Со ангажирање на тешка механизација, противпожарните сили го расчистуваат теренот на планината Готен и оформуваат противпожарни пресеки. Досега се расчистени над 75 километри патеки од кои околу 47 километри биле направени само во еден ден. Пресеците имаат за цел да го спречат понатамошното ширење на огнената стихија и да овозможат побрза интервенција на терен, каде се ангажирани околу 200 припадници на копнените сили.
Според Кире Михаилов, заменик генерален директор на ЈП Македонски шуми, ако се следи планот на Кризниот штаб и ако временските услови останат поволни, се очекува пожарот да биде ставен во одреден контролен појас.
Пожарот на планината Готен се појави на територијата на општина Василево, во близина на селото Нивичино. Подоцна се прошири и на териториите на општините Радовиш и Берово. Засега нема точни податоци за опфатената површина, но првичните проценки укажуваат на неколку стотици хектари. Огнот, покрај деградирана зафатил и квалитетна букова шума.
З. Ѓ.


