Додека деновиве се средуваат уписните пријави во сите средношколски центри во Штип, за образовните власти е разочарувачки податокот дека ниту најатрактивното, Медицинско училиште не успеа да ги пополни слободните места. Всушност, во првиот уписен рок за 719 слободни места аплицираа само 488 ученици. Слободни места има и за угостителската струка, што редовно беше една од најбараните, како и за информатички техничар.
Како што информираа од Општина Штип, од секторот за образование, во медицинското СОУ Јане Сандански целосно пополнети се струките за забен техничар и новата – техничар за козметичка нега и убавина. Од остранатите струки, има шест слободни места за физијатриски техничар, 2 за медицинска сестра и 5 за фармацевтски техничар. Заедно со овие слободни места, во останатите средношколски центри – гимназијата Славчо Стојменски, техничкото СОУ Коле Нехтенин и текстилното СОУ Димитар Мирасчиев има уште 231 слободно место.
„Последните години е практика да останувуаат слободни места по првиот и вториот уписен рок. Очекуваме до почетокот на новата учебна година да се пополнат поголемиот дел од слободните места“, ни изјави Снежана Санева од Општина Штип.
Во тек е вториот уписен рок, додека на 21 август ќе следи и трета шанса за тие што нема да се запишат во прва година. Факт е дека од година во година завршуваат сѐ помалку основци, што се должи и на иселувањето, но и на помалиот природен прираст на населението.
Оваа година има и една новина со реорганизацијата на средношколските центри во Штип, со тоа што и СОУ Коле Нехтенин се очекува да прерасне во Регионален центар за стручно образование и обука под надлежност на државата.
„Следува дефинирање на струките што тука ќе се нудат за кадар кој е недоволен во моментов за потребите на индустријата во регионот. Ќе работиме на поврзување на ова училиште со бизнис заедницата и ќе направиме крупни инфраструктурни инвестиции за модернизација на условите за настава, за што се надевам дека ќе добиеме финансиска поддршка од Европска Унија, како што добивме и за претходно формираните регионални центри“, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при посетата на ова училиште во ноември минатата година.
Со новата реорганизација на стручните училишта, предвидено е во секој од планските региони да има по еден ваков центар. Засега нема најави дали штипското училиште ќе има ваква реорганизација со почетокот на новата учебна година во септември.
Р. Л.


