Унгарски пари на заем за локални улици

Фантастични 250 милиони евра од таканаречениот унгарски кредит се најавувани од Владата како силна финансиска инјекција за општините. Но, како што почна соопштувањето на одобрените проекти и почетокот на нивниата работа, се наметнува прашањето дали овој заем за општините навистина ги реашава потребите на граѓаните? Особено што со заемот и каматите се задолжуваат идните генерации македонски граѓани.

Автори: Сузана Мицева* и Кристијан Трајчов**

Актуелната влада склучи договор со Унгарија за заем од 500 милиони евра, со каматна стапка од 3,25% и рок на отплата од 15 години, со тригодишен грејс период. По половина од парите, односно по 250 милиони евра се наменети за компаниите и за општините. За овие 500 милиони евра, Македонија треба да плати 240 милиони евра камата на унгарската Експорт-импорт банка во текот на 15 години.

За парите од унгарскиот кредит во висина од 250 милиони евра за општините во првата фаза имаше два јавни повици. Во првата фаза беа најавени 100 милиони, но според објавениот список од Владата, одобрени се проекти за 75 милиони евра. Најмногу пари доби Општина Куманово за проекти кои чинат 4 милиони евра. Следат Битола и Тетово со 3,7 милиони евра и Аеродром со 3,4 милиони евра. Одобрени се проекти на 78 општини од вкупно 81. Во првата фаза не беа прифатени проектите на Град Скопје, Струмица и Сарај. Опозициските партии ова го протолкуваа како пресметка со општините водени од опозициски градоначалници. 

За што аплицираа општините во Истокот и Југоистокот?

 Улично осветлување, доизградба на улици, мостови, или изградба на пешачки патеки, но и капела на градски горбишта. Ситни инфраструктурни проекти – такви се поголем дел од проектите што ги добија помалите општини во југоисточниот дел од Македонија. Секако се потребни за граѓаните за подобрување на локалната инфраструктура, но со нив не се менува генералната слика и условите за живот. На пример, Општина Дојран која претендира да опстојува од туризам, добила два мали проекта во вредност од 8.3 милиони денари. Едниот е изградба на улично осветлување на улицата Едвард Кардељ во Нов Дојран, а другиот е реконструкција на селска улица во населеното место Црничани. Двата проекти се во програмата на општината за 2025 година.

„За овие два проекти ние имаме и сопствено учество од општинскиот буџет. Вистина е дека има и други горливи проблеми како нови бушотини за вода за пиење, бидејќи знаете во текот на летната сезона има многу народ во ист период, но ние веќе работиме на ова прашање со средства од други извори“, рече Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Реконструкцијата на мостот преку реката Луда Мара во Богданци е проект што им бил приоритетен, велат од Општина Богданци. Тој се наоѓа и во програмата за локален економски развој (ЛЕР) за 2024 година, а бидејќи не успеале да го реализираат влегол и во програмата за 2025-та. Вториот проект што го финансира Владата со унгарски пари, рехабилитација на улицата Бошко Буха не е во програмата за ЛЕР. Мостовите на реката Луда Мара ги предвиделе и политичките опоненти во својата предизборна програма. Во Програмата за Локалните избори во 2021 година, ВМРО ДПМНЕ предвиделе изградба на нов полски мост преку оваа река, за што планирале дека ќе бидат потребни 8 милиони денари, со цел да се олесни работата на земјоделците од тој регион.

Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран (фотографија преземена од веб страната на Општина Дојран)

Шест општини од Југоистокот добиле вкупно 91.572.000 денари или околу 1,5 милион евра за изградба на улици, улично осветлување, мостови, патеки, односно за вкупно осум вакви проекти,. Сепак, оваа сума за сите проекти е далеку помала од онаа што ја добила Општина Штип за првата фаза од изградбата на градската магистрала, траса од населба Железничка до местото викано Рибник. Одобрената сума за овој пат изнесува 121.4 милиони денари или околу 2 милиони евра, односно толку пари колку што добиле заедно сите шест општини од Југоистокот.

