Викендов, во свечена атмосфера и во присуство на бројни граѓани, спортисти и спортски работници, Општина Радовиш ја откри Бистата на борачи, со која се одбележаа 30 години од освојувањето на европската титула на радовишкиот Боречки клуб Бучим – еден од најголемите спортски успеси во историјата на градот и на македонскиот спорт.
Со овој чин, Радовиш им оддаде почит на борачите кои пред три децении испишаа златни страници, станувајќи европски шампиони и носејќи гордост не само за клубот, туку и за целиот град и државата.
Градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, истакна дека Бистата на борачи претставува траен симбол на благодарност и почит кон генерацијата што го создаде овој историски успех.
„Со длабока почит кон минатото и со верба во иднината, денес свечено ја откриваме оваа Биста на борачи, како симбол на благодарност, чест и вечен спомен на една златна генерација“, истакна Почивалец.
Тој нагласи дека спомен-обележјето не е само место на сеќавање, туку и силна порака за идните генерации.
„Нека оваа Биста на борачи биде место на сеќавање, но и место на инспирација. Нека ги потсетува младите дека со труд, дисциплина и верба можат да се достигнат највисоките европски и светски врвови“, рече градоначалникот.
Почивалец потенцираше дека Бистата е траен белег на една историска победа и сведоштво за време во кое спортот бил чест, идеал и начин на живот, изграден врз пожртвуваност, упорност и љубов кон боречкиот спорт.
Во своето обраќање, градоначалникот упати и посебна благодарност до проф. д-р Ванчо Чифлиганец, кој во периодот на најголемите успеси застанал зад клубот и дал значаен придонес за освојувањето на европската титула, а сега, како донатор на Бистата, повторно ја потврдил својата поддршка.
К. Т.
Фото: Facebook профил на Љупче Почивалец


