Денес во просториите на Центар за социјална работа – Гевгелија активистите на Регионален центар за одржлив развој од Гевгелија кои учествуваа во подготовката на сторијата за потребата од отворање засолниште за жртвите на семејно насилство во Гевгелија одржаа работен состанок со директорката Кристина Бичанин и психологот Сашка Карајанова. Средбата беше посветена на актуелната состојба со жртвите на семејно насилство, нивните предизвици и тековните услуги што Центарот ги обезбедува.
Според податоците, во изминатата година се регистрирани 100 пријави за семејно насилство – бројка која претставува значителен пораст во однос на претходните години. Центарот како институција нуди индивидуални средби со жртвите, препраќање во шелтер-центри надвор од градот и обезбедување советување во Скопје, доколку е потребно.
На средбата беше истакната итната потреба од отворање или обезбедување на соодветен простор (куќа или стан) за сместување на жртвите на семејно насилство. Ваквото решение би овозможило жртвите да останат во рамки на својот регион, без потреба да бидат препраќани во други, подалечни градови. Идејата е овој простор да ги опфати сите четири општини од регионот – Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци – чии жители моментално се обраќаат до Центарот во Гевгелија.
Дополнително, беше нагласена потребата од отворање посебно советувалиште за жртвите, со оглед на тоа што многумина не се чувствуваат комотно да бараат психосоцијална поддршка во рамки на институциите.
Оваа иницијатива претставува важен чекор кон обезбедување побезбедна и подостапна поддршка за жртвите на семејно насилство во овој регион.
Р. Л.