„За овие два проекти ние имаме и сопствено учество од општинскиот буџет. Вистина е дека има и други горливи проблеми како нови бушотини за вода за пиење, бидејќи знаете во текот на летната сезона има многу народ во ист период, но ние веќе работиме на ова прашање со средства од други извори“, рече Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Од Општина Штип велат дека проектот е веќе почнат и дека се извршени три времени ситуации. Изведени се околу 20 проценти од работите. Според локалната самоуправа, станува збор за многу важен проект.

„Проектот има вкупна вредност од 151.458.883,52 денари и е од големо значење за развојот на градот Штип. Оваа магистрална улица претставува важна сообраќајна артерија која ќе го растовари постоечкиот сообраќајен метеж, ќе го олесни пристапот до индустриските и урбаните зони, како и ќе го подобри поврзувањето меѓу различните делови на градот. Со неговата реализација се очекува да се зголеми безбедноста во сообраќајот, да се подобри квалитетот на животот на граѓаните, како и да се создадат предуслови за понатамошен економски развој и привлекување на нови инвестиции“, велат од Општина Штип.

Во предизборната програма на градоначалникот Иван Јорданов, овој капитален инфраструктурен проект не е наведен. Но, во јуни 2023 година на веб страната на општината бил објавен урбанистички проект за инфраструктура за разработка на трасата на примарна улична мрежа од населба Железничка до месноста Рибник.

Уште еден голем проект во висина од 1,6 милиони евра не е во програмата на Јорданов, но сепак е на листата со која Општина Штип бара пари од унгарскиот кредит. Се работи за проект за реставрација на Тврдината Исар со кој Општина Штип аплицираше на вториот повик од кредитот од Унгарија. Се планира комплетна реставрација и реконструкција на сите постојни кули и ѕидини, што според опозициската СДСМ е луксуз во време кога не се решени основните потреби на граѓаните.

„Златната тврдина Исар! За само 100 милиони денари, добиваме ‘златни’ ѕидови, додека ветените проекти како што се Дом за стари лица, Центар за рехабилитација на деца и возрасни со посебни потреби можат да почекаат“, реагираа од СДСМ – Штип.

Во Програмата на градоначалникот Јорданов тврдината Исар е спомената во проект за осветлување за 2024 година, но не и за целосна реставрација. Пред аплицирањето, Јорданов изјави дека реставрацијата е проект со НУ Завод за заштита на спомениците – Штип. 

Извадок од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Штип

Еден милион евра за проект за култура во Радовиш

Сериозни средства се доделени и за проекти кои се од областа на културата. Во Радовиш единствениот проект со кој аплицирала општината е реконструкција со пренамена на Стоковна куќа во мултифункционален и културен центар со музејска поставка. Вредноста е околу 65 милиони денари, односно околу еден милион евра. Станува збор за запуштен објект во центарот на градот, кој со години е неупотреблив и празен.

„Радовиш немаше ваков центар во кој граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите потреби во делот на едукација, образование, култура, информации и многу други содржини кои ќе ги имаа во објектот, а кој ќе биде наменет за сите од 6 до 66, па и понатаму. Објектот ќе биде самоодржлив, затоа што ќе има такви содржини кои ќе го овозможат тоа,“ изјави градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов, при посетата на премиерот Мицкоски во Радовиш, кога и се промовираше почетокот на реконструкција на проектот.

Во просторот на старата Стоковна куќа треба да има и музејска поставка од Радовиш, со што градот смета дека ќе се задоволат многу потреби за културен и социјален живот на радовишани.

Во предизборната програма на градоначалникот Ацо Ристов не е спомената старата Стоковна куќа, но може индиректно да се препознаат некои најави. Имено, во „Топ 10 клучни проекти“ кои се наведени во програмата, како прв стои „Изградба на нов културно-деловен центар со подземен паркинг за 200 возила на две нивоа; деловни простории, канцеларии, угостителски објекти, дискотека, затворен атриум за 1500 луѓе за концерти, престави и јавни собири,  галерија,  дел за домување (станови)“. Моменталната замисла на проектот на кој моментално се работи е слична, но не потполно иста. Воедно, во Стратегијата за поддршка на мали и средни претпријатија и вработување за периодот од 2019-2025 година, изработена во 2018 година, една од целите била лобирање објектот да ѝ припадне на општината, што подоцна и беше направено, и ставање во функција на старата стоковна куќа.

Фекални канализации во Василево и Моноспитово

Единствениот проект со кој аплицирала Општина Василево е основен проект за изградба на фекален канализационен систем за село Василево и за него добила околу 28 милиони денари. Станува збор за канализационен систем во должина од четири километри, кој граѓаните го барале цели триесет години.

„Овој проект го ветивме и денес сме сведоци дека неговата реализација станува реалност. Прелевањето на септичките јами и загадувањето на животната средина, станува минато“, рече градоначалникот Андонов.  

Славе Андонов, градоначалник на Општина Василево

Малку пониски се средствата на Општина Босилово, која за првата фаза од изградбата на фекалната канализација во Моноспитово добила околу 24 милиони денари. Во нивната Стратегија за локален економски развој која има важност до 2027 година, во СВОТ анализата што ја правеле на различните области, забележано е дека слаба страна на општината е што многу населени места немаат фекални канализации, а ниту едно населено место нема пречистителна станица за отпадни води.

Во Општина Ново Село единствениот проект е пешачка патека во должина од вкупно пет километри, а во оваа прва фаза ќе се изградат 2.7 километри. Првиот човек на општината, Ѓорѓе Божинов, вели дека патеката е во насока на развој на рурален туризам, за што расте интересот во последните години, а опптината секојдневно има голем број гости, особено од соседна Бугарија.

„Патеката е особено значајна за поврзување на овие две населени места, како едни од поголемите во општината. Поддршката на Владата на инфраструктурни проекти значајно ќе помогне да го подобриме работењето на нашите локални самоуправи, кои сме рурални и немаме доволно средства за финансирање на капитални проекти, со што ќе решиме многу инфраструктурни проблеми“, вели Божинов.

Оваа патека била и во „Топ 10 проекти“ со кои Божинов ја барал довербата на граѓаните во 2021 година. Таа им е адут и за развој на руралниот туризам, што пак е визија на Општина Ново Село која стои во Стратегијата за ЛЕР 2023-2028 година.

Повеќе надежи на вториот повик

Од Министерство за локална самоуправа велат дека еднаш месечно, заклучно со последниот ден од тековниот месец, се прави пресек на реализација на финансираните 288 проекти.

Со пресек од 30.04.2025 година се зборува за бројка од 264 проекти со склучен договор. Од одобрените проекти, 151 се воведени во работа или работат на терен (од овие 151, во завршна фаза се 32 проекти и се очекува наскоро да се завршат), 55 проекти се завршени. За 17 проекти во тек е постапка за јавна набавка и 7 проекти немаат започнато (повторени) постапки за јавни набавки. Тоа се: Шуто Оризари за пет проекти, Општина Неготино и Општина Чучер Сандево по еден проект.

Во Југоистокот само Општина Струмица не доби финансирање на проект во првиот повик од минатата година. Објаснувањето на Владата беше дека конкурирале со проект што е почнат и затоа биле одбиени. Општина Струмица аплицираше со проектот за изградба на нов градски пазар кај автобуската станица на површина од 43 илјади метри квадратни и вкупна вредност на проектот од 230 милиони денари. Проектот беше најавен лани во август кога се почна со првични градежни активности на локацијата. Тоа според Владата е причина проектот да не се поддржи со пари од унгарскиот кредит.

Шест општини од Југоистокот добиле вкупно 91.572.000 денари или околу 1,5 милион евра за изградба на улици, улично осветлување, мостови, патеки, односно за вкупно осум вакви проекти,. Сепак, оваа сума за сите проекти е далеку помала од онаа што ја добила Општина Штип за првата фаза од изградбата на градската магистрала, траса од населба Железничка до местото викано Рибник. Одобрената сума за овој пат изнесува 121.4 милиони денари или околу 2 милиони евра, односно толку пари колку што добиле заедно сите шест општини од Југоистокот.

Општината, пак, не се откажува. На вториот повик поднеле дури 13, главно инфраструктурни проекти, за изградба на улици, атмосферски канали, но побарале и пари за изградба на семејни куќи во новата социјална населба што се гради за да се преместат граѓаните од дивата населба кај транзитниот пат што се наоѓа на излезот од градот кон Валандово. Овој проект беше и предизборно ветување на актуелниот градоначалник, Костадинов, а изградбата почна пред распишувањето на конкурсот од Владата.

Нови проекти поднеле и сите други општини во регионот. Најголемиот дел се изградба на улици, но и атмосферски и фекални канализации, прелистителни станици за отпадни води и друго.

Владата информира дека во вториот повик имало рекорден број на пристигнати проекти, околу 900, а аплицирале сите 80 општини.

„Се решаваат децениски проблеми и ќе продолжиме да решаваме, тоа го ветивме пред граѓаните и тоа мораме да го испорачаме и го испорачуваме. Остануваме фокусирани да решаваме децениски проблеми на граѓаните, тоа е она што го очекуваат од нас“, рече премиерот Мицкоски во Струмица.

Внимателно со кредитите, порачуваат економските експерти

Задолжувањето со унгарски пари не е најдобра одлука, сметаат еконосмките експерти. Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за меѓународни економски студии вели дека ова може да биде опасно бидејќи доаѓа и до замена на ингиренциите на општините со Владата, односно централната власт одлучува наместо локалната.

„Од самиот почеток на процесот сум скептичен за овој кредит. Ако вистински сакаме да имаме развој и напредок во општините, треба да се работи на зголемување на нивните капацитети, тие самите да можат да наоѓаат средства за проектите што им се важни. Друго прашање е какви сѐ проекти се финансираат и колку тие се прироритени во тој момент“, смета Јовановиќ.

Во Југоистокот само Општина Струмица не доби финансирање на проект во првиот повик од минатата година. Објаснувањето на Владата беше дека конкурирале со проект што е почнат и затоа биле одбиени.

Но, од Министерство за локална самоуправа не се согласуваат со ова тврдење. Министерот Златко Перински смета дека изградбата на патишта, односно собраќајно поврзување и излегување од транспортна изолација на населените места, е предуслов за развој и економски напредок.

„Поучени од првиот јавен повик веќе се покажа на терен дека најголемиот интерес од страна на локалните самоуправи се однесува на подобрување на патната инфраструктура. Од првиот јавен повик од 288 проекти, 225 се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура и се реализираат преку Министерство за транспорт, а според информациите што ги добиваме од вториот јавен повик, исто така и во овој повик фокусот на локалните самоуправи во најголем дел се однесува на подобрување на патната инфраструктура“, кажа Перински.

Со остри критики за задолжувањата се изјаснува и опозициската СДСМ. Тие сметаат дека каматите се преголеми и кредитот е повеќе на штета отколку во полза на државата.

„За кредитот од една милијарда евра, државата ќе плати безмалку 500 милиони евра камати во следните 15 години, сума која можеше да се насочи кон училиштата, болниците или патиштата. Прашањето кое се поставува е, дали Владата очекува дека економскиот раст ќе ги оправда овие половина милијарда евра камата? Ова е невозможно и реално тешко дека ќе се случи затоа што средствата наменети за стопанството, наместо да бидат инвестирани во нови производствени капацитети, ќе завршат за мали и краткорочни проекти кои немаат никакво влијание врз економскиот раст“, велат од СДСМ.

Слични забелешки упатува и економскиот аналитичар Јовановиќ кој потсетува дека задолжувањата не се наивни и треба да се води сметка бидејќи на крајот сето тоа ќе го плаќаат граѓаните.

* Сузана Мицева е новинарка.

** Кристијан Трајчов е граѓански активист во Виа Ад Астра.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE