По физичкиот инцидент во Советот на Општина Кочани се бара начин за продолжување на институционалниот дијалог

Повик за итен состанок до координаторите на советничките групи упати претседателот на Советот на Општина Кочани, Лазо Митев, со цел да се договорат како да продолжи нивната работа. Советот веќе три недели не работи, по инцидентот на 65. седница, што се одржа на 19 јуни, која беше прекината по вербалните дискредитирања и навредите меѓу советниците,  а кулминираа со физички инцидент.

„Советот е демократско тело избрано од граѓаните, а неговата работа мора да биде во служба на јавниот интерес, во духот на почит, дијалог и законитост. Насилството не само што е неприфатливо, туку е и директен удар врз интегритетот на институциите и довербата на граѓаните во нив. Во таа насока, ги повикувам координаторите на советничките групи на итна  координација, со цел да се стави јавниот интерес на прво место и да се обезбеди нормално и безбедно продолжување на седницата, да се постигне согласност околу процедурите што ќе гарантираат достоинствено однесување во иднина и да се постави јасен институционален став кон вакви недозволиви постапки,“ истакнува Митев.

Во повикот до координаторите на советничките групи Митев нагласува дека секој обид за одбегнување на институционален дијалог или релативизирање на насилството ќе биде третирано како обид за попречување на работата на Советот.

Последната седница на Советот на Општина Кочани, на која меѓу другото требаше да се донесат одлуки за воспоставување соработка со други општини во државата и за ребаланс на општинскиот буџет, беше прекината поради инцидентот во кој советникот Аки Акиов со пластично шише повреди вработена во Локалната самоуправа кој службено присуствуваше на седницата.

Еден ден по инцидентот советничката група на ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение со ултиматум дека нема да присуствува на седници додека Акиов не си поднесе оставка од советничката позиција.

Од општинската организација на СДСМ истакнаа дека советникот што го предизвика инцидентот не е нивен член, туку на коалиционен партнер, при што јавно се оградија од неговото постапување и повикаа надлежните институции целосно да го расветлат настанот.

Средба на координаторите на советничките групи е закажана за 9 јули, а претседателот на Советот нагласува дека јавноста ќе биде информирана за заклучоците од неа.

Т. А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE