Само во периодот од 1 јануари до 27 јули 2025 година во Агенција за вработување регистрирани се 5.393 одјави од задолжително социјално осигурување во дејноста „производство на текстил и производство на облека“
Автори: Кристина Ампева* и Мики Трајковски**
Кризата удри не само по малите и средни претпријатија, туку и големите текстилни компании. Источниот регион е особено погоден, бидејќи најголем дел од текстилните компании се лоцирани овде.
Работници остануваат без работа, или пак со месеци работат без плати. Работите ги губат работнички во петта или шеста деценија во животот, жени на само неколку години пред пензија, кои целиот свој работен век го поминале на шивачките машини, во конфекциите.
Сопствениците на конфекциите сведочат дека речиси е невозможно да дојдат до свеж капитал, бидејќи банките неофицијално овие компании од текстилниот сектор ги сметаат за ризична инвестиција. Иако текстилната индустрија во државата учествува со над 10% во индустриското производство, само 1,74% средства од унгарскиот кредит се за текстилните компании. Од 470 компании на кои им е одобрен поволниот кредит од унгарските пари, текстилни компании се само 15.
Во ваквата констелација, најзагрозени се т.н. Заштитни работилници, каде работат ранливи категории. Овде кризата не е главниот проблем, туку ним им пресуди државата, која повеќе од 9 месеци им ги нема вратено парите што според закон секој месец треба да им ги враќа за платените придонеси при исплата на плата.
Работниците со кои разговаравме се исплашени за својата егзистенција. Работничка, по 22 години поминати во четири штипски конфекции, сега живее од надоместокот во случај на невработеност од Агенција за вработување.
„Сѐ беше добро до последен момент, до последниот работен ден“, ги сподели настаните од последните денови од работата на конфекцијата оваа работничка, која бараше да остане анонимна.
„На денот кога ни беше исплатена платата, работодавачот дојде кај нас за да имаме мал состанок на крајот од работното време. Веднаш знаев дека нешто не е во ред. Се чувствуваше тоа и во неговиот глас и појава. Почна да ни објаснува како нешто секој ден почнало да се случува на фирмата, дека сме втора рака, дека не се носи редовно репрометаријал, дека пријавиле наши грешки. Но, ни кажа, не се плашете, ќе имаме работа, сѐ ќе се среди“, сподели работничката.
Привидниот мир трае до наредната недела, кога сопственикот на компанијата повторно најавил состанок со вработените за „да бидат известени за сѐ“.
„Тој состанок не се одржа, па си рековме средено е сѐ, има работа, и продолживме нормално да работиме. Меѓутоа, по некое време кога истече рокот на мојот договор за вработување, кој беше на определено време, дојде еден од газдите и ни кажа мене и на уште неколку други колешки дека нема да ни биде продолжен договорот за вработување, додека за останатите колешки кои беа на неопределено работно време, дека ќе останат да работат до крајот на месецот за да некако правно го завршат и нивниот работен однос. На сите ни дадоа да користиме годишен одмор кој ни следуваше според закон. Но, кога дојде наредниот месец и требаше да ни биде исплатена плата, на денот на кој редовно ни стигнуваше на сметка, не добивме плата, а не беа исплатени ни придонеси“, вели оваа работничка од една текстилна фирма во Штип.
Без плата и здравствено осигурување со дополнителни стресови
Единствениот одговор кој го добиле од сопственикот е дека поради рекламации од странскиот партнер, не биле исплатени пари на компанијата, но дека тоа ќе се среди.
Перковска: Ниту една владина гарнитура не застана цврсто позади текстилниот сектор Претседателката на Кластерот за текстил, Маријана Перковска, смета дека за да се подобри моменталната состојба, неопходно е да се промени и статусот на работниците од реалниот сектор, за да се мотивираат младите луѓе да работат во производство. „Како второ, треба да се поддржат компаниите во развој на продуктивноста. Моменталната политика треба да биде во функција на производителите-извозници (амортизирање на последиците од фиксниот курс на еврото и високата домашна инфлација). Односот кон оваа гранка во текот на сите години од осамостојувањето беше несериозен. Едноставно, ниту една гарнитура не застана цврсто позади оваа индустриска гранка, иако постојано укажуваме на последиците од таквиот однос. Иако со поддршка на странски проекти изготвивме и стратегија, истата никогаш не профункционира. Истите недостатоци и по 20 години сѐ уште се активни“, вели Перковска.
„Бевме замолени за трпение, а немавме ниту здравствено осигурување. Имаме деца кои се осигурани преку нас. Не можевме да одиме на лекарски преглед, немавме плати, а немавме ниту одговор кога ќе ни се исплатат. Имаме по една, а некои од колешките и по две неисплатени плати. Деновите одминуваа и не знаевме што да правиме, освен да си бараме нова работа и брзо да бидеме осигурани за барем да имаме здравствено осигурување. Се одржа нов состанок со работодавачот, на кој тој ни објасни дека ниту странскиот бренд му плаќа, ниту пак фирмата која директно соработуваше со брендот. Ги повлекуваат и машините кои биле нивна сопственост, тие на кои ние работевме“, раскажува работничката.
Сопственикот на текстилната конфекција споделил пред вработените дека побарал да му биде одобрен кредит од банка, но бил одбиен. Се работи за бизнисмен, чија компанија работи од 2014 година и поседува имот. Како што им кажал на вработените, банката го одбила, бидејќи престанала да кредитира текстилни фирми, затоа што биле ризична гранка. Оваа текстилна работничка наоѓа сличност со кризата за време на Ковид епидемијата, кога останале без три плати и останале без државна помош.
„Во другите држави гледаме дека државата помага за исплаќање на придонеси, зголемена е и минималната плата, а кај нас се случува затворање на фирми, работници на улица, најниска минимална плата, никаква поддршка за никој, освен за нивните. Би сакала да им порачам на нашите институции, дека законите треба да важат и за работниците од јавниот сектор, но и за нас во приватниот. Треба малку повеќе интерес за приватниот сектор, за текстилната индустрија каде сме вработени жени, бидејќи масовно се затвараат фирми, а ние остануваме на улица“, кажа работничката.
Повеќе отпуштања отколку нови вработувања во текстилниот сектор
Во Агенцијата за вработување во периодот јануари – јули се евидентирани 5.393 одјави од задолжително социјално осигурување. При тоа, како што објаснија од Агенцијата, податокот за М1/М2 е кумулативен збир за сите реализирани пријави/одјави во дадениот период и доколку за едно лице во периодот имало неколку пријави/одјави (М1/М2), истите се бројат повеќе пати.
„Во период од 1 јануари 2025 до 27 јули 2025 година во Агенцијата за вработување регистрирани се 5.393 одјави од задолжително социјално осигурување, односно М2 – обрасци, во дејност-оддел производство на текстил и производство на облека. Од нив 1.994 (37%) се поради истек на определено време, 1.062 (19,7%) се поради отказ од страна на работникот, 1.043 (19,3%) од регистрираните одјави се поради спогодбен престанок на работен однос, 345 (6,4%) се поради отказ од страна на работодавач, 183 (3,4%) се поради отказ од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени), 17 (0,3%) се поради престанок на дејност на работодавачот, а останатите 749 (13,9%) регистрирани одјави од задолжително социјално осигурување (М2 обрасци) се поради останати причини (смрт, записник од ДИТ и др.)“, велат од Агенција за вработување.
Од вкупно 5.393 одјави, 4.386 (81,3%) одјави се за жени, а 1.007 (18,7%) одјави се за мажи. 569 (10,5%) се за лица на возраст до 29 години, 2.431 (45,1%) одјави се однесуваат на лица на возраст од 30 до 49 години и 2.393 (44,4%) од регистрираните одјави од задолжително социјално осигурување се за лица на возраст со 50 години и повеќе.
Доколку не успеат да најдат нова работа, во зависност од тоа какви решенија потпишале, овие работници остануваат без никаков приход или во најдобар случај добиваат надоместок поради невработеност.
