денари месечно – вели татко чија ќерка се здобила со релативно полесни изгореници во пожарот.

Тој се пожали и дека наместо во Кочани, како што било најавувано, редовните прегледи ги прават на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје и тие се бесплатни, но трошоците за превоз се на нивна сметка.

„Проблем е и што повредените не смеат да се изложуваат на сонце, така што патувањето е дополнителен ризик. Дополнително, ќерката посетува психолог во Скопје, тој трошок го покриваме сами, а на пациентите кои се лекуваа во Србија и Бугарија веќе им е кажано дека сите контролни прегледи во тамошните болници во иднина ќе се плаќаат. Дополнително го плаќаме патувањето до таму. Проблем имаат и родителите на децата кои отсуствуваа од работа додека беа во странство. Сите земавме боледувања, ни беше ветено дека тоа ќе се регулира и ќе биде целосно покриено, но за тие месеци добивме по 70% од платата, а дел од родителите со кои контактираме, ни рекоа дека уште не се вратиле на работа поради секојдневните обврски за помош на нивните повредени деца. Лекарите ни кажаа дека третманот на повредите во нашиот случај ќе потрае најмалку една година“ – додаде таткото.

Фотографија од дискотеката „Пулс“

Од друга страна, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски тврди дека лепенките за изгореници се плаќаат од ФЗОМ, додека ракавиците, кои бугарски стручњаци ги работат по мерка, се обезбедени од организацијата Сапорт Кочани.

Клековски признава дека има тромост во системот, но како што рече „се реагира и се отстранува“.За помошта и лекувањето луѓето од институциите зборуваа на трибина, не во Кочани, пред граѓаните, туку во владиниот Медиа центар во Скопје. Тој рече дека донациите се повидливи и побрзи, додека за она што го прават домашните болници не се зборува.

„Една интервенција со плазма збогатена со тромбоцити кај нас чини околу 200 евра, а досега лекувањето на 16 повредени кои се третираат со ваква терапија во болницата Св. Наум Охридски чинело по околу пет илјади евра по пациент“, рече Клековски, како објаснување за трошоците што ги има ФЗОМ.

Фотографија од „Маршот за Ангелите“

Засега лекарите не можат да прогнозираат колку ќе трае лекувањето, ниту колку индивидуално ќе чини третманот. Некои од повредените кои се лекуваа во Бугарија во болницата „Пирогов“ во Софија инсистираат да заминат на контролни прегледи во Бугарија, што не им било дозволено од Фондот.

Клековски рече дека таков е законот, третманот што може да се добие во домашното здравство, не може да се дозволи како трошок во странство, но ако веќе бараат, ќе им се овозможи контролата на државен трошок во Бугарија. Се работи за пет-шест пациенти. 

„Имаме законска процедура за упатување на контролни прегледи во странство, лекарите тврдат дека нема потреба за упатување во странство. Но, ние сме подготвени и ќе поканиме некои од лекарите кои ги лекуваа во странство да дојдат тука“, вели Клековски.

Лекувањето ќе трае со месеци и години

Четириесетина пациенти добиваат физикална терапија, а уште 70 повредени со изгореници одат на преврски во Општата болница со проширена дејност во Кочани. Оние со кои разговаравме велат дека се задоволни од третманот на здравствениот персонал, но и дека се разочарани од просторно-техничките услови во кои се одвива рехабилитацијата.

„Доаѓам на физикална терапија затоа што имав контрактура на зглобовите на рацете, не можев да ги движам дланките. Сега е подобро. Бев на лекување во Белград 41 ден, десната рака ми е со трансплантација, а на левата рака имам изгореници само на прстите. Медицинскиот персонал е на високо ниво, но условите во Болницата се на минимум. Нема вазелински лепенки, односно стегачи, докторката нема каде да ме измие, раната ја измива во обично лавабо,  а кремите што ми ги препишаа на отпустната листа од Белград сам си ги купувам. Сакам што побрзо да закрепнам затоа што мора да работам, имам две деца и треба да ги прехранувам. Поседувам вулканизерска работилница, но сега таа е затворена, затоа што нема кој да работи во неа – вели Дарко Златев, еден од повредените во „Пулс“.

Недостига медицински персонал и психолошка поддршка

Невидлива е и најавената државна поддршка за санирање на техничко-просторните услови во Општата болница со проширена дејност во Кочани. Скоро сета опрема, возила, апарати и други помагала што здравствената установа ги доби после трагедијата се од донации од општествено-одговорни компании, институции, здруженија и поединци. За дел од опремата недостига соодветен медицински кадар што ќе ракува или ќе ги користи податоците од испитувањата со опремата.

Од Општата болница потврдуваат дека најголем проблем им е недостигот од здравствен персонал, главно медицински сестри, а постојниот е преоптоварен со интервенции по трагедијата од пред два месеца.

