Општата болница во Струмица ќе добие околу 60 нови вработувања, со што конечно се преземаат конкретни мерки за надминување на долгогодишниот проблем со недостиг на медицински персонал. Меѓу новите вработени се 26 доктори, од кои 15 се приватни специјализанти кои преку владината програма ќе бидат вклучени во јавниот здравствен систем.
Директорот на болницата, д-р Гоце Христов, посочува дека новите кадри ги покриваат сите медицински области и специјалности кои ги има болницата. Дополнително, болницата има и 30 доктори кои во моментов се на специјализација, што ќе помогне во целосно покривање на потребите од стручен медицински кадар.
„Во однос на високиот медицински персонал каде што припаѓаат докторите, еве докторите по општа медицина, специјализантите и специјалистите, со овој нов бран вработувања на вкупно 26 доктори и да не заборавам уште еден факт дека ние имаме уште 30 доктори кои што се актуелно пратени на специјализација од ЈЗО Општа Болница Струмица, комплетно ќе бидеме покриени како болница со високо стручен, односно лекарски персонал“, информираше д-р Гоце Христов, директор на Општа болница Струмица.
Новите вработувања ги опфаќаат и техничкиот и средномедицинскиот персонал, меѓу кои се медицински сестри и болничари, кадар од кој во моментов постои најголема потреба. Ова засилување има за цел да ги зајакне капацитетите на болницата и да придонесе за подобрување на секојдневното работење и грижата за пациентите.
„Ние имаме некаде бројка од околу 15 до 20 медицински сестри кои што ни заминаа во пензија, така да сега со овој бран на вработувања само би го замениле овој број кој во последните неколку години ни заминале. А за оптимално и непречено функционирање на нашата установа се надевам во блиска иднина ќе имаме и следен бран на вработувања и ќе се корегира овој недостаток на човечки ресурси во нашата установа, за кој мора да се согласиме дека долги години наназад е рак рана на нашето здравствено општество“, вели д-р Христов.
Проширувањето на човечките капацитети е резултат на иницијатива на менаџментот на болницата, која доби позитивен одговор од Владата. Како регионален здравствен центар, Струмичката болница опслужува околу 200.000 осигуреници од југоисточниот дел на државата.
З. Ѓ.


