Поради неповолните временски услови поголем дел од земјоделските производители во Кочанскиот Регион нема да ги добијат ниту планираните количини, ниту очекуваниот квалитет на оризот од овогодишната реколта. Неожнеани ниви преполни со вода, натопено оризово класје и канали што претекуваат од парцела во парцела е сликата што беше карактеристична оваа есен за најголемиот оризопроизводен регион во државата.
Aвтори: Тина Петрова* и Тони Ајтовски**
Обилните врнежи од дожд и големата количина вода што се слеа во Кочанската Котлина ги оневозможија земјоделците навреме да го соберат родот од оризот, па наместо во оптималниот рок што завршува до почетокот на ноември, неколку комбајни останаа во нивите до пред Нова година.
„Жетвата не е завршена по повеќе од еден и пол месец. Ова досега не се случило, за нас е вистинска катастрофа. Веројатно некои ниви ќе останат и неожнеани, затоа што неисплатливо е да се жнее кога оризовото стебло целосно е паднато во водата и зрното е мокро. Најпогодени сме ние земјоделците што имаме ниви во атарот на Бања, Спанчево, Соколарци и Жиганци, иако и во другите села состојбата не е ништо подобра. Конкретно кај нас, на просторот меѓу Бања и Спанчево, неожнеани остануваат повеќе од 200 декари. Главна причина за ова се временските услови, површините беа поплавени од оштетениот канал. Имаме големи штети, а ако нешто се ожнее, и тоа ќе биде со лош квалитет“, истакнува Благојчо Вучков, земјоделец од Бања.
Поголем број од комбајните што со денови стоеја во нивите, во очекување на подобрување на условите за жетва, се повлечени во селата. Земјоделците ја изгубија надежта дека ќе успеат да спасат нешто од родот.
„Го повлекувам комбајнот во гаража, иако не ми се ожнеани околу 60-70 декари. Оризот си стои во полето. Што ќе чекаме, подобрување на условите за жетва? Очигледно поголемиот дел ќе пропадне, нема што да правиме, има голема штета. Невреме фати, поплави фатија, делумно полето е под вода, па и до селото дојде. Веројатно околу 10-15 отсто ќе остане неожнеано, никој не знае точно“, вели Горан Илиов, земјоделец од Спанчево.
Доцнење во жетвата имаше и во атарот на селата каде што сеидбата беше завршена навреме, а родот што е собран има висока влажност, па мора да се суши. Земјоделците од Грдовци се разочарани и без надеж дека ќе ги покријат дури и трошоците за производство.
„Никогаш не се случило да жнееме толку доцна. Нивото на водата во нивите достигна и до половина метар, комбајните и тракторите пропаѓаат во кал, а парцелите повеќе наликуваат како да се подготвени за сеидба отколку за жетва. Оризот што го собравме е многу влажен, нешто ќе истуриме во гаражите за да сушиме, а поголем дел ќе остане во вреќите и може целосно да мувлоса и да се запали“, истакнува Љупчо Андонов од Грдовци додека го собира влажниот ориз во вреќите.
Ниту на првиот ден кога календарски почнува зимата – 22 декември, жетвените активности не се целосно завршени, а земјоделците се во дилема дали воопшто е исплатливо да се собере оризот што остана во нивите.
„Временските услови годинава се едни од најнеповолните за оризопроизводителите, особено за оние што имаат парцели во атарите на селата Жиганци, Соколарци, Спанчево, Чешиново и околината. Пресметките што сами ги правиме, велат дека нема економска оправданост да се собира родот што е сериозно оштетен од влагата, затоа што трошоците за ангажирање комбајн за жнеење и механизација за превоз, заедно со неизвесниот откуп, не даваат позитивен резултат, односно ќе бидат повисоки од добивката. Едноставно, оризот ќе остане во нивите што напролет ќе се преораат“, вели Славе Петров, оризопроизводител од Кочани.
Натпросечни врнежи од дожд во регионот, зголемен водостој во реките и високо ниво на подземните води
Врнежите од дожд во периодот на жетвата на оризот годинава се далеку над просекот во споредба со изминатата деценија, покажуваат мерењата што редовно ги прават стручните служби во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани. Водостојот на реките е сериозно покачен, а со тоа и нивото на подземните води, поради што нивите не можат брзо да се исцедат и да се исушат.
„Во споредба со периодот на минатогодишната жетвена сезона, годинава има двојно повисоки врнежи од дожд во сливното подрачје на реката Брегалница, која е главен реципиент на проточните води во Кочанската Котлина. Нашите мерења покажуваат дека во регионот на двете најважни акумулации – Калиманци и Гратче, количините се далеку над просечните. Во периодот од почетокот на септември до средината на декември во регионот на Калиманци се измерени врнежи од 350,1 милиметри на метар квадратен, а нешто помалку – 295,7 милиметри на квадратен метар има во регионот на браната Гратче. Индикативно е што токму во периодот на интензивна жетва на оризот, односно во октомври, на двете мерни места наврнале 215,7, а во ноември уште 355,9 милиметри на метар квадратен, што предизвика полнење на каналите и поплавување на парцелите.
Среќна околност, ако така може да се каже, е што во браната Калиманци има доволен капацитет да се акумулираат дел од надојдените реки и таа вода не заврши во полето. Во спротивно, штетите ќе беа уште поголеми“, истакна Горанчо Зашов, директор на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.
Сериозноста на ситуацијата ја потврдува и фактот што стеснетите речни корита од обраснатата вегетација, отпадоците, шутот и наносите од земја, не можеа да ја примат зголемената количина вода. Поради тоа дојде и до излевање на Кочанска Река, која ги поплави не само оризовите површини, туку и градинарските посеви, па и домовите и амбарите на жителите во селата Облешево, Чифлик, Уларци и Подлог.
Откупните пунктови преполни со влажна арпа
Пунктовите за откуп на фабриките за преработка и пласман на оризот во Кочанскиот Регион се преполни со арпа чија влажност наметнува задолжително сушење, пред воопшто да може да се складира за подоцна да се лупи. Капацитетите на сушниците со кои располагаат, не можат да одговорат на потребата поради настаните вонредни околности, па секој оризопроизводител се снаоѓа како што знае.
„Задоцнетата жетва и високата влажност направија низа проблеми за сите што се вклучени од производството до пласманот на оризот. Земјоделците ни носат арпа со влажност од 24, 26 и повеќе проценти. Принудени сме да ја истураме на подот во покриените и затворени делови на пунктот, но и тоа е недоволно, па дел од количините се сушеа и на отворено под ведро небо. Ниските дневни температури како и влагата во текот на ноќните часови оневозможуваат брзо и ефикасно сушење, па голем е ризикот зрното да остане со поголема влажност. Тоа подоцна ќе се одрази врз рандманот, односно во количината бел ориз што ќе се добие при лупењето на арпата, затоа што зрното потемнува, останува празно и кршливо. Тоа ќе ни направи проблеми и за пласманот на бел ориз на пазарите во соседните земји што традиционално, со децении се наши купувачи.
Според сознанијата од Србија, ориз од сортата ‘роналдо’ од Италија, со превоз и сите други трошоци и давачки чини од 580 до 600 евра за еден тон. Практично, невозможно е да конкурираме бидејќи колку што кај нас ќе се добие арпа од единица површина, тие имаат толкава количина бел ориз“, истакнува Сотир Ангелов од фабриката за откуп и преработка „БМФ“ во Зрновци.
Слична е состојбата што можеше да се види и во откупниот центар на „Еко зрно“ во Спанчево, каде што разочарани од лошата производна сезона, останаа без коментар. Посочија на десетиците тони оризова арпа што се натрупани низ кругот на фабриката за лупење. Дел од ожнеаните количини стоеја на отворено под дождот, целосно под вода, и нема да можат да се преработат или, пак квалитетот, што ќе се добие, ќе биде под вообичаените стандарди.
Негативното влијание на дождот и на временските услови врз квалитетот на родот, го потврдуваат и научните работници во Земјоделскиот институт за ориз на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани.
„Водата беше пуштена по главниот канал, ама некои земјоделци со поголеми површини ги немаа подготвено нивите за сеидба. Затоа не ги полнеа со вода, а поради нив и соседните парцели не беа наполнети, па се испушти драгоцено време за да се сее. Потоа правеа и калкулации намерно да сеат подоцна за да го избегнат најтоплиот период во август и да нема влијание од екстремно високите температури врз оризовото зрно. Доцнењето од две-три недели тогаш, сега ни излезе на нос, добивме врнежлива есен, ниви полни со вода и голема влажност на арпата. Очигледно е дека и самите работиме на сопствена штета“, истакна Коце Ангелов, оризопроизводител од Облешево.