УЈП блокирала 15 текстилни компании поради неисплатени плати
До 17 јули 2025 година, како што соопштија од Управата за јавни приходи (УЈП), сите шест месечни плати за 2025 година не ги исплатиле вкупно 13 работодавачи од текстилниот сектор.
„За анализираниот период вкупно 15 работодавачи од текстилната индустрија имаат блокирани трансакциски сметки, поради неплатени обврски по основ на МПИН-пресметките“, одговрија од УЈП.
Рокот за плаќање на правните лица на месечната пресметка на плата (МПИН пресметка) е 15-ти во месецот за претходниот месец. Веднаш по истекот на овој рок и целосна обработка на податоците за сите МПИН пресметки и уплати, УЈП доставува опомена до оние должници кои не ја платиле МПИН пресметката. Како што објаснуваат од Управата, согласно законските одредби, рокот за плаќање од страна на должникот е една седмица по денот на уредна достава на опомената. По овој рок, УЈП изготвува решенија за присилна наплата од парични средства во банка, односно следи блокирање на сметката.
Десетина текстилни компании ставија клуч на врата
Меѓу компаниите со блокирана сметка е и НИК ТЕКС од Штип. „Основана во 2011 година со една цел – да изгради сопствен македонски моден бренд и да не биде дел од лон-системот“, објаснува сопственикот Стојанче Спасов за Локал Актив. Почнале со тројца вработени, а до 2024 година тој број достигнал 40. Сега компанијата е со блокирана сметка.
„Произведувавме ХТЗ опрема и се обидувавме да излеземе на странскиот пазар со наш бренд, нешто што е реткост во македонската текстилна индустрија. Верувавме дека ако работиме чесно, ако го сакаме својот град и вложуваме во заедницата – ќе имаме иднина. Но уште пред две години јасно реков: без државна поддршка, без слух од банките и институциите, немаме светла иднина. Тоа денес се потврди“, ни открива Спасов.
НИК ТЕКС не е само производна фирма, туку компанија што со години помагала на Клиничка болница во Штип, Брза помош, на деца со попреченост, на тешко болни, на семејства во криза. Донирале и при пожарите во Беровско.
Побарале банкарски кредит за да ја пребродат кризата, но добиле одговор дека текстилот е ризична категорија.
„Имаме одобрен кредитен лимит од 300.000 евра во Стопанска банка, обезбеден со имот вреден 450.000 евра. Во јануари барав 100.000 евра – не за себе, туку за да се одржиме и да не се вратиме на лон-работа. Имавме план, визија, презентации. Наместо разбирање – добивме молк. Комерцијална банка? Без резултат. Капитал банка? По првична согласност, по два дена добивме телефонски одговор: „Текстилот е ризик“. Без никакво образложение. Нашите вработени останаа без плати, без здравствено, без сигурност. А институциите молчат. Ова не е само финансиска блокада, ова е блокада на совест“, вели Спасов.
Локал Aктив праша во Народната банка на Македонија (НБРСМ), дали има испратено писмо до деловните банки да не кредитираат ризични компании и дали во овој контекст се сметаат текстилните компании. Ако има такво писмо, која е точната причина за таквото барање?
Но, од НБРМ негираат дека го побарале тоа, ниту дека имаат ингеренции да се мешаат во деловните политики на банките.
Влада: Посебен стратешки документ за поддршка на текстилната индустрија нема
Ако се има предвид дека текстилната индустрија во Македонија е на раб на опстанок, прашавме во Владата дали се размислува за носење на државна стратегија за развој на овој сектор. Одговорот кој го добивме од таму е дека од аспект на пристап до финансии, компаниите од текстилната индустрија може да аплицираат како и сите останати компании за мерки преку Министерство за економија и труд од Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност. Предвидени се средства за истражување на пазар, извозна стратегија, развој на бренд, дигитална и зелена трансформација, развивање производи од рециклирани суровини, воведување стандарди меѓу кои и за стандарди за општествена одговорност, кои се релевантни за текстилната индустрија. „Компаниите од текстилната индустрија може да аплицираат и за мерките од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на МСП преку Министерство за економија и труд. Тие имаат пристап до мерките предвидени во Законот за финансиска поддршка на инвестиции, унгарската кредитна линија и друга државна помош“, одговорија од Прес службата на Владата. Сепак, од Владата признаваат дека согласно статистичките податоци, производството на текстилните и кожарските производи во последните години бележи негативна тенденција, како кај производството на текстилни ткаенини и кај производството на облека, така и кај производството на кожа.
„Не е точно дека Народната банка има испратено писмо до деловните банки да не кредитираат определени сектори, или одредени компании“, стои во одговорот од НБРСМ.
Текстилниот сектор бара поддршка од државата, со цел негово понатамошно опстојување
Стојанче Спасов од НИК ТЕКС, порачува дека е неопходна поголема здруженост на сите во секторот, за да се добие тоа што се нивни барања од државата.
„На моите колеги им порачувам: Ако не се организираме, ако не сме заедно, ќе не снема сите. НИК ТЕКС можеби е прв, но нема да биде последен. А институциите нека одлучат – дали вредиме како луѓе, како фирми, или сме само бројки за статистика.“
Тој вели додека се дозволува нелојална конкуренција, односно фирми без пријавени работници и без основни услови, а тие што работат законски – се казнуваат.
„Тоа е реалноста. Јас заложив имот од 450.000 евра и барав 80.000 евра за да спасам 40 работни места. Тоа ни беше одбиено. Тоа некој свесно го дозволи. Никој не може да ми ја земе чесноста, ни душата. Но, жалам што оваа држава ги гуши фирмите што се обидуваат да бидат различни. Денес сите зборуваат за енергетика, додека текстилот, занаетот, традицијата – умираат. Да, имавме и ние грешки. Но имавме визија, тим и стратегија. Единствено што немаме е функционален систем. А 50% од економијата работи во сива зона. Тоа е вистинскиот проблем“, додава Спасов.
Само 15 компании од текстилната индустрија добиле пари од т.н. унгарски кредит
Парите за стопанството во износ од 250 милиони евра од унгарскиот кредит, премиерот Христијан Мицкоски ги најавуваше како значајна помош за стопанството. Неговите амбициозни очекувања беа 5.000 нови работни места. Но, наместо тоа, има 5.400 откази само во текстилната индустрија. Овој дисбаланс на очекувањата со реалните настани во индустријата може да се припише и на фактот дека од вкупно 470 компании кои добиле пари од унгарскиот заем, само 15 се текстилни компании.
Според податоците кои ги добивме од Развојната банка на РС Македонија, која ги менаџира парите од унгарскиот заем, заклучно со 16.07.2025 година исплатени се 7.740.761.695 денари за сите компании. Од нив, 134.835.648 денари се наменети за поддршка на 15 компании од текстилната индустрија.
Тоа е само 1,74% за текстилниот сектор од префрлените 125,7 милиони евра.
Од таму информираат дека во оваа фаза не располагаат со податок, дали помеѓу оние кои добиле вакви средства има и компании, кои се од Заштитните друштва.
Од Министерството за финансии се повикаа само на последното соопштение од 14 мај 2025 година, во кое се вели:
„Вкупно досега се префрлени 125,7 милиони евра во три транши. Компаниите имаат на располагање средства во вкупен износ од 250 милиони евра кои се планирани во Буџетот за 2025 година и за поддршка на своите проекти можат да поднесат барање во деловните банки преку кои се реализира оваа мерка на Владата насочена кон поддршка на домашната економија. Средствата се пласираат кон компаниите под исклучиво поволни услови, рок на отплата до 15 години, со вклучен грејс период до 3 години и каматна стапка од 1,95%, како и без надоместок за одобрување и управување“, стои во соопштението на Министерството за финансии.
Девет месеци заштитните друштва немаат добиено средства од државата
Сериозен е проблемот со кој се соочуваат и Заштитните друштва, кои вработуваат лица со попреченост. Според нивните кажувања од месец октомври 2024 година, не им биле исплатени средствата кои тие ги добивале од страна на државата, затоа што вработуваат ваков тип на граѓани.
