Пензионерите се заканија дека нема да гласаат на локалните избори доколку пензиите не им се зголемат линерано

Пензионерите од речиси сите општини во државата на средбата во Свети Николе испратија порака до власта: „Немате глас од нас!“. Лути се од најавата дека ќе нема линерано покачување на пензиите. Пензионерите се децидни дека се против процентуалното зголемување.

Трајче Станојков, член на Иницијативниот одбор  од Општина Свети Николе вели дека актуелните мерки за усогласување на пензиите, кои се засновани на процентуално зголемување, не се доволни и не обезбедуваат фер распределба на средствата. Велат дека тоа е единствениот начин со кој ќе им се вреднува трудот што го вложиле за време на својот работен век, а истовремено ќе се намалат големите разлики меѓу најниската и највисоката пензија во државата.

„Бараме на 15 јули премиерот Мицкоски да нѐ прими и да му образложиме за предлог законот што го имаме доставено до Собрание и ова што пишува на нашите транспаренти од протестите, да се почитува“, вели Станојков.

Трајче Митев, пензионер од Штип вели дека протестираат три години за линеарно зголемување на пензиите.

„Нашите барања и протести се и за младите. Тие треба да знаат доколку продолжи процентуалното зголемување на пензиите ќе бидат оштетени кога ќе се пензионираат. Системот ќе ги натера да земаат 60-70% пензија“, вели Митев.

Освен средба со премиерот, пензионерите уште еднаш јавно побараа и оставка од претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајковска, која ја обвинуваат дека не ги застапува нивните интереси. Оваа група на пензионери вклучени во иницијативата бара смена на актуелното раководство на Сојузот на пензионери.

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека со ребалансот на буџетот е предвидено зголемување на пензиите, како што рече, согласно законот. Пензионерите од Иницијативните одобори од речиси сите општини во земјата истакнаа дека нема да излезат на гласање ако не добијат линеарно усогласување на пензиите во месец септември.

Инаку, со ребалансот на буџетот во кој е предвидено зголемување на пензиите се очекува просечната пензија да порасне за 2.130 денари и да опфати 330.000 пензионери.

В.Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE