Одбележан половина век од МРА „Плачковица“, на која учествуваа над 3000 млади од некогашна Југославија

Изминатиот викенд Штип собра стотина некогашни акцијаши – волонтери, учесници на Младинската работна акција „Плачковица“, кои од 1975 година до 1978 година го градеа патот Штип – Плачковица, во должина од 48 километри.

На одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на МРА „Плачковица“ дојдоа учесници од Словенија, Србија и повеќе градови од Македонија, потсетувајќи се на младешките денови, кога преку доброволно ангажирање создаваа резултати, кои и до денеска се во функција на локалното население. 

„Акцијата беше доказ дека младоста победува сѐ, вклучително и тешкиот терен на Плачковица. Заедно изградивме пат од 43 километри, со учество на 54 бригади од целата некогашна Југославија. Граѓаните на Штип ги прифатија бригадирите со цело срце“, се потсети командантот на МРА „Плачковица“, Кирил Цацков.

За време на летото, додека се работеше на патот, младите бригадири беа сместени во ООУ Страшо Пинџур во Карбинци. Некогашните акцијаши се потсетија дека волонтерската работа беше само еден сегмент на младинските акции. Во позадина, како што споделија, имаше многу дружење, заедништво, учење, а на акциите дури се полагаа и возачки испити.

На славните акцијашки денови потсети изложбата со околу 500 фотографии, кои беа изложени во Галеријата Безистен, беше посетена спомен-куќата на првиот македонски претседател Киро Глигоров, а се одржа и свеченото постројување и акцијашкото гравче.

Штипските учесници на МРА „Плачковица“ го продолжија волонтерското ангажирање и преку здружението на граѓани Патот на младоста, по името на патот кон Плачковица. Во здружението членуваат некогашните акцијаши, но и млади луѓе кои ги продолжуваат традициите на доброволното ангажирање. Една група на млади, придружени од искусните акцијаши, заминаа на МРА „Нови Пазар 2025“ во Србија, каде ова лето се гради вештачко езеро.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE