Во пресрет на деновите со тропски температури, системот за водоснабдување на Струмица бележи зголемување на потрошувачката на вода и е блиску до масималните 900 кубици вода во секунда. Во изминатите дваесетина дена, потрошувачката на вода во Струмица значително е зголемена и наместо досегашниот просек од околу 450 кубни метри на час, се регистрираат дури 700 кубици. Тоа е приближно 195 литри вода во секунда. Сепак, од ЈПКД Комуналец и покрај зголемената потрошувачка засега рестрикции не се планирани.
Од комуналното претпријатие објаснуваат дека ваквиот пораст е очекуван поради високите температури. Но, предупредуваат дека повторно се соочуваат со веќе познатите проблеми – прекумерна и нерационална потрошувачка на вода за полевање бавчи и дворови, како и со диви приклучоци.
„Голем проблем претставуваат дивите приклучоци кои се забранети со закон. Ги детектираме заедно со инспекциските служби на Општина Струмица. Заедно сме на терен, ги откриваме, а апелираме и до граѓаните, доколку имаат сознанија, да пријавуваат до општинските инспектори. Дивите приклучоци директно го нарушуваат квалитетот на водоснабдувањето во градот. Поради зголемената потрошувачка, зачестена е и појавата на дефекти“, изјави Љупче Љачев, директор на ЈПКД Комуналец.
Непопуларните рестрикции засега не се во план. Иако системот е проектиран за максимално производство од 900 кубни метри вода на час, доколку се достигне во овој максимум, ќе бидат ставени во функција и трите дополнителни резервоари со кои располага градот.
„Во деновите кога потрошувачката го надминува производството, активни се сите три резервоари. Резервоарот Свети 15 има капацитет од 5.000 кубни метри, резервоарот кај фабриката за вода располага со 1.250 кубни метри, а оној кај ловниот дом со 400 кубни метри“, појаснува Љачев.
Од јавното претпријатие уште еднаш упатуваат апел до граѓаните, водата да се користи рационално и одговорно, особено во услови на зголемена потрошувачка. За сузбивање на дивите приклучоци, ќе следат засилени теренски контроли, а прекршителите ќе бидат соодветно санкционирани согласно законските прописи.
З. Ѓ.