„Овој проблем е актуелен во континуитет и тука станува збор за систем кој не функционира. Потребно е само да се спроведуваат законските обврски од сите чинители и тогаш нема да има вакви проблеми. Сѐ е регулирано, само треба да функционира“, вели Маријана Перковска, претседателка на Кластерот за текстил.
Заштитното друштво Беас Штип е една од ретките текстилни фабрики во државата, кои освен со лон производство (шиење по нарачка), има и производство на сопствен бренд. Во оваа компанија се ангажирани лица со попреченост, кои спаѓаат во групата на тешко вработливи лица.
Старосна возраст на вработените во текстилната индустрија
Во периодот од 1 јануари 2025 година до 27 јули 2025 година во Агенцијата за вработување регистрирани се 3.879 пријави на засновани работни односи во дејност-оддел производство на текстил и производство на облека. Од нив 3041 (78,4%) пријави се за жени, а 838 (21,6%) пријави во задолжително социјално осигурување (М1 обрасци) се за мажи. Од вкупно 3.879 пријави, 607 (15,6%) се за лица на возраст до 29 години, 1.830 (47,2%) пријави се однесуваат на лица на возраст од 30 до 49 години и 1.442 (37,2%) од регистрираните пријави во производство на текстил и производство на облека се за лица на возраст со 50 години и повеќе.
„Тоа значи дополнително вложување во опрема и стручен кадар, исклучиво од странство, бидејќи станува збор за тешка конфекција, која е дефицитарна во нашата држава. Поволностите кои ги нудеше државата за вработување на лица со попреченост, беше мотив да отвориме Заштитно друштво, но да бидам најискрен, навреме да ги предвидевме проблемите со кои би се соочиле, зборувајќи од денешна перспектива, сигурно не би отвориле вакво Заштитно друштво“, вели Александар Санев, сопственик на фирмата Беас Штип.
Санев вели дека согласно договорите кои ги имале склучено со државата, откако придонесите ќе бидат исплатени од страна на заштитното друштво, државата треба да им ги врати во рок од 15 дена. Но, работите тргнале наопаку.
„До средината на 2024 г., повратот доцнеше најмногу до два месеци, при што на третиот нареден месец се исплаќаа заостанатите два месеци. Од средината, па сѐ до крајот на 2024 година, придонесите воопшто не беа вратени. Со ребалансот на буџетот на крајот на 2024 година, беа вратени само дел од придонесите (од мај, заклучно со септември). Од тогаш, до сега (јули 2025 година), односно девет месеци немаме исплата на придонеси“, додава Санев.
Според објаснувањето на овој бизнисмен, Заштитните фирми се доведени во незавидна ситуација, особено оние кои се занимаваат со сопствено производство, каде аконтативно, финансиските вложувања во основни, помошни материјали и опрема се прилично големи.
„Ова е причина за доцнење на исплата на плати, што доведува до незадоволство кај вработените лица. Тоа ја намалува продуктивноста, го зголемува задолжувањето и фирмата ја намалува својата вредност и можност за дополнителни вложувања. Сето ова негативно влијае врз нашето производство, при што се намалува мотивацијата за развој на брендот и зголемување на капацитетите“, изјави Санев за Локал Актив.
Се обиделе да добијат одговор од надлежните министерства зошто се доцни со исплатата, но одговорите секогаш биле различни. Како што објасни Санев, минатата година причината за неисплаќање на придонесите на заштитните друштва од страна на државата била неправилната проекција на буџетот во делот на предвидување на повратот на придонеси, како ставка во буџетот. Оваа година причината за неисплаќање на придонесите, како што биле известени, било немање на софтвер, човечки ресурси и немање на ингеренции во Министерство за економија за реализација на оваа активност. Со одлука на Собранието, повторно се враќа повратот на придонеси во Министерството за социјална политика, демографија и млади, каде располагале со соодветни ресурси, меѓутоа придонесите сѐ уште ги нема на сметките на Заштитните друштва.
Санев очекува државните институции да посветат внимание на Заштитните друштва и нивните работници.
