Василево ќе дели субвенции за набавка на велосипед

Општина Василево ќе дава субвенции за набавка на нов велосипед во висина од 50 % од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 6.000 денари по апликант. Ваква одлука донесе Советот на Oпштина Василево на својата 53-та седница, при што беше донесен и правилникот кој сѐ може да аплицира, а паралелно го објавија и Јавниот повик.

„Новата субвенција која се однесува на купување на велосипеди  се однесува на полнолетни лица, жители на Општина Василево и е во висина од 50% од цената, но најмногу до 6.000 денари.  Вкупниот буџет ќе биде ограничен на 300.000 денари, односно во рамки на таа сума ќе бидат давани субвенциите на граѓаните кои ќе купат нов велосипед, по принципот прв дојден – прв услужен, до исцрпување на сумата определена со Програмата“, објави градоначалникот на Општина Василево Славе Андонов, прецизирајќи дека оваа мерка е од особена важност во делот на екологијата, животната средина и спортскиот начин на живот на граѓаните.

Јавниот повик ќе трае до 31.12 2025 година и до исцрпување на вкупниот планиран  буџет за оваа намена. Право на аплицирање ќе немаат лица вработени во општината и јавните претпријатија во Василево и нивни најблиски.

„Ги охрабруваме граѓаните да ја искористат оваа мерка и да дадат свој придонес во омасовувањето на користењето на велосипедите, како правилен избор за здрав живот и  животна средина со помалку загадување“, стои во објавата на Општина Василево.

Оваа општина за прв пат ја воведува оваа мерка. Досега делеше субвенции за набавка на клима инвертори. Субвенции за набавка на велосипед контуинирано доделува Општина Струмица. Таа годинава издвои 800 илјади денари од буџетот и доделуваше најмногу до 10 илјади денари за набавка на велосипед. Субвенции по овој основ добија околу 100-тина струмичани.

В. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE