Младите при Црвен крст Струмица собираа училишен прибор за деца од социјално загрозени семејства

Околу 20 пакети со училишен прибор и ранци ќе бидат подготвени и дистрибуирани по струмичките основни училишта за деца од социјално ранливите категории граѓани. Младите волонтери од Општинската организација на Црвен крст Струмица изминативе денови реализираше собирна акција ,,Донирај училишен прибор“ поставувајќи штандови пред книжарниците во Струмица. Станува збор за акција што младите од Црвен крст ја реализираат секоја година пред стартот на учебната година со цел да се помогне на ученици од основните училишта во Струмица.

„Целта на акцијата е секое дете да добие нов училишен ранец со комплетен прибор, прилагоден на возраста и образовните потреби. Листата на деца кои ќе бидат опфатени со акцијата се подготвува во координација со Основните училиште од Општина Струмица“, вели Елена Георгиевска, волонтерка од Црвен крст Струмица.

Освен на поставените штандови во непосредна близина на книжарниците, училишен прибор се собираше и во просториите на Црвен крст. Голем број граѓани донирале тетратки, боици, моливи, а 20-тина волонтери при Клубот на млади работеле на собирањето и подготовката на училишните ранци со прибор.

„Нѐ радува фактот што имаше интерес како од граѓаните за донирање, така и од младите при Црвен крст кои изминативе две недели успеаја да ја анимираат ова акција во јавноста и да ги поттикнат струмичани за донирање. Очекуваме да бидат подготвени околу 20-тина пакети со училишен прибор бидејќи не секое дете ќе има можности подготвено да тргне на училиште“, кажа Георгиевска.

Од Црвен крст Струмица информираат дека оваа активност ќе продолжи и во текот на септември, со цел на секое дете да му се овозможи да има  достоинствен почеток на новата учебна година.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE