Советот на Општина Кочани на денешната седница го отфрли Решенението на в.д. градоначалникот Венко Крстевски за запирање на одлуката за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта за учебната 2025/26 година, донесена на 27 август. Аргументите на Крстевски тогаш беа дека не е постапено според законот, со кој за формирање на паралелки со помал број на ученици е потребна согласност од Министерство за образование и наука (МОН). Такво решение МОН не доставило до Општина Кочани.
Пред да се изгласа одлуката против Решението на Крстевски, Претседателот на Советот на Општина Кочани, Лазо Митев, на седницата рече дека документот од МОН со кој се дава согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици бил испратен на 5 септември. Митев, исто така рече дека има информација оти вчера до Јавното обвинителство е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена должност и овластувања.
„Како претседател стојам зад тоа целата оваа работа да се испита. Зошто се крие документот со кој МОН дава позитивно мислење за формирање паралелки со помал број ученици? На 5–ти овој месец тој документ е пратен до в.д. градоначалникот, потпишан од министерката за образование. Денеска сме 12–ти, а документот сѐ уште го нема во Општината. Се сомневам дека некој го крие. Зошто?“, праша Митев.
Донесувањето на оваа одлука освен што ги официјализираше паралелките со помал број на ученици, овозможи и вработување на времено ангажираните наставници, чии договори за работа завршија на 31 август. Сега се враќаат на работа.
В.д. градоначалникот Венко Крстевски, кој не присуствуваше на седницата, во соопштение до јавноста смета дека Советот донесе незаконита одлука.
„Без примен документ во Општина Кочани – согласност од Министерството за образование и наука за формирање паралелки со помал број ученици, Советот незаконски запре решение и дозволи да се формираат такви паралелки. Над сѐ, претседателот на Советот Лазо Митев, се закани со кривична пријава против мене обвинувајќи ја Општината дека крие документи. Како тој документ стигнал до него – преку партијата ли?“, регаираше в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.
Претходно Крстевски, кој на претстојните Локални избори во октомври ќе настапи како независен кандидат, рече дека кочанското образование е партизирано додека, 90% од блок-дотациите за образованието одат за плати на наставниците. Училиштата, според Крстевски, заостануваат со развојот во делот на инфраструктурата, а како пример наведе соодветна спортска сала.
„Податоците од образованието во Општина Кочани укажуваат дека бројот на учениците константно е во пад. Оваа учебна година во ОУ Раде Кратовче во прво одделение се запишани 27 првачиња распоредени во 3 паралелки. Во подрачното училиште во с. Бели има 10 ученици во 2 паралелки, во с. Нивичани 5 ученици во 2 паралелки, во с. Тркање 28 ученици во 2 паралелки, во с. Грдовци 17 ученици во 2 паралелки и во с. Прибичево 4 ученици во 1 паралелка. Во малубројни паралелки на учениците им е скратена можноста за квалитетна социјализација, учество на патрони празници и воннаставни активности што ги имаат нивните врсници во централните училишта“, смета Крстевски.
Инаку, на денешната седница на Советот, претставник на општинската администрација од секторот образование ги информираше советниците дека уште пред да настане овој проблем, Министерството за образование ги одобрило вработувањата на наставниците на кои на 31–ви август не им беше продолжен работниот однос. Според тоа, финансиски импликации за училиштата поради продолжување на договорите за работа на педесетте наставника нема да има.
Р. Л.


