Тим од македонски и шведски истражувачи во наредните две години ќе работи на сеопфатна научна проценка на еколошката вредност на Моноспитовско Блато, последното природно мочуриште од ваков тип во Македонија. Овој тим ќе работи на утврдување на природните вредности, а ќе се утврдат и мерките за заштита на местото што е живеалиште на ретки растенија и животни и одморалиште за птиците преселници.
Проектот се реализира со поддршка на Шведска агенција за заштита на животната средина, во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање и општините Босилово, Ново Село и Струмица. Една од планираните мерки е заштита на реткостите преку донесување на закон.
Според најавите од Општина Босилово, активностите ќе опфатат детално истражување на флората, фауната и хидролошките карактеристики на блатото.
„Моноспитовското Блато е едно од ретките непресушени мочуришта во Македонија, дом на бројни ретки растенија и животни. Освен тоа, блатото претставува важно одморалиште за птиците преселници. За жал, со години наназад состојбата не е идеална. Затоа, по иницијатива на општините од регионот и голем број граѓани, започнуваме значаен процес на ревалоризација на овој простор,“ изјави градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев.
Според предвидената програма, истражувањата вклучуваат детална теренска анализа на флората и фауната, комплексно испитување на хидролошките карактеристики на блатото, како и развивање цврста научна основа која ќе послужи за изработка на посебен закон за заштита на Моноспитовско Блато.
Донесувањето на закон за заштита на Моноспитовско Блато има за цел да спречи една особено штетна практика на населението, кое намерно ја пали трската во блатото, а со тоа го загрозуваат и биодиверзитетот не само во блатото, туку и во околината.
„Со самото тоа што Моноспитовско Блато ќе биде прогласено за заштитено подрачје, тоа од една страна ќе значи големи придобивки од еколошки аспект, затоа што ќе се преземат мерки за заштита на блатото и отстранување на отпадните води што се вливаат во тука. Исто така ќе се овозможат и услови за развој на алтернативниот туризам, затоа што понатаму Општина Босилово и останатите општини што опфаќаат дел од Моноспитовско Блато ќе имаме можност преку европски фондови да аплицираме за посебни проекти,“ вели градоначалникот Манчев.
Моноспитовско Блато се наоѓа во подножјето на планината Беласица и опфаќа површина од околу 400 хектари, од кои околу 250 хектари се под вода и трска. Овој уникатен простор изобилува со голем број природни реткости, меѓу кои и папратот „осмунда регалис“, единствен од таков вид на Балканот, како и над 140 различни видови птици.
До 1947 година, блатото традиционално било користено од локалното население за риболов, лов, пасење стока и собирање на трска и рогоз. Меѓутоа, со мелиоративните зафати спроведени меѓу 1947 и 1975 година, голем дел од блатото бил исушен со цел проширување на земјоделските површини. Денес, површината му е намалена повеќе од десет пати.
Проектот за валоризација ќе значи сериозен обид да се спречи понатамошното уништување и конечно да се добие статус на заштитено подрачје.
З. Ѓ.


