Советот на општина Струмица донесе одлука за подигање спомен обележје – биста во чест на трагично загинатиот музичар Џоко Ѓеоргиев (24) во пожарот во дискотеката „Пулс“ од Кочани, како и во чест на 62-те жртви на оваа трагедија.
Советот на Општина Струмица беше едногласна. Одлуката е донесена на предлог на Комисијата за општествени дејности спомен обележјето да се подигне во центарот на Струмица. Изработката на споменикот ќе биде од собраните донации иницирани од Димитар Ѓоргиев, братот на загинатиот Џоко, на платформата pavelandreev.org каде граѓаните донираат симболични средства.
Софија Патрикова, раководителот на Секторот за урбанизам во општина Струмица кажа дека спомен обележјето ќе биде на парцела во непосредна близина на гимназијата „Јане Сандански“, каде Џоко беше постојан член на училишниот музички бенд.
Локацијата се наоѓа на зеленилото во паркот покрај Струмичкото корзо, каде неодамна беше отстранета урбана опрема на две градски кафулиња.
Инаку, на краудфандинг платформата pavelandreev.org во тек е кампањата за собирање донации за подигање споменик во Струмица во чест на младиот тапанар Џоко Ѓоргиев и останатите 62- ца кои загинаа во пожарот во Кочани.
Кампањата е креирана од братот Димитар Ѓоргиев, а целта е да се соберат 30 илјади евра – пари со кои ќе се изработи идејното решение и споменикот кој треба да сведочи за големата трагедија во Кочани.
„Огнот можеби го зеде неговото тело, но не и споменот, музиката и љубовта што ни ги остави. Како феникс, тој остана да лета меѓу нас во нашите сеќавања, во секој тон што ќе не потсети на него, во секоја искрена емоција што ја остави зад себе. Ние сакаме таа искра да живее засекогаш. Затоа започнуваме иницијатива за подигнување на споменик во чест на Џоко Ѓоргиев – во неговата родна Струмица, и во чест на сите 62-та згаснати ѕвезди. Споменик не на загубата, туку на вечниот препород“, стои во објаснувањето за покренатата иницијатива
Младиот тапанар Џоко Ѓеоргиев беше професор во музичкото училиште „Боро Џони“ во Струмица. Тој беше дел од сите музички настани во градот, освојувајќи ги симпатиите на младата публика. Последниот настап во Струмица го имаше на Концертот под маски на Музичкото училиште за време на Струмичкиот карневал. Џоко загина во пожарот во дискотекта „Пулс“ во Кочани, како член на бендот ДНК.
В.Т


