Летните шумски пожари ќе се гаснат со дополнително нови специјализирани возила и 400 доброволци-пожарникари

Летните шумски пожари, кои се на прагот на оваа сезона ќе се гаснат по стариот систем на координации и справување со пожарите, но со нови 400 пожарникари, кои ќе дојдат од редовите на обучените доброволци. Ова за Локал Актив го соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов кој рече дека на терен освен доброволците-пожарникари, досегашните единици ќе делуваат и со нови специјализирани возила.

Од воздух со пожарите ќе се справуваат пилотите, кои управуваат со постоечките ер трактори и петте хеликоптери, од кои два се на АРМ и три се на Министерството за внатрешни работи. Новина е што ќе се вклучи и спортски авион.

На располагање ќе има еден спортски авион во Агенцијата за цивилно воздухоплоство

„На располагање ќе имаме еден спортски авион во Агенцијата за цивилно воздухоплоство, кој ќе го користиме за извидување, којшто ќе ја надлетува територијата на државата, за рано известување на појава на шумски пожари. Но, оваа година ќе бидеме зајакнати со поголем број специјални возила, коишто ќе бидат промовирани наредните неколку недели. Очекувам многу позитивно да влијаат во справувањето со шумските пожари. Но, воедно и бројот на пожарникари ќе биде зголемен, од страна на Владата е покрената една акција за примање на 400 доброволци, коишто би биле ставени би рекол во работен однос преку Агенцијата за вработување, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и локалната самоуправа“, вели Ангелов.

Тој за Локал Актив вели дека 400 доброволци-пожарникари ќе бидат распоредени по општините, а дел од нив ќе бидат распоредени во Скопје, и како што вели, најверојатно во Дирекцијата за заштита и спасување.

 „Ќе дадат голем придонес и ќе нема да бидат примени сите што ќе се пријават, ќе се направи би рекол една селекција, којашто ќе ги одвие оние коишто можат да ја работат оваа работа. Со тоа што најдобрите би продолжиле понатаму како професионални пожарникари. Се надевам дека во наредните 15 денови ќе заврши овој процес. Деталите сѐ уште не се дефинирани, бидејќи Уставот не дозволува во оваа област ограничување со старосна граница на кандидатите. Но, проверките коишто ќе се направат едноставно ќе ги исфрлат кадрите, коишто се со послаба физичка подготвеност, а се разбира повозрасните се помалку подготвени физички од помладите, со одредени исклучоци“, изјави Ангелов.

Што се однесува за реформите во целокупниот систем, Ангелов појаснува дека Системот за управување со кризи е комплексен и е составен од повеќе институции, потоа Невладиниот сектор и приватниот сектор во одредени состојби, какошто е кризната состојба.

„На него работи работно тело при Владата, коешто е предводено од вицепремиерот Љупчо Димовски и се работи на најмалку 19 Закони, коишто треба да бидат дополнети изменети, а некои од нив можеби и укинати за да се донесат нови закони, коишто треба да ја поминат собраниската процедура“, рече Ангелов.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување посочи дека неговиот фокус е создавање на една институција, која ќе ги обедини двете постоечки ЦУК и ДЗС. 

400 доброволци-пожарникари ќе бидат распоредени по општините

Неговите очекување се дека процесот за  создавањето на оваа институција би можел да се заокружи околу Нова година или евентуално некој месец подоцна во 2026 година, бидејќи во моментов реформите можат да ги успорат летните шумски пожару. Исто така 2025 е изборна година што дополнително може да го забави процесот –  локалните избори треба да се спроведат во октомври.

В.Д

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE