Истокот гори, државата тапка во место: Ненаучени лекции од Малешевските пожари

Во исчекување да завршат реформите, екипирањето, донесувањето на стратегии и програми, пожарите неповратно ги земаат македонските шуми, имоти, па и човечки животи.

Авторки: Родне Деолска* и Викторија Димитрова**

Не се научија лекциите од претходните шумски пожари во Малешевско-Пијанечкиот регион. Крајниот источен регион на државата последните пет години се бори со страшни шумски пожари. Најзапаметен ќе остане во август 2021 година, кога жителите на источниот регион на земјата беа сведоци на неколкудневниот најкатастрофален пожар што некогаш се случил на овие простори. 

Неколкудневната стихија резултираше со изгорени 2.300 хектари на територијата на Општина Делчево, што претставува околу 8% од шумскиот фонд во оваа општина. Изгореа 231.300 м³ дрва, а финансиската штета е проценета на околу 8,5 милиони евра. Во Берово и Пехчево изгореа речиси 2.400 хектари или 180.000 м³ дрва. Штетата е проценета на над 15 милиони евра. 

За тоа да се прикаже посликовито, оваа штета е предизвикана на територија колку што се 8.700 кошаркарски игралишта заедно, колку површината на грчкиот остров Миконос, или толку колку што е урбаната површина на Париз. Изгорената дрвна маса изразена сликовито е пет пати поголема од Пирамидата во Гиза или дрва што ги собира во 16.450 шлепери. Во овој пожар не изгоре само шума, туку и пасишта, овоштарници, пчелни семјества.

Лекциите, се чини, не се научени. Во држава која за последните 20 години загуби 31.03% од шумите, изненадувачки е што од 27 милиони денари предвидени во Програмата за проширена репродукција на шумите во државниот буџет за 2025 година, дури 16,6 милиони се за отстранување на последиците од шумските пожари, а само 1,3 милиони денари се за превенција.

Волонтерите на ДПД Пехчево во акција- Фотографија приватна архива

Последната Национална стратегија за заштита и спасување била со важност до 2018 година. Според вест објавена на 24 јуни, сѐ уште работиме на стратешките документи:

„Северна Македонија направи чекор напред во обликувањето на својата Национална стратегија за управување со пожари на отворено и адаптивно управување. На националниот состанок на мрежата за заштита на пејзажот, што се одржа на 24 јуни 2025 година во Македонија, учествуваа 40 претставници од владини институции, научни тела, граѓанско општество и оперативни служби“, се информира во веста од Национален состанок на мрежата за управување со животниот стил (LFM).

И покрај најавите, и оваа година во сезоната на пожари влеговме беа воспоставен единствен систем за управување со сите ресурси за справување и гаснење на пожарите, што според професионалните пожарникари е основна потреба.

„Недостасува интегриран пристап и синхронизирано дејствување на надлежните институции во управувањето со пожарите. Имено, не се обезбедени целосни услови за превенција и рано предупредување во случај на пожар на отворен простор, навремено оперативно дејствување при нивно гасење, како и мерки за намалување и санирање на последиците од пожарите и обновување на животната средина“, констатира Државниот завод за ревизија во извештајот објавен во јануари 2025 година.

Првото предупредување дојде во март, кога само во еден викенд имаше дури 60 регистрирани пожари во цела држава. Десетина од нив беа од запалените стрништа во источниот регион.

На терен имаме недоволен број на пожарникари, малку опрема и единици што меѓу две летни сезони беа засилени со возила, повеќе донации и најава од Владата дека од парите од унгарскиот кредит ќе се вработуваат 400 нови пожарникари. Единствена светла точка во источниот регион во големата тема за превенција и борба со пожарите се новоформираните доброволни пожарникарски друштва, кои беа засилени и со донации во опрема и возила.

Што нема и што треба(ше) да се направи?

Во моментов нашата земја нема конкретен и одржлив систем за спречување и справување со пожари, па овие настани секогаш претставуваат предизвик за локалното население и институциите

Командирот на ТППЕ-Берово Димитар Гошевски за Локал Актив изјави дека не се воспостави врска меѓу локалните и централните институции при координирање за гаснење на пожарите. Доколку веднаш и организирано се интервенира, пожарот ќе биде изгаснат за кратко време, ќе се спречи неговото ширење и нема да зафаќа поголеми површини на шума, а при тоа институциите да ги користат сите човечки капацитети и ресурси со кои располагаат.  

„Не се научија доволно лекциите од претходните пожари. Лично за нас пожарникарите сметам дека кога би се изготвил нов Закон за пожарникарство и кога би биле сите во една спрега, би била подобра координацијата, дали со нас, со Национални шуми, со Центар за управување со кризи, со Дирекција за заштита и спасување, а доаѓа на помош и војската. Но, кога би имало единствено раководење и координирање, тогаш би било поефикасно. Кај нас во Малешевијата функционира соработката меѓу нас, Национални шуми, доброволното Противпожарно друштво од Пехчево, не можам да кажам дека не функционира. Но, на државно ниво треба уште повеќе да се работи. Треба да се работи во единствен систем за управување со сите ресурси за справување и гаснење со пожарите“, вели Гошевски.

Системот е во реформи. На него работи Работно тело при Владата, коешто е предводено од вицепремиерот Љупчо Димовски, објаснува директорот на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. 

Волонтерите на ДПД Пехчево во акција- Фотографија приватна архива

Ова тело разгледува најмалку 19 закони, коишто треба да бидат дополнети и изменети, некои од нив можеби и укинати, и создавање на нови закони, коишто треба да ја поминат собраниската процедура.

Директорот на ДЗС Ангелов за Локал Актив тврди дека сепак се работи на подобра подготвеност и опременост на државните институции за летните пожари. Неговиот фокус е создавање на една институција, која ќе ги обедини двете постоечки – ЦУК и ДЗС. Ангелов очекува процесот на  создавањето на оваа институција да може да се заокружи околу Нова година или евентуално некој месец подоцна во 2026 година, бидејќи во моментов реформите можат да ги успорат летните шумски пожари, но и локалните избори, кои треба да се спроведат во октомври.

Но, до изборите и до завршувањето на реформите е долгото тропско лето и пожарите, кои почнаа да беснеат. На терен, како што најавува Ангелов, пожарникарите и останатите институции ќе имаат поддршка од 400 доброволци-пожарникари и нови специјализирани возила. Од воздух со пожарите ќе се справуваат пилотите, кои управуваат со постоечките ер трактори и петте хеликоптери, од кои два се на АРМ и три се на Министерство за внатрешни работи. Новина е што ќе се вклучи и спортски авион во Агенцијата за цивилно воздухоплоство.

„Овој авион ќе го користиме за извидување. Тој ќе ја надлетува територијата на државата за рано известување на појава на шумски пожари. Но, оваа година ќе бидеме зајакнати со поголем број на специјални возила. Очекувам многу позитивно да влијаат во справувањето со шумските пожари. Но, воедно и бројот на пожарникари ќе биде зголемен, бидејќи од страна на Владата е покрената една акција за примање на 400 доброволци, коишто би биле ставени, би рекол во работен однос преку Агенција за вработување, во соработка со Дирекција за заштита и спасување и локалната самоуправа“, вели Ангелов.

Овие 400 доброволци-пожарникари ќе бидат распоредени по општините, дел од нив ќе бидат распоредени во Скопје, а дел најверојатно во Дирекција за заштита и спасување.

Во пракса недостасува опрема, специјализирани возила и дронови

Во исчекување да завршат реформите, екипирањето, донесувањето на стратегии и програми, пожарите неповратно ги земаат македонските шуми, имоти, па и човечки животи. На терен, во источниот регион недостасуваат луѓе, опрема и возила. За пожарникарите во овој регион светла точка во последните две години е набавката на неколку нови возила и основна опрема, голем дел од нив и по пат на донации. За илустрација, беровските пожарникари располагаат со четири камиони, од кои два се добиени по пат на донации, а останатите два камиони за гаснење на пожари се постари од 25 години.

Во овој микро регион се формираа и доброволни противпожарни организации кои полека ги зголемуваат капацитетите и помагаат при вакви елементарни непогоди. Заедно со пехчевското доброволно противпожарно друштво, во регионот се формирани уште две – во Македонска Каменица и Делчево. Друштвото во Делчево не профункционира целосно. Пехчевското, како што нѐ информираше претседателот Дејан Вазлиски, преку мрежата на доброволни противпожарни друштва од цела држава успеваат да стигнат до донации и да бидат дел од обуки кои се важни за нив. 

„Имавме онлајн обука од Дубаи, а често нѐ посетуваат и странските амбасадори во земјава кои имаат слух за нашите потреби. Во моментов кадровски сме подготвени, но имаме потреба од техничка опрема која засега ја добиваме во партнерство со друштвата кои се постари и поискусни од нас“, вели Вазлиски.

Пехчево нема Противпожарна единица, туку за територијата на оваа мала општина е надлежна Територијална Противпожарна единица Берово. Тоа значи одолговлекување на времето за реакција при било какви пожари. Формирањето на доброволно друштво било повеќе од потребно. Профилите на сите доброволци се слични, возраст помеѓу 18 и 55 години, некој е инженер, друг правник, трет земјоделец, има и студенти, но сите со една заедничка мисија – да ги заштитат белите дробови на малешевијата и да го зачуваат епитетот за Швајцарија на Балканот. Она што се случувало во 2021 година предизвикало таква непоправлива катастрофа, по што морало веднаш да се реагира.

Пожар на Буковик над Село Негрево - фотографија на ДПД Пехчево

Дејан Вазилиски вели дека нивниот најдолг пожар бил минатогодишниот 10 дневен на планината Буковиќ над Пехчево. Тогаш имало животозагрозувачки моменти, изгореници, дехидритација и вдишување на чад кај волонтерите. Тогаш во огнените пламени останале заробени неколку од нив, кои за среќа се извлекле со полесни изгореници. Но, тогаш им изгоре единственото возило за шумски пожари. 

„Правиме напори да обезбедиме беспилотно летало – дрон со термална камера, долг досег на летање и батерии со висок капацитет, кое ќе ни помогне во рана детекција на жаришта и брза интервенција. Клучот е во едукација и строга законска регулатива. Потребно е да се подигне свеста кај граѓаните за штетата од пожарите, да се засилат контролите и санкциите за оние што ги подметнуваат. Исто така, локалните заедници треба активно да се вклучат во заштитата на шумите и пријавување на сомнителни активности“, изјави Вазлиски. 

Пехчевскиот и беровскиот регион се опкружени со густи шуми, а ризикот од шумски пожари е висок. Минатата, 2024 година, настапи долг сушен период, па така во јули и август во Македонија имаше 46 активни шумски пожари истовремено, од кои не беше поштеден и источниот регион, поточно планината Буковиќ над Пехчево. Последиците од пожарите се огромни.

Намалено количество кислород, зголемена веројатност за ерозивни процеси, нарушен воден тек, уништен биодиверзитет – се само дел од последиците што долгорочно ќе ги почувствуваат жителите на Делчево, Берово и Пехчево.

Европскиот информациски систем за шумски пожари (ЕФФИС), кој е дел од програмата Коперник, дава податоци на годишно ниво за штетата која ја направиле шумските пожари во државите од 2006-та година, па наваму. Ако се забележи графичкиот приказ за Северна Македонија, во текот на овие речиси две децении, најголема површина на шума изгорела минатата 2024 година или вкупно 132 шумски пожари кои уништиле 95.214 хектари.  Резултатите на ЕФФИС се аларманти и ако се има предвид дека во првото тромесечие од 2025 година изгорела шума колку што тоа било за цела 2018 година. Не помалку вознемирувачки се бројките од 191 пожар во последните 20 години во кои изгореле 310.649 хектари шума или 31.03% од шумите во државата.

Графички приказ на изгорена површина од шумски пожари и број на пожари во Северна Македонија во периодот 2006-2025 година (Извор: ЕФФИС)
Сателитска снимка од пожарите во Пехчевско и чад кој се шири 100-тина киломентри кон исток ( Извор НАСА)

Верица Арнаутовска, професорка по биологија за Локал Актив забележува дека штетата е уште поголема и последиците ќе ги почувствуваме во иднина, со оглед на тоа што страда целокупниот екосистем – растителниот и животинскиот свет, како и животните услови на граѓаните. Пожарите драстично и неповратно го влошуваат квалитетот на амбиенталниот воздух, што од година во година придонесува за деградација на микроклиматските карактеристики на територијата на целата земја. 

„Уништени се живеалишта на многу животни, па оние кои се спасија од пламените јазици емигрираа кон нови  живеалишта. Биомасата со која се хранат многу живи организми (дрво 

лисја) е исто така уништена, како и многу видови растенија, со што е уништен еден цел екосистем. Биодиверзитетот на ова подрачје е целосно изгубен, а да не зборуваме за човековото здравје и локалната економија кои ќе претрпуваат огромни последици“, вели Арнаутовска. 

Верица Арнаутовска, професор по биологија (приватна архива)

Ивица Милевски, професор на Институт за географија (Природно-математички факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје). предупредува на последиците од пожарите од географски аспект.

„Пожарите во овој регион условија нагло зголемување на ризикот од ерозија, поплави и свлечишта, бидејќи е уништен заптитниот вегетациски покривач. Таму наклоните се големи, геологијата и почвите се неотпорни, а со овие пожари условите за непогоди се драстично зголемени“, објаснува Милевски.

Но дали граѓаните ја научија лекцијата?

Истражувањата покажале дека во 90-95% од случаите причинител за пожарите е човечкиот фактор, односно 65% од пожарите се предизвикани од невнимание, како што се палење стрништа, оган и скара на отворено, оставање отпад што може да се запали, непочитување на забраните за движење и останатите правила. Притоа најмногу страдаат шумите, пасиштата и земјоделските површини, што доведува до сериозни загуби во земјоделскиот сектор.

И по три години кај мештаните од најпогодените села се свежи сеќавањата од „блискиот контакт“ со огнот. Во делчевското село Нов Истевник од каде неофицијално се смета дека започна големиот пожар на 2 август 2021 година, последиците ги чувствуваат секојдневно.

„Ресурсите кои жителите ги користеа за егзистенција, како собирање смрека, печурки, шумски плодови, веќе ги нема. Од камионите кои ги пренесуваа опожарените дрва уништени се селските патишта до толку што локалното население не може да ги користи. Единствениот верски објект за околните села, црквата која имаше големо духовно значење за селаните, изгоре во пожарот и нема средства за возобновување,“ вели Александар Николов кој потекнува од селото, а таму има викендица во која често престојува.

Пехчевско Робово исто така сведочи за најдраматичните моменти тие денови, кога се даваа надчовечки напори за спас на селото. Месното население тврди дека по пожарот се променила и климата во овој регион.

„После пожарите ова подрачје има ветрови како никогаш досега, шумата над селото ја нема, не знаеме што ќе се случува ако има и поројни дождови и надојде некоја поголема вода. Јасно ни е дека природата ова нема да ни го прости и дека ќе нѐ казни за секое уништено дрво. Само луѓето за тоа треба навреме да се освестат,“ вели Душка Стојовска која со иститот страв ги раскажува пеколните моменти од тоа лето.

И покрај неколкуте големи пожари во блиското минато, не се напушта навиката да се палат стрништата, што сред тропски горештини лесно преминува во стихија.

Системи за рано детектирање пожари
Постојат повеќе современи системи на рано детектирање на пожари, вградени и во документите на кои сѐ уште се работи. Еден таков е од соседна Бугарија - систем на сензори кои детектираат какво било зголемување на температурата. Поставени се инфрацрвени камери, кои детектираат зголемување на температурата во радиус од 10 км. Потоа камерата почнува да дава звучен сигнал со текст што ги алармира останатите делови од системот. Во Калифорнија, САД уште од 2023 година е активен системот за вештачка интелигенција ALERTCalifornia, базиран на алгоритми за вештачка интелигенција, кој 24 часа собира податоци од 1.144 камери и ги анализира во обид да идентификува пожари. Потоа системот ги алармира службите за итни случаи кои одлучуваат дали постои закана и дали е потребна акција. Камерите на ALERTCalifornia можат да вршат скенирање од 360 степени приближно на секои две минути и можат да видат до 60 милји во ведар ден и 192 милји во ведра ноќ со пренос во живо.

Од Министерство за внатрешни работи за Локал Актив велат дека од 1 јануари 2024 година до почетокот на јуни 2025 година на подрачјето на СВР Штип откриени се 13 сторители од општините Делчево и Кочани кои предизвикале пожари. Против 11 сторители поднесени се барања за поведување на прекршочна постапка по чл.46 став 2 од Закон за земјоделско земјиште, а против двајца  сторители од општините Делчево и Кочани поднесени се кривични пријава по чл.288 од Кривичниот законик на РСМ.

Многу стратешки документи, акциски планови и програми, но реално подобрување нема

Во 2013 година со проект меѓу Општина Пехчево и бугарската Општина Симитли се работеше на заеднички апликативни истражувања за заштита на природните ресурси и животната средина во прекуграничниот регион. Тогаш беше создадена база на податоци кои требаше да доведат до превенција и полесно справување со природните непогоди, меѓу кои и пожарите, преку користење на ГИС и ГПС технологии и сателитски податоци.

Подрачја под ризик од пожари при многу (екстремно) топло и сушно време (повеќе од 10 дена сушен период со температури над 35 степени Целзиусови (Извор, официјална веб страница на Општина Пехчево)

Карта на подрачја во општината Пехчево под ризик од шумски пожари. Најризични подрачја се шумските области со поголем наклон, јужна експозиција, блиску до населби и патишта. Картата е изработена во рамки на (Извор, официјална веб страница на Општина Пехчево)

Во 2020 година, пак, изработен е и Пилот регионален план (2020-2025) за унапредување на шумите во Малешевскиот регион (Берово и Пехчево) во рамки на Програмата за зачувување на природата.  Во делот за шумски пожари, овој план дава препораки за поголема едукација, засилени контроли, опремувањее на противпожарните единици, а предвидена е подготовка на регионална стратегија за шумски пожари заеднo со Бугарија.  

Во програмата за проширена репродукција на шумите на МЗШВ за 2025 година предвидени се 27 милиони денари од буџетот на Република Северна Македонија, што е за два милиони и шестотини илјади денари повеќе од минатата година. Најголем дел од овие средства се наменети за отстранување на последиците од шумските пожари или 16.679.520 денари. Околу 4 милиони денари се наменети за пошумување на голини и ерозивни земјишта во државна и приватна сопственост. 5 милиони денари се наменети за неподмирени обврски од истата програма за минатата година, додека најмал дел од овие средства е наменет за превентивна заштита на шумите преку ИДП службата на Факултетот за шумарски науки, односно 1.300.000 денари.  Оваа служба ја проценува здравствената состојба на шумите и предлог мерките ги доставува до МЗШВ кои ги предвидуваат средствата за наредната година. 

 

Во моментов во Македонија се спроведува четиригодишната програма „Управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан“, финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка, а координирана од Фармахем Скопје. Во нивниот национален извештај за Северна Македонија, вкупната проценета штета, вклучувајќи ја дрвната маса и трошоците за гасење на пожарите за периодот од 2000 до 2022 година е 170.173.856 евра или во просек по 7.735.175 евра годишно. Кај овие пресметки акцентот е ставен на дрвната маса, но во иднина тие треба да ги опфаќаат и загубите на екосистемот и неговите екосистемски услуги. 

„Последните пет години Северна Македонија е на второ место по опожарена површина  на ниво на Западен Балкан, со 134.000 ха. Прва на листата е Босна и Херцеговина, со 280.000 ха. За жал, 2024 година беше една од најлошите години за регионот, каде имавме опожарена површина од скоро 260.000 хектари, од кои на нашата држава отпаѓаат 95.000 хектари или 36 %. За жал, скоро во сите држави во Западен Балкан во изминатиот период фокусот e целосно ставен на преземање мерки за супресија, односно гасење на пожарите, додека активностите за превенција се ставени во втор план. Недостасуваат активности и постапки од превентивен карактер кои треба да ги спроведуваат различните засегнати страни, како и координиран пристап на локално, национално, регионално и меѓународно ниво во справувањето со опасностите од пожари на ниво на предел.“ велат од раководството на Програмата каде моментално работат на подготовка на национални и регионална Стратегија за управување со пожари на ниво на предел преку соработка со различните чинители на национално и регионално ниво. 

Овој стратешки документ за Северна Македонија е во завршна фаза на подготовка и во него се содржани сеопфатни мерки и активности за управување со пожарите на ниво на предел, кои очекуваме во следниот период да имаат оперативност преку инкорпорирање во програмите и активностите на соодветните надлежни институции и засегнати страни – информираат оттаму, додавајќи дека нецелосното спроведување на законските решенија и преклопувањето на надлежностите на различни институции доведуваат до неефикасност во дејствувањето, додека подигнувањето на јавната свест за управувањето со пожари и влијанието на климатските промени кај граѓаните и локалните заедници е клучно за подобрување на состојбата.

*Родне Деолска е граѓанска активистка од Регионален центар за застапување – Делчево.

** Викторија Димитрова е новинарка.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE