Нераспакуваниот акцелератор во штипската болница оди во отпад

Акцелераторот кој за онколошка терапија на болните од карцином веќе 11 години стои нераспакуван во просторија во Клиничката болница – Штип, за кој е платено 2 милиони евра, ќе биде однесен на отпад. Во 2014 година беше ставен камен темелник на бункерот каде требаше да биде поставен уредот, но објектот никогаш не беше доизграден. За планот за поставување на акцелераторот сведочи градилиштето во кругот на болницата во Штип. Бункерот беше дел од проектот за изградба на Клиничката болница, чија изградба е во застој веќе две години, откако беше раскинат договорот со грчката компанија Интракат“ која го градеше објектот, а нов изведувач сѐ уште не е најден.

Иако неколку министри за здравство најавуваа дека акцелераторот ќе може да се стави во функција откако ќе за заврши градбата на бункерот, актуелниот директор на Фонд за здравствено осигурување на РСМ, Сашо Клековски, соопшти дека уредот повеќе нема да може да се употреби. 

„Акцелараторите на компанијата Електа се тие што се набавени преку Министерство за здравство пред десетина години за болниците во Штип и Битола, како и за 8-ми Септември во Скопје.

Овие акцеларатори, чинат повеќе милиони евра, и се дел од опрема во десетици милиони евра која е купена со народни пари и не е во употреба. Акцелараторот во Штип е стар модел кој веќе не се употребува, за отпис е,“ соопшти Клековски по средбата со Каталин Сурдеану, регинален директор за Електа.

Ова се разочарувачки вести за стотици пациенти од источниот дел на државата, кои се принудени да патуваат до Скопје за да ја примат онколошката терапија. Акцелераторот во Штип требаше да биде во служба на над 220.000 пациенти.

Клековски вели дека на Македонија ѝ се потребни барем десетина акцеларатори, а во моментот функционираат четири на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Додава дека со многу работа до 2026 година може да има 6-7 акцелератори.

Не само на акцелераторот, туку и на започнатата Клиничка болница во Штип се чека повеќе од една деценија. Засега најавата е дека со британскиот кредит штипската болница ќе добие приоритет.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE