Кочани се подготвува за голем настан што има за цел да ја обедини заедницата преку примери на солидарност и граѓански активизам.
На 28 март, со почеток во 19 часот, во Центарот за култура „Бели мугри“, ќе се одржи Мотивациски форум под мотото „Делата што нè движат напред“.
На форумот ќе се претстават шест говорници што со својот личен труд и упорност создаваат видливи промени во општеството. Списокот на учесници ги вклучува новинарот Александар Видиновски, Андреј Рајатоски од Gradinarot.mk, Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, Гордана Софија од „Генералка викенд“, Кристијан Калинов од „Ретвитни оброк“ и Весна Станковска од здружението „Љубезност“.
Секој од говорниците ќе има излагање од 10 до 15 минути, споделувајќи искуства што покажуваат дека делата на поединецот можат да поттикнат сериозни општествени поместувања.
Главниот фокус на форумот е истакнување вистински животни примери и поттикнување на граѓанскиот активизам, особено кај младите. Настанот е замислен како место каде што „делата стануваат погласни од зборовите“, промовирајќи култура на солидарност и одговорност. Организаторите нагласуваат дека форумот е неполитички, некомерцијален и отворен за сите граѓани.
Зад настанот стои „Академија Кочани“, граѓанска иницијатива што произлезе од неколку успешно реализирани волонтерски активности во 2025 година, како што се Паб-Квиз Кочани и бесплатните часови по таи чи.
Иницијативата е водена од ентузијасти чија примарна цел е општествена добробит преку збогатување на културната и едукативната понуда во градот, при што сите активности се организираат без финансиски надоместоци за организаторите.
Т. А.
Фото: „Академија Кочани“ / Илустративна фотографија