„Сепак, овие фирми се тие кои ја полнат државната каса, влијаат врз развојот на економијата, а при тоа превзеле одговорност да згрижат лица со попреченост. На тој начин, заштитните друштва овозможуваат лицата со попреченост да не се под капата на Центрите за социјални работи, туку сами да заработуваат и да бидат дел од економскиот раст на државата. Би сакал да порачам дека Македонија има искуство и капацитет за унапредување на текстилната индустрија, меѓутоа во моментов владее демотивираност, која најверојатно ќе го менува правецот на размислување кај сопствениците на текстилни компании“, вели Санев.
Текстилниот сектор во моментов вработува за 50% помалку работници во споредба со пред 10 години
Актуелната криза, која е резултат на војната во Украина и на рецесијата во Германија, само ја влоши состојбата во текстилната индустрија во Македонија, која последните години е во слободен пад или како што сликовито објаснува Ангел Димитров од АД Мода од Свети Николе, текстилната индустрија е во состојба на човек кој полека умира. За илустрација – бројот на вработени во 2016 година изнесуваше 30.000, а денес се околу 15.000-16.000 вработени во овој сектор. Во однос на 2024 година, бројот на работници е намален за 6%. Преполовени се нарачките, а најголемиот нарачател на македонската текстилна индустрија – Германија – се насочи кон Бангладеш, каде за половина е поевтино производството.
Драстичниот пад во индустријата, како што вели Димитров, се случува подолго време, а интензивно почнувајќи од месец април 2024 година. Како резултат на тоа многу компании ја намалија работата. Има компании кои затворија комплетно и тоа резултира со намалување на бројот на работници во овој сектор.
„Меѓу последните компании кои затворија беа една компанија во Виница и една во Делчево. Тие се помали компании. Но, истовремено поголемите компании го намалија бројот на работници. Некаде за 6% е намален бројот на работници во однос на претходната 2024 година“, вели Димитров.
Димитров се навраќа години наназад, уште во 2010 г., кога почнал трендот на опаѓање на бројот на работници, споредувајќи го со авион, каде се исклучени моторите и тој по природен пат се спушта надолу.
„Во таква состојба е и текстилната индустрија, освен она производство на постелнина или неколку помали компании кои изработуваат работна облека, каде не се чуствува толку падот на побарувачката од Германија. Другите компании кои работат модна облека се соочуваат со голем проблем“, додава Димитров.
Компанијата која Димитров ја раководи, АД Мода во најдобрите времиња вработувала 930 работници во двете конфекции – Мода и Кам Отекс. Минатата 2024 година бил затворен Кам Отекс, а во Мода се останати само 360 луѓе на работа. Меѓутоа, тешко се наоѓа работа и за овие работници што останаа. Дел од производството што го работи конфекцијата е за германскиот партнер. Тој е всушност и доминантен сопственик со 55% од акциите на компанијата.
„И покрај тоа што ние сме негова фирма ќерка, тој го пресели производството во Бангладеш, поради поевтината работна сила. Профитот што овде евентуално би го оствариле е далеку помал отколку разликата во цена помеѓу нашата цена и цената во Бангладеш. Ова е најмногу предизвикано од растот на платите кај нас. Ние во овој момент имаме нето плата од околу 550 евра, а во Бангладеш бруто платата е 200 долари. Што значи дека ја губиме конкурентската способност со тие пазари“, додава Димитров.
На долг рок вели тој, текстилната индустрија изумира поради немање на млада работна сила. Освен тоа, Македонија не успеа да изгради ниту свој текстилен бренд, што само дополнително го отежнува пласманот на македонски производи од текстил на странските пазари. Дури 92% од извозот на македонските текстилни компании од конфекции е по принципот на лон, што значи дека странскиот партнер ги обезбедува креативноста, шнитовите за кроење и сите основни помошни материјали. Тоа значи дека кај нас останува само работната рака.
„Тие што се обидоа да создадат свој бренд, да отидат на саеми, потрошија многу средства, но се покажа дека европскиот пазар има некои неформални заштити, така да многу тешко македонски бренд од текстилот може директно да конкурира на европските брендови“, додава Димитров.
* Кристина Ампева е граѓанска активистка во Здружението за заштита на работничките права – Гласен Текстилец.
** Мики Трајковски е новинар.


