Дали жителите на Делчево и Македонска Каменица ќе имаат сигурен и редовен автобуски превоз до Скопје?

Опис на проблемот

По повеќе од седум години, за жителите на Делчево и Македонска Каменица беше обновена автобуската линија до Скопје. Од средината на април 2025 година превозникот Андон Компани од Пехчево почна еднаш дневно, од понеделник до петок, да вози на оваа релација. Ова е позитивна вест за жителите на двете општини, кои долго беа без функционален јавен превоз. Меѓутоа, граѓаните се сомничави дали ова ќе се одржи на долг рок, зашто од превозната компанија најавиле дека линијата може да се прекине ако има малку патници. За да се разбере песимизмот кај граѓаните, треба да се спомене дека обиди за обновување на реалацијата од Делчево кон главниот град имаше и досега. Но, сите траеја кратко и завршуваа без најава и објаснување. Освен економската оправданост, административните и законски процедури се една од причините поради која замрел автобускиот превоз во помалите општини на Истокот. 

Локал Актив пишуваше подетално за проблемите со јавниот превоз во повеќе места на Источниот регион во сторијата објавена на оваа тема. На пример, за обновената линијата Делчево/Македонска Каменица-Скопје не постои функционална автобуска станица, така што патниците мораат да се најавуваат по телефон за да резервираат место во автобусот. Иако никаде нема поставено постојки, автобусот ги зема патниците од магистралниот пат, покрај јавни објекти или бензински пумпи, нешто што ниту е безбедно, ниту достоинствено. Ова уште повеќе во временските периоди кога ќе има дожд, снег или невреме. Сето ова придонесува многу мал број патници да патуваат со автобус, бидејќи во еден правец таксистите наплаќаат ист износ, а за повратен и поевтин билет треба да чекаат до 17 часот и 15 минути. Очигледна е потребата за повеќе автобуски линии и достоинствен начин за патниците да бидат удобно и безбедно транспортирани до Скопје.

Барања
  • Бараме од Советот на Општина Делчево во најбрз можен временски рок да се одредат локации за автобуски постојки и истите да се постават со цел безбедно и достоинствено патниците да патуваат од Делчево до Скопје и обратно, Да се одреди локација за изградба на нова автобуска станица, која и ќе се лиценцира, се со цел да можат домашните превозни компании да аплицираат за автобуски линии.
  • Бараме од Министерство за транспорт и врски да ги одземе автобуските релации/линии на Компаниите кои треба да вршат превоз на патници на релација Делчево-Скопје Делчево, а кои тоа не го прават.да распише нов повик за пријавување на компании регистрирани за превоз на патници.

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението Жена од Делчево.

Реализирани активности
  • Во јуни 2025 г. е поднесено барање до Советот на Општина Делчево, заради безбедноста на патниците, да се постават автобуски постојки за моментално единствената автобуска линија Делчево-Скопје-Делчево.
  • Со истото барање поднесено во јуни до Советот на Општина Делчево, побарано е Секторот за урбанизам на Општината да одреди локација за изградба на нова лиценцирана автобуска станица, со што ќе се овозможи подобра организираност на јавниот превоз и вклучување и на нови автобуски линии за жителите на ова подрачје.
  • Барањето за поставување автобуска постојка е поставено како 28-ма точка на дневен ред, за седницата на Советот на Општината закажана за 28 август 2025 година.
  • Советот на Општината, на својата седница одржана на 28 август донесе заклучок Барањето на Организацијата Жена од Делчево да се проследи до соодветниот сектор при Општината кој треба да ги разгледа можностите за реализација на ова барање и да го информира за тоа Советот.

    Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.  

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE