По објавата дека државата го доби спорот на арбитражниот суд за случајот со рудникот Казандол, екологистите од Здрава котлина најавуваат дека бробата продолжува, но при тоа прашуваат – кој ја саботираше државата?
„Надлежните органи мора конечно да испитаат кој и зошто отворал арбитражи со кои со години ја уценуваа јавноста и ја плашeа со измислени милијардни штети“, реагираа од Здрава котлина.
На 21 јули Меѓународниот арбитражниот трибунал донел одлука со која се отфрлаат тужбените барања на инвеститорот Еуромакс рисорсис како неосновани и се прифаќаат аргументите на државата РС Македонија. Вицепремиерот Александар Николоски, објавувајќи ја како што рече, „големата победа“, кажа дека се заштедени 115 милиони евра што инвеститорите ги бараа како оштета.
„Државата беше тужена од страна на неколку инвеститори во рудникот Казандол во Валандово. Нивното барање беше оштета од 115 милиони евра и можам со гордост да кажам како претседател на координативното арбитражно тело на Владата, дека овој случај го добивме. Сите 11 основи по кои што беше тужена државата се одбиени, и заштедени се 115 милиони евра, потенцијална оштета која што требаше државата да ја плати во овој случај“, изјави Николоски.
За екологистите од Здрава котлина пресудата значи крај и на еден долг период на закани и судски постапки, откако ја започнаа долгата борба против отворањето на рудникот во Казандол и зачувувањето на здравата животна средина. Во реакцијата по пресудата, екологистите велат дека овој случај со години беше користен како „страшило“ – најмногу од Еуромакс.
„Нѝ продаваа црни сценарија дека Македонија ќе плати и до милијарда и половина евра затоа што Владата ја стопираше одлуката за рудникот Иловица–Штука. Каде сте сега сите тие „експерти“, аналитичари, дипломати, новинари и лобисти? Денешната пресуда јасно ги разобличи лагите и манипулациите. Од списи што 8 години ги собираме за Иловица–Штука знаеме дека таму арбитража би била уште полесна за државата – поради енормните неправилности што пред меѓународен суд немаат никакви шанси. Бевме во право за Казандол – уште повеќе сме во право за Иловица–Штука!“, реагираа од Здрава котлина.
Концесијата за Казандол е од 2014 година, во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. Во август 2017, по иницијатива на Спас за Валандово, во Валандово се одржа референдум за стопирање на изградбата на рудникот, Владата на Зоран Заев и СДСМ во 2018 година го раскина договор за експлоатација на минерални суровини.
По овој потег инсвеститорот поднесе тужба пред Меѓународниот арбитражен суд со барање за отштета во износ од 380 милиони евра.
Од Здрава котлина се надеваат дека актуелната влада ќе продолжи во истата насока со рудниците и ќе го раскине договорот за концесија за рудникот Иловица – Штука.
Р.Л.