„Голем број медицински сестри заминаа во пензија, а ние што сѐ уште работат, остануваат и по работното време во зависност од потребите на пациентите, но едноставно се преморени. Потребни се најмалку уште еден до два тима за медицинска рехабилитација. Реквизити за физикална терапија и друг третман добиваме, но нема кадар додека ќе трае рехабилитацијата, со оглед што таа нема да заврши за десетина дена. Морам да го споменам и психичкиот момент, треба да се охрабрат пациентите да се јавуваат кај психијатар и психолог, затоа што таква помош им е потребна на сите, вклучувајќи ги и здравствените работници, но тоа сѐ уште е табу тема кај нас – истакна Кристина Серафимова, директорка на Општата болница – Кочани.

На медицинскиот персонал од болницата во Кочани им помагаат лекари и физиотерапевти од штипската болница. Во меѓувреме тим од лекари од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, КАРИЛ, ГОБ „8 Септември”, болницата „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за токсикологија од Скопје спроведоа евалуација на здравствената состојба на повредените за да се утврдат потребите за натамошно лекување и технички помагала.

На поплаките за честото патување до Скопје и назад на овие тропски температури на пациенти кои не смеат да излегуваат на сонце, од Владата најавија дека со отстапувањето на одморалиштето на МВР на Пониква. Лекари и медицински тимови од неколку болници привремено ќе се стационираат во објектот кој ќе се користи за продолжена медицинска нега и рехабилитација. Медицинската помош е наменета за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман.

За надминување на психичките трауми од трагедијата уште на почетокот почнаа со работа стручни лица од Комората на психолози на Македонија, а групацијата „Алтернатива“ спроведува групни работилници за блиските на настраданите и за повредените во трагичниот пожар, како и психо-едукативни активности за пошироката заедница и професионалците, односно за пожарникарите, полицајците, здравствените работници и други лица.

„Групната работа во случаи на ваква траума многу често дава краткорочни, но и долгорочни резултати, затоа што лицата кои се вклучени во терапијата имаат чувство дека не се сами. Во контролирана и сигурна средина можат да доживеат одредени емоционални моменти, можеби и катарза, и отворено да разговараат за сѐ она што се случува внатрешно во нив. Важно е да се работи и со професионалците коишто беа засегнати и коишто помагаа во целиот тој процес, затоа што тие трауми што можеби се создале во нив, може да се пројават и понатаму во животот. Важно е сега да се одработи тој трауматичен настан за потоа да избегнеме последици коишто можат да се случат, односно кај младите девијантни однесувања, кај возрасните одредени симптоми кои ќе бидат последица токму на ова“ – истакна Тина Чачоровска од групацијата „Алтернатива“.

На една од договорните средби што ја организираше „Алтернатива“ присуствуваа и волонтери од здружението Сапорт Кочани кое веднаш по трагичниот пожар почна со обезбедувањето финансиска и друга поддршка за семејствата на починатите и на повредените кои се лекуваа во болниците во десетина европски држави.

„Поддршка за лицата кои ја преживеаја оваа трагедија, но и за нивните семејства, веројатно ќе биде потребна најмалку една година и во кој било период од деноноќието. Млади, кои помагале во спасувањето или се здобиле со повреди, се јавуваат и доаѓаат да разговараат кај нас, дури и во доцни вечерни часови. Ситуацијата треба да се сфати сериозно, затоа што сето ова нема да помине толку брзо, барем за нас во Кочани“ – рекоа волонтерите на работилницата што се одржа во просториите на Општината.

Има млади кои тешко се справуваат со траумата, тешко комуницираат и одговараат со „да“ и „не“, посведочија присутните на работилницата. Рекоа, треба многу повеќе од повремена психолошка поддршка.

Во исчекување на најавената поддршка од државата се настраданите во трагедијата, а во меѓувреме донации во опрема, технички помагала, амбулантни возила и неопходни лекарства обезбедуваат општествено-одговорни компании, институции, здруженија.

Помош ќе треба во секој сегмент, бидејќи последиците од трагедијата се чувствуваат и врз локалната економија. Многу од родителите кои ги загубија своите деца на 16 март, воопшто се немаат вратено на работа. Засега тешко им оди враќањето во реалноста и не се во можност да работат.

Некои од родителите со повредени деца поминаа по 30-40 дена во странство додека траеше лекувањето. Со враќањето дома, додека трае рехабилитацијата, некои од мајките не можеа да се вратат на работа, бидејќи повредите на нивните деца се такви што им треба постојана грижа.

Градот целосно замре

Мај и јуни вообичаено се месеци за свадби, матурски прослави, одбележување годишнини. Немаше викенд, а да не се случуваат по неколку свечености. Но, оваа година, Кочани не личи на себе.

Матурантите од средните училишта за првпат немаа организирана прослава на својата зрелост, а ретките свадбени свечености се одвиваат во тесен круг на блиски роднини и пријатели. Едноставно, тешко е да се слави кога во поширокото семејство се тажи по загубен живот, или друштвото останало без член, кој бил планиран за веселбата.

Фотографија од Кочани

Откажано е одржувањето на 62-от Драмски аматерски фестивал, наградите за најдобар македонски афоризам „АФКО“ наместо во Кочани беа доделени во Свети Николе, а ќе бидат откажани и другите настани од културата што се одржуваа во летниот период. И она што се организираше досега, беше поврзано со хуманитарни активности за собирање средства за помош на настраданите.

