Кочани беше домаќин на хуманитарен фудбалски натпревар

На 7 февруари во Кочани се одржа хуманитарен фудбалски натпревар помеѓу екипите на ГФК Осогово и ФК Вардар од Скопје. Истиот беше посветен на жртвите во трагичниот настан на 16 март 2025, во кочанската дискотека Пулс. Во 63 минута од натпреварот, публиката со аплауз им оддаде почит на 63-те жртви од пожарот.

„Ова претставува значајна иницијатива насочена кон обединување на заедницата во моменти на голема болка. Токму преку спортот – најпрепознатливиот симбол на фер натпревар, човечност, заедништво и подадена рака – се истакнува вредноста на колективната поддршка и солидарност, особено кога заедницата се соочува со длабока загуба“, велат од Здружение „16 март 2025 Кочани“.

Целта на хуманитарниот натпревар не беше само спортски настан, туку и општествен чин на почит и возобновена сила. Иницијативата за одигрување на овој хуманитарен натпревар беше на двете екипи.

„Во вакви моменти, спортските клубови имаат моќ да бидат двигатели на позитивни иницијативи, да донесат надеж и да потсетат дека вистинските вредности се мерат преку човечноста, а не преку резултатите на терен. Нивниот несебичен гест претставува јасна порака дека спортот е повеќе од игра: тој е платформа која сплотува, лекува и охрабрува. Преку нивната поддршка, тие покажуваат дека заедништвото и солидарноста се вредности што треба да се негуваат и пренесуваат“, велат од здружението.

„Ова беше посебен ден, посветен на сите што вечно ќе бидат во нашите мисли и срца.Покажавме дека, фудбалот преку ГФК Осогово и ФК Вардар го сплотија Кочани“, велат од Градскиот фудбалки клуб Осогово од Кочани.

Подршката е во насока и на давање придонес кон изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“. Натпреварот заврши со резултат 4-1 за Вардар.

М.Т.

Фотографии: ГФК Осогово – Кочани / Фејсбук

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE