Фетах Јашаров, еден од граѓаните кои се соочуваа со проблем во добивање на странската пензија / Фото: Локал Актив
Повеќе од 50 работници од Источна Македонија беа заглавени во административните лавиринти на македонската и на италијанската администрација. Проблемот настана кога одреден број македонски работници од Италија се вратија во Македонија и се стекнаа со право на пензија во согласност со законските услови.
Се чекаше повеќе од 10 години за да се ратификува билатералниот договор меѓу Република Италија и Република Македонија за социјално осигурување, потпишан во Скопје на 25 јули 2014 година, со што конечно се затвори ова важно прашање.
Со овој договор се координира системот за социјално осигурување на двете земји во повеќе важни области, и тоа: а) да не се изгуби правото на социјално осигурување во случај на мобилност на работното место; б) обезбедување еднаков третман за италијанските и за македонските граѓани во однос на придонесите, бенефициите и социјалните права; в) олеснување на агрегирањето на периодите на осигурување стекнати во двете земји за целите на пресметување на пензиите, надоместоците и семејните бенефиции; г) регулирање на здравствените и на социјалните бенефиции за работниците, за пензионерите и за членовите на семејството што живеат или привремено престојуваат во другата земја.
Договорот ги опфаќа сите главни социјални осигурувања: инвалидитет, старост и преживеани, болест и мајчинство, несреќи при работа, професионални заболувања, невработеност и семејни бенефиции и се однесува на лица што се или биле предмет на законодавството на едната или на двете држави и на нивните семејства и преживеани.
Со потпишувањето на билатералниот договор, се создадоа услови за прекинување на административниот лавиринт во кој се најдоа Фетах, Ѓорѓи и неколку десетици граѓани од источниот дел на Македонија и конечно институциите да бидат во служба на граѓаните при остварувања на нивните социјални и пензиски права.
З. Б.


