Членовите на Ротари клубот од Струмица средствата од хуманитарниот настан од формирањето на клубот ги насочија за купување медицинска опрема неопходна за одделението за педијатрија при струмичката болница. Станува збор за апарати кои менаџментот на болницата и здравствените работници ги истакнале како неопходни за грижа, третман и лекување на најмалите пациенти во болницата.
Како што кажа Силвија Левин од Ротари клубот, одлуката да се набават апарати за педијатрија при струмичката болница била едногласна на сите 23 члена на клубот кој почна повторно да функционира од минатиот месец.
„Во консултација со раководството на болницата, сите членови на Ротари клубот одлучија, донацијата да биде наменета за одделението за педијатрија при Општа болница во Струмица. Списокот со неопходните апарати ни го достави директорот и началничката на педијатрија и ние ги набавивме. Ова нема да биде прв хуманитарен настан, впрочем визијата на Ротари клубот е да се подобрат условите во заедницата во која живееме“, изјави Силвија Левин од Ротари клубот.
Членовите на Ротари клубот на педијатрија ѝ доделија аспиратор, три инхалатори, билирубинска фототераписка ламба која се користи за лекување на неонатална жолтица кај предвреме родени и новороденчиња, како и дигитална вага за мерење на најмалите во раната детска фаза.
Директорот на струмичката болница Гоце Христов се заблагодари на донацијата и кажа дека опремата ќе биде во функција за подобрување на условите за работа и во функција на најмладите пациенти.
„Струмица е расадник на донатори и во изминативе 12 месеци се реализираа голем број донации. Добивме три амбуланти возила од бизнисмени што донираа и едно патничко возило. Во најава за новиот крак имаме обезбедено донација од хуманитарната организација од САД, кои планираат да го опремат целото гинеколошко акушерско одделение при болницата. Опрема и донации очекуваме и од два проекти од ЕУ во наредниот период“, кажа Гоце Христов, директор на болницата во Струмица.
Струмичката болница претендира да прерасне во регионален здравствен центар кој ќе ги опслужува пациентите од Југоистокот. За таа цел се очекува да се стави во функција и новото болничко крило.
В. Т.


