Родители на деца со попреченост од Струмица, бараат да добијат статус на негувател исто како и згрижувачите на деца

Со онлајн петиција покрената од Здружението за поддршка на лицата со Даунов синдром ,,Вера“ од Струмица, група родители бараат да добијат статус на ‘родител негувател’ идентично како и загрижувачките семејства на лица со попреченост. Според предлогот, со законски измени, на еден од родителите во едно семејство треба да му се обезбеди ваков статус за да се овозможи подобра институционална, вклучително и финансиска поткрепа за семејствата кои се грижат за дете со попреченост.

Според македонското законодавство, згрижувачки семејства може да се грижат за „лице со умерени и тешки пречки во менталниот развој, лице со длабоки пречки во менталниот развој и лице со трајна телесна попреченост на кое му е потребно трајно згрижување и нега“. За негата, едно згрижувачко семејство добива по 11.193 денари. Главните аргументи на овие родителите кои ја потпишаа петицијата е дека имаат постојана обврска да се грижат за своите деца и не можат да одат на работа и да заработуваат доволно за живот.

Анче Туфекчиева, мајка на Верче

Анче Туфекчиева, мајка на девојче со Даунов синдром вели дека таа е невработена и останува дома за да се грижи за Верче која е средношколка. Анче секојдневно ја носи и зема Верче од училиште и не е во можност да работи. Со посебниот додаток од 7.800 денари, не може да се одржува едно семејство.

„Во семејствата каде што има лице со попреченост, еден родител мора да биде 24 часа со детето и да се грижи за него. Финансиската поддршка која се добива како посебен додаток освен исплатата од 7.800 денари –  не е доволна ниту за суплементи. Мораме да добиеме поддршка од државата во вид на месечен надоместок за родител на лице со попреченост. Секоја чест на згрижувачките семејства кои добиваат месечен надоместок за секое дете што ќе го згрижат. Нашето барање е да нѐ изедначат со згрижувачите“, вели Туфекчиева. Таа веќе доби поддршка од голем број родители на лица со попреченост за нејзината иницијатива.

Во отсуство на официјален регистар на лица со попреченост се претпоставува дека илјадници родители го имаат овој проблем. Туфекчиева вели дека се потребни системски решенија за оваа категорија граѓани, бидејќи додека се грижат за своите деца, се борат за егзистенција на целите свои семејства. Таа нема ништо против да работи со скратено работно време од четири часа, додека останатите четири би можела да ги плаќа државата.

„Денот не е ден кога постојано мислиш како ќе го поминеш без пари за основните работи а од друга страна си спречен да одиш на работа. Не бараме ништо повеќе од тоа што го дава државата на згрижувачките семејства, едноставно го бараме тоа што во другите држави е нормално и го има“, вели Туфекчиева.

Онлајн петицијата веќе се потпишува и се споделуваат искуства на темата. Од здружението ,,Вера“  информираа дека во наредниот период измените или потребата од ново законско решение ќе биде презентирано пред пратениците од Струмица и регионот. Нивните барања ги објаснуваат од фактот што во земјава нема доволно дневни центри  каде што овие лица ќе може да престојуваат и каде што обучени лица би се грижеле за нив, додека нивните родители се на работа.

В.Т

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE