Во просторииите на Општата болница – Кочани почна со работа нова Специјалистичка ординација за уво, нос и грло, како донација од Силк Роад Банка, а со посредство на здружението Супорт Кочани.
На примопредавањето на современо опремената ординација беше речено дека таа ќе обезбедува здравствени услуги на пациентите од Кочани и од регионот, а особено ќе биде од корист за повредените во пожарот во Пулс и за детската популација.
„Им се заблагодарувам на раководниот тим на Силк Роад Банка од име на нашите вработени за донацијата која е од особена важност периодов, заради зголемениот број на респираторни инфекции, како и за превентивни контроли и прегледи на повредените од Пулс. Ординацијата е опремена и со фибероптички риноларингоскоп, што ќе биде од корист на пациенти, особено кај детската популација“, истакна Катерина Паниќ Мирчовска, директорка на кочанската Општа болница.
Новата ординација е сместена на катот од болницата, веднаш до ординацијата по ортопедија, односно во поранешната гинеколошка амбуланта.
„Донацијата е во вредност од 40 илјади евра и се состои од комплетно опремена ординација со потребна опрема и материјални добра. Целта е да придонесеме кон подоборо здравје на населението, поголема достапност на услугите, за населението да не оди во поголемите медицински центри за дијагностицирање и лекување“, изјави Емил Муков, член на Управниот одбор на Силк Роад Банка.
Во специјалистичката ординација ќе работи доктор специјалист од Општата болница, со што оваа услуга во кочанската здравствена установа се возобновува по дванаесет години. Новата ординација ќе биде достапна за пациентите со закажување преку „Мој термин“.
Т. А.


