Доброволната спасителска служба „Осогово“ од Кочани беше домаќин и организатор на дводневна обука за спасување и извлекување луѓе во зимски услови и лавини на планина, што се одржа на Пониква.
Преку теоретски предавања и практични вежби што ги предводеше професорот Борис Стојановски, лиценциран инструктор за спасување, беа претставени ефикасни начини за укажување прва помош на повредени, нивно извлекување и транспортирање до најблиска здравствена установа.
Учесниците на обуката се запознаа и со функционалната поставеност на системот за заштита и спасување, а лекар специјалист одржа предавање за укажување прва помош, со посебен осврт за помагање на планина во зимски услови.
„На обуката учествуваа дваесетина членови од нашата спасителска служба, кои ги поминаа теоретските и практичните предавања и се стекнаа со сертификати за планинско спасување и укажување прва помош. Исто така, имаше и колеги од Крива Паланка, Делчево и од Гевгелија, каде што постои интерес за формирање слични спасителски служби, со што очекуваме во наредниот период нашата мрежа да се прошири“, истакна Гоце Исајов, претседател на Доброволната спасителска служба „Осогово“.
Обуката на Пониква се реализираше во соработка со Црвен крст – Кочани и Дирекцијата за заштита и спасување – Кочани.
Т. А.