Најавите од Владата за инвестиции во Кочани, на граѓаните пак, им изгледаат далечни и нереални. Проектот Кочани – 2030 со поддршка на Европската комисија го најави премиерот Христијан Мицкоски за реконструкција на инфраструктурни објекти, вклучително кочанската болница, но и училишта, спортски сали, паркови и патна инфраструктура.

Неповолната економска состојба во градот особено се чувствува по трагедијата, граѓаните како да се повлекоа во своите домови, а угостителските и занаетчиските дуќани имаат намален обем на работа.

„Премиерот најави стопански инвестиции во Кочани или во негова близина. Поверојатно е дека ќе биде ова второто, во некоја друга општина. Каков ќе биде директниот ефект од тоа за кочанчани е нејасно. Ако се планира да се вработуваат блиски на повредените, тоа ќе биде тешко остварливо, затоа што тие треба да се што поблиску до нив заради потребната нега, наместо да патуваат во други градови. Во овој момент, најважна инвестиција е да се обнови болницата во Кочани или во нејзини рамки да се изгради објект за рехабилитација, физиотерапија или друг третман на повредените. Зошто овде да не биде Центарот за лекување повреди од изгореници, којшто Македонија воопшто го нема? На тој начин Владата ќе покаже грижа и за граѓаните надвор од Скопје, затоа што ние овде имаме чувство дека сме заборавени, отфрлени и казнети од државата“, истакнува Ѓорѓи Лазаров, жител на Кочани.

Семејствата во некоја перспектива ќе може да очекуваат обештетување на загубите, но дури откако ќе завршат сите судски процеси. За илустрација, по трагедијата во романската дискотека „Колектив“ од 30 октомври 2015 година, во која загинаа 65 лица, а 146 лица беа сериозно повредени, пресудата за обештетување беше донесена во мај 2022 година. Судењето започна во септември 2017 година, речиси две години по смртоносниот инцидент. Преживеаните и семејствата добија отштета во вкупен износ од 60 милиони евра. Износите на отштета за семејствата на жртвите се движеа од околу 200 евра до еден милион евра. Судот ги задолжи Градското собрание на округот Сектор 4 во Букурешт (каде што се наоѓала дискотеката), Инспекторатот за вонредни ситуации, компаниите кои го поседувале клубот, како и сопствениците на клубот и двајца пиротехничари, отштетата да ја платат заеднички.

Но, во случајот со Кочани, само што заврши истрагата, а судењето сѐ уште не е почнато. 

Истрагата заврши, но ќе ги даде ли сите одговори?

Јавното обвинителство кое ангажираше 13 обвинители од Кочани, Скопје, Штип и Куманово потврди дека истрагата за пожарот е завршена, а осомничени се 46 лица и уште 14 полициски службеници во постапката за гонење организиран криминал, кои се товарат за тешки кривични дела против општата сигурност.

„Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените. Од бројни електронски уреди, компјутери и мобилни телефони, се вршеше извлекување и анализа на податоци, кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки врз основа на насоките од јавниот обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција“ – информираа од Обвинителството.

Додека течат роковите во кои одбраната на осомничените може да предложи свои докази, семејствата на починатите бараат не-селективност во истрагата, а незадоволството од тоа како тече постапката го искажуваат на мирни протестни маршеви.

„Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници ако убиените деца беа вашите? Можеби тогаш ќе сфатите дека единствената причина за којашто се бориме е правдата за нашите млади убиени деца. И претходно, и сега, и во иднина ве потсетуваме дека нема да застанеме тука, ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, за нивните нереализирани соништа, за нивната насилно прекината младост. Правда мора да има и сите соучесници во ова убиство мора да одговараат пред законот“, порача Јулија Златкова, мајка на настрадан во пожарот.

Фотографија од „Маршот за Ангелите“

На повик на Јавното обвинителство, родителите на починатите дадоа свои искази и сознанија за трагедијата, а им било укажано дека за евентуални отштетни побарувања ќе треба да поведат посебна граѓанска постапка.

„Веќе сѐ ми изгледа бесцелно. Бараме правда, а таа ќе биде задоволена само ако можат да ни ги вратат децата. Болката е голема и нѐ прави рамнодушни за сѐ околу нас. Немам желба да одам ниту на работа, ниту до продавница. Добив здравствени проблеми и треба да одам на кардиолошки преглед во Скопје, ама немам волја. Не разговарам ни со сопругата, едноставно лежам во креветот и празно гледам во таванот. Дополнително го трауматизираме другото дете, кое страда со нас. Едноставно, чекаме да осамне денот за да одиме на гробишта, а живееме за моментот кога повторно ќе бидеме со нашето дете“, раскажува низ солзи, по излегувањето од Обвинителството, родител чиј син загинал во пожарот.

Живеејќи во невообичаеното тивко секојдневие, токму во пролетта која вообичаено означува будење на животот во природата, изгубена е насмевката и ведрината од лицата на кочанчани. Психолозите кои работат со граѓаните во Кочани, од искуство велат дека состојбата ќе биде таква повеќе години.

*Тодор Цонев е граѓански активист во ИНИ – Виница.

**Тони Ајтовски е новинар.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE