Под мотото „Филмски крстопати“, во Струмица се отвори 20-то издание на филмскиот фестивал Астерфест посветен на авторскиот филм. На фестивалот кој трае пет дена, ќе бидат прикажани околу 30-тина кратки играни и документарни филмови од автори од земјава и странство.
На отворањето на фестивалот, уметничкиот директор Горан Тренчовски ја додели специјалната награда „Плакета на Астерфест за долгогодишни врвни актерски остварување во македонскиот и балканскиот филм“. Таа му припадна на актерот Емил Рубен, кој зад себе има повеќедецениско плодно филмско искуство и улоги во над 40 тина филмови.
„Кога некој ќе те потсети дека си точно 70 години во филмот, ќе признаете дека се јавува мала нелагода. Од друга страна, баш е добро чувството кога ќе добиеш признание за тоа. А за ова се виновни луѓето од Астерфест, за што им се заблагодарувам и им посакувам успешен фестивал“, кажа Рубен.
Оваа година лауреат на престижната награда „Астер за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм“ е режисерот и сценарист Милчо Манчевски, кој го освои „Златниот лав“ во Венеција, наградата „Индепендент спирит“, номинација за Оскар, а се смета за најтрофеен македонски филмски режисер
Добитник на почесното признание на Астерфест за особени достигнувања на полето на филмската и ТВ-продукцијата е реномираната британска продуцентка Ребека О’Брајан, попозната како продуцентката на Кен Лоуч.
По проекциите на сите филмови и годинава ќе бидат доделени награди и тоа Гран при, Златна, Сребрена и Бронзена потковица, како и за награди за најдобар режисер „Ацо Алексов“ и најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“. За наградите ќе одлучува жирито во состав на филмските автори: Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов.
Во овогодишната официјална натпреварувачка селекција на Астерфест ќе се прикажат: американските „Не стравувај од самиот страв“ на Даун Вестлејк и „Браќа по Застава“ на Пеп Стојановиќ, францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадуни и Софијан Шуеб, холандско-белгискиот оскаровец „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам, црногорскиот „Лаеж“ на Бранислав Милатовиќ, британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, кинескиот „Меуресто сеќавање“ на Мингвеј Ма и Џјиаји Кристина Фу, шкотско-полскиот добитник на БАФТА „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер, белгискиот „Петок, 1 јули“ на Сара Ледерман, хрватскиот „Самотија“ на Боби Грубиќ, полскиот „Секој има убиено некого“ на Ангелика Цигал, француско-полскиот „Сок од портокал“ на Александар Атане, рускиот „Темната шума“ на Татјана Петрова, швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов, холандскиот „Ќелиски другари“ на Меле Виндиг и група коавтори, шпанскиот „Умирање“ на Хесус Мартинес „Нота“, како и македонските „Амра“ на Васил Христов, „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Избор“ на Марко Црногорски.
В. Т.