„За безбедно складирање, арпата треба да се суши до влага под 14 отсто. Идеална содржина на влага за нејзино лупење е помеѓу 12-14 отсто. Поголем дел од сортите ориз што досега се испитувани на Земјоделскиот институт, како и во многу други истражувања спроведени од голем број истражувачи на оризовата култура, дале значително помал рандман кога оризот бил ожнеан со содржина на влага во зрното над 22 отсто. Оваа година поради неповолните климатски услови, односно честите и долготрајни врнежи и високата релативна влажност на воздухот, жетвата на оризот е задоцнета. Голем дел од оризовите полиња останаа неожнеани поради големата количина вода во полињата, која доведува до отежнато извршување на жетвата. Според податоците на веб-порталот agrometeo.mk, кој е под надлежност на Управата за хидрометеоролошки работи, од септември до декември, односно во периодот на жетва, количината вкупни врнежи во Кочанско изнесува приближно 50 отсто од вкупните врнежи за целата година за овој регион. Неповолните климатски услови потегнуваат и друг проблем, а тоа е намалениот или многу лош квалитет на арпата поради високата влажност на зрното, кое бара дополнителна енергија, простор и време за да се исуши и да биде погодно за негова доработка (белење) или складирање. Оваа ситуација исто така ја отежнува работата и на преработувачките капацитети и на сушниците, кои не можат истовремено да ја примат целата произведена количина арпа, бидејќи со висока релативна влажност таа најпрво треба да биде исушена до одреден степен и подоцна да биде доработена во соодветен производ – бел ориз, карго, односно кафеав ориз или да се складира. Арпата со висока содржина на влага е подложна на ‘упалување’ затоа што доаѓа до зголемување на температурата на зрното. Ова е непожелна ситуација и при овој процес арпата добива непријатен мирис и многу лош квалитет“, истакнува м-р Бранкица Спасева, асистент истражувач при Земјоделскиот институт на УКИМ во Кочани.
Директната штета за земјоделците е финансиска загуба за целиот регион
Лошите временски услови за жетва директно ги погодуваат оризопроизводителите, кои ќе добијат помали количини арпа, а со тоа и бел ориз, што треба да се пласира на пазарите. Таквата состојба ќе предизвика лоши економски последици за жителите во целиот регион, без разлика дали се вклучени во земјоделското производство или се во другите стопански гранки, трговијата или услужните дејности.
Грубите пресметки што ги прават земјоделците покажуваат дека директната финансиска загуба може да изнесува и над половина милион евра само поради потфрлањето во жетвата. Ако се земе предвид и намалениот рандман при лупењето на арпата, тогаш овој износ може да достигне и до еден милион евра.
Во локалната самоуправа на Чешиново-Облешево се загрижени што најпогодени од состојбата се нивните жители, кои главно се земјоделци и единствено занимање им е производството на ориз.
„Оризопроизводителите од нашата општина годинава се најпогодени од временските услови од тоа што може да се забележи на терен, од фактичката состојба во врска со жетвата на оризот. Податок за тоа на колкава површина точно не е собран родот немаме во овој момент, но може да се потврди и да се види на самото место, на терен, дека сѐ уште има површини што не се ожнеани. Од разговорите со нашите сограѓани можеме да кажеме дека тие на некој начин се во недоумица како да ги проценат или да ги искажат нивните штети во количини и со каква мерка би барале да бидат обесштетени поради настанатата вонредна состојба со оризовата жетва“, вели Јорданчо Костадинов, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
Земјоделците не знаат дали им следува помош
Во општинските простории се одржа неформална средба на земјоделците, на која се разговараше за последиците од задоцнетата жетва, но и за можностите за обесштетување или за надоместок за загубата. Притоа се слушнаа предлози да се побара ослободување од плаќање на некои надоместоци кон државните институции, да се процени настанатата штета за да се бара финансиска помош од државниот буџет и слично. Сепак, заеднички беше ставот дека се задоцнило со формирање соодветна комисија што ќе работи на терен за да се добијат точни податоци кои и колкави површини се неожнеани или ќе претрпат штета од доцната жетва.
„Не можеме да чекаме во полето да доаѓа комисија за да утврдува штета затоа што времето поминува, секој ден ни е важен дали ќе успееме нешто да собереме. Можеби воопшто нема да нѐ обесштетат, џабе ќе чекаме. Комисијата требаше да излезе навреме, како сега ќе докажуваме дали оризот претходно бил полегнат на земјата, или го легнала водата подоцна. Слушнав предлог да бидеме ослободени од плаќање воден надоместок. Тоа нема да ни заврши никаква работа, тоа е една вреќа ориз, а јас имам штета од 6-7 вреќи. Ако требаше да соберам 20 вреќи од еден декар, сега имам 12 или 13, а последиците од сето тоа допрва ќе ги видиме. Може да се случи сите, од Бања па до крстосницата кај Спанчево, да бараат надоместок за штета, иако сите ниви не се поплавени, туку само оние што се покрај каналот“, вели земјоделецот Благојчо Вучков од Бања.
Земјоделците признаваат дека дел од вината за задоцнетата жетва носат и самите затоа што некои од нив калкулирале и одолжувале со почетокот на сеидбата. Поради тоа се пролонгирала жетвата и наместо во оптималниот рок, навлегле во период на дождови и зголемена влага.
„Водата беше пуштена по главниот канал, ама некои земјоделци со поголеми површини ги немаа подготвено нивите за сеидба. Затоа не ги полнеа со вода, а поради нив и соседните парцели не беа наполнети, па се испушти драгоцено време за да се сее. Потоа правеа и калкулации намерно да сеат подоцна за да го избегнат најтоплиот период во август и да нема влијание од екстремно високите температури врз оризовото зрно. Доцнењето од две-три недели тогаш, сега ни излезе на нос, добивме врнежлива есен, ниви полни со вода и голема влажност на арпата. Очигледно е дека и самите работиме на сопствена штета“, истакна Коце Ангелов, оризопроизводител од Облешево.
Поради тоа што поминал рокот за навремено утврдување на штетата што ја предизвикаа врнежите и поради високата влажност на родот, земјоделците не се сигурни дали воопшто можат да бараат обесштетување. Во недоумица се и кои критериуми би можеле да се земат предвид при утврдување на висината на штетата, затоа што процентот на влага е различен, потоа дел од површините што биле под вода сепак се ожнеани, а последиците од влажноста врз квалитетот на белиот ориз ќе се утврдат неколку месеци подоцна, кога арпата ќе се излупи и ќе се преработи. Нивните искуства од слични вонредни ситуации, кога пријавувале штета, не им дава оптимизам дека можат да добијат евентуално обесштетување, во колкав износ и кога ќе им биде исплатено.
Слаб интерес за осигурување на земјоделските посеви
Финансиски надоместок за дел од штетите во земјоделското производство предизвикани од временски неприлики и слични фактори, земјоделците можат да добијат со полиса за осигурување, но во случајот со оризот и таа можност е пропуштена. Сепак, оризопроизводителите не покажале речиси никаков интерес за осигурување.
„Во изминатите неколку години имавме само еден земјоделец што го осигури своето производство на ориз. Нешто позаинтересирани беа земјоделците што ги осигуруваа лозовите и насадите со вишни. Осигурителната полиса кај оризот се однесува на штети од град и од невреме, додека поплавувањето и високата влажност практично не се опфатени поради специфичноста на растението што поголем дел од периодот на вегетацијата е под вода. Поволности за земјоделско осигурување постојат со оглед што државата покрива 60 отсто од износот, а остатокот го плаќа осигуреникот, при што плаќањето е на рати, а првата рата е 20 отсто од сумата“, истакна Спиро Ѓоргиев од експозитурата на „Триглав осигурување“ АД во Кочани.
Поради слабиот интерес уште само една-две подружници на осигурителните компании во Кочани ја одржуваат програмата земјоделско осигурување, а другите ја откажале. Можност за нејзино повторно враќање постои, но само ако во практика заживеат најавите од ресорното министерство дека аплицирањето за субвенции ќе биде поврзано со задолжително осигурување на земјоделското производство.
* Тина Петрова е граѓанска активистка во Здружението „Агровинка“
** Тони Ајтовски е новинар


