Во одморалиштето на МВР на Пониква почна двонеделната рехабилитација на првата група повредени од пожарот во клубот „Пулс“. За нив се грижи тим од лекари специјалисти и физиотерапевти од Клиниката за пластична хирургија од Скопје и од болниците во Кочани и Штип, кои кои им ја обезбедуваат потребната медицинска нега и физиотерапевтските вежби.
„Престојот на повредените им годи, без разлика на забелешките што ги имаше, овде нема комарци, а временските услови се идеални, со што условите сосема им ги задоволуваат потребите. Превентивно носат долги ракави, заштитени се, не излегуваат преку ден на сончева светлина, а во вечерните часови се физички активни и ги користат опремените игралишта, со што некои постепено се враќаат на своите нормални спортски активности од претходно. Сите се вклучени во системот „Мој термин“ во рамки на проектот за рехабилитација на Пониква“ – истакна Катерина Мирчовска, в.д. директорка на Општата болница со проширена дејност – Кочани.
Паралелно со рехабилитацијата на Пониква, на Одделот за хирургија во болницата во Кочани обезбедени се и неопходните стерилни услови за давање на така наречената ПРП терапија на повредените (плазма збогатена со тромбоцити која го забрзува лекувањето), според списокот што е добиен од Клиниката за пластична хирургија.
„Терапијата ќе се спроведе в петок во соработка со специјалисти по пластична и реконструктивна хирургија од Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Во нашата болница ќе продолжи и физикалната терапија за 16 повредени, оваа недела таа ќе се реализира во втора смена, во адаптираните простории на Хирургија. Дополнително, стигнаа и повредените од болницата „Пирогов“ во Софија кои ќе се вклучат во терапијата во болницата кај нас, затоа што сѐ уште ќе имаат обврски за прегледи во бугарската здравствена институција. Со оглед што реконструкцијата на просториите за физикална терапија оди според планот, очекуваме за три недели да почнат да се користат условите таму“, додаде Мирчовска.
Задоволни од условите на Пониква и од напредокот на здравствената состојба на повредените се и физиотерапевтите кои работат со нив.
„Пациентите закрепнуваат солидно, има напредок, првите кои беа во кочанската болница беа тешки, но постепено им се враќаат движењата на екстремитетите, а се подобрува и нивната кондиција. На Пониква имаат поголеми можности за физички активности, а навечер ги користат справите и спортските полигони. Во текот на денот имаат масажа и вежби во сала“, рече Никола Божиновски, физиотерапевтски техничар од болницата во Штип.
„На Одделите за хирургија за физикална терапија во болницата во Кочани имавме нови, неотпакувани справи и опрема за вежбање и таа е донесена овде, на Пониква. Доволно сме опремени, па дури и масата со реквизити за вежбање е овде. Во Кочани останаа уште 16 пациенти, со оглед што тие сѐ уште мораат да одат на редовни секојдневни преврски во болницата“, истакна Јагода Стојанова, физиотерапевт од Кочани.
Во втората група повредени кои ќе престојуваат на Пониква, освен оние на кои име потребна физикална терапија, ќе бидат вклучени и лица со респираторна патологија на кои им завршило лекувањето.
Т. А.


