Mоторни пили и диви депонии ја пустошат Плачковица

Фото: Кире Михаилов

Иако институциите спроведуваат повремени акции, недостигот од контрола, ниските казни и слабата координација овозможуваат нелегалната сеча и загадувањето да продолжат да ја уништуваат планината Плачковица.

Автор: Кристијан Трајчов*

Неодамна радовишани беа сведоци на акција што ја спроведе ЈП „Национални шуми“, во која беше фатена група што врша нелегална сеча на планината Плачковица, нешто што веќе подолго време се случувало. Но, кратко по таа акција, на планината повторно беше забележана сеча.

Претходниот градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов, постави објект на патот кон планината што требаше да ја зголеми безбедноста и да спречи токму ваква нелегална сеча, но делумно поради недостиг на човечки ресурси од институциите, делумно поради други причини, тој никогаш не профункционира.

Акции има, системско решение нема

Големата акција што беше направена на крајот на јануари ја предводеше заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“ Кире Михаилов.

Тој за „Локал Актив“ објаснува дека групите што оперирале на планината Плачковица, го правеле тоа подолг период и претставуваат сериозна опасност, не само поради тоа што ѝ го прават на шумата, туку и поради можни агресивни дејства кон сите граѓани што се движат по патот, односно од викендичките на планината кон градот Радовиш.

„Во акцијата што ја спроведовме, ние бевме опремени од причина што не знаевме со што ќе се соочиме на терен, сепак станува збор за луѓе што крадат, не знаеме што носат со нив и затоа мораме да бидеме подготвени. Имаше многу негативни реакции кај граѓаните зошто сме биле со оружје, меѓутоа колегите мора да бидат заштитени, бидејќи во минатото имало многу случаи каде што наши вработени, шумски полицајци и припадници на МВР биле напаѓани од групи што пустошат низ шумите“, изјави Михаилов.

Тој смета дека единствено казната затвор е решение за ваквите лица.

Фото: Кире Михаилов

„Јас не велам дека оваа акција ќе го реши овој проблем трајно. Ако ние ставиме некаква рампа или 24-часовна контрола, можеби тој патен правец ќе го запреме, но ако некој решил да краде некаде, ќе ја промени локацијата. Доколку тие луѓе сериозно ги казниме по направеното пустошење, тогаш другите тоа нема да го прават, ќе видат дека последиците би биле сериозни. Неказнивоста во периодот што одминал, придонела до тоа луѓето што во минатото се занимавале со ова, повторно да го прават тоа бидејќи казните биле релативно мали и немало што да им земат. Прашање е како ќе заврши тој процес бидејќи ако тие лица не се затворени, тогаш истите тие луѓе повторно можат да бидат на терен и да го прават истото“, дециден е тој.

Шумата исчезнува кога казните се ниски

Нелегалната сеча на шумите во земјава се одвива и како организиран криминал, а институциите не успеваат да го запрат проблемот, предупредува Сашо Петровски од невладината организација „РЕФОРД“, која се занимава со теми поврзани со шумите.

Петровски вели дека проблемот не е изолиран само на едно место.

Фото: Кире Михаилов

„Тоа не е само Радовиш. Еве, ќе ви кажам, бевме во Кичевско, во Кнежино – таму е дојдено нож до коска“, вели Петровски.

Според него, нелегалната сеча функционира како добро организирана мрежа во која учествуваат повеќе групи луѓе.

„Групи локалци од селата, па дури и луѓе донесени од други региони, се ангажираат да крадат дрва за дневница. Потоа дрвата ги преземаат други со комбиња и организирано се носат во приградски населби, од каде што се дистрибуираат по градовите и селата“, објаснува тој.

Петровски додава дека ваквиот систем намерно работи со мали количини дрво за да се избегнат потешки казни.

„Ако количината е под еден кубен метар, делото се третира како прекршок. Казната е околу 250 евра и евентуално одземање на пилата. Луѓето не завршуваат во затвор, па затоа истите прекршители постојано се повторуваат“, вели тој.

Како една од причините за појавата на ваквиот пазар тој го посочува недостигот на легално снабдување со огревно дрво.

„Пазарот е изгубен од ЈП ‘Национални шуми’. Во многу села тие веќе не продаваат дрва преку системите што се наменети за локалното население, како собирање отпад по сеча или организација на селска сеча (сеча во нискостеблести шуми за потребите на руралните жители). Кога никој не ти продава легално, луѓето почнуваат да купуваат нелегално. Во некои населби гледаме малолетници што наместо да одат на училиште, работат со дрва преку ден. Тоа е сериозна социјална и безбедносна појава“, додава тој.

Петровски смета дека институционалната реакција е недоволна и дека казните не делуваат превентивно. Како пример ја посочува акцијата во Скопска Црна Гора во 2023 година, кога биле фатени десет лица со механизација и стотици кубици дрво.

„Фатени се десет луѓе на самото место, имало четири камиони и околу 400 кубика дрво. Судскиот исход? По 20 илјади денари казна за секој. Проблем број еден е корупцијата. Второ, со години се вработуваат нестручни кадри“, оценува тој.

Објект во кој нема кој да дежура

Иако проблемот е долгогодишен, прашањето за контрола и институционална координација сè уште останува отворено.

Градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, изјави дека оваа појава на планината Плачковица ја има многу години наназад.

„Не станува збор за нов проблем, туку за состојба со која институциите се соочуваат подолг период. Безбедносната состојба на планината до овој момент не е во критична фаза и се надеваме дека и така ќе остане. Планот е институциите заеднички да работат за решавање на овој проблем, со цел да се воспостави контрола и да се запре со нелегалната сеча и влегувањето по викендички“, изјави Почивалец.

Контролниот објект кон Плачковица / Фото: Radovish News

Тој воедно и појасни кој е проблемот со објектот поставен на патот кон планината Плачковица, кој требаше да служи за контрола.

„Објектот нема осветлување, а дополнителен предизвик е и држењето дежурства од страна на службите. Тие се соочуваат со проблеми со човечки ресурси и тешко можат да одговорат на вакво барање. Токму вака претходниот градоначалник Ацо Ристов го имаше замислено ова решение, но и тој подоцна увиде дека тешко ќе биде вакво нешто да се реализира“, вели Почивалец додавајќи дека ова прашање останува отворено и ќе продолжат да работат со другите институции за да најдат одржливо и функционално решение.

Сторителите познати, сечата продолжува

И покрај сознанијата на институциите за сторителите, пустошењето на шумскиот фонд продолжува со несмалено темпо. За состојбата на терен зборува и Дончо Сарамандов, директор на „Национални шуми“ – ПШС „Плачковица“ Радовиш.

„Луѓето од шумарството во Радовиш знаат за кои луѓе станува збор, исто така и полицијата знае. Се работи за околу 15-ина лица што користат нерегистрирани возила. Нашата надлежност е на територијата на шумата. Надвор од шумскиот појас, надлежноста е на Министерството за внатрешни работи и на шумската полиција. За жал, таквите лица не се плашат ниту од овие институции. Едноставно ја пустошат шумата сè додека можат да го прават тоа“, изјави Сарамандов.

Тој додаде дека состојбата на планината е алармантна и е потребна итна реакција.

„Состојбата на оваа планина е алармантна. Освен што самите си одредуваат каде ќе сечат, тие се осмелуваат да ја сечат и шумата што е планирана за легална сеча од наша страна, со што дополнително ни создаваат проблеми. Веќе се работи на тоа системски да се реши овој проблем. Се надеваме дека заеднички, сите институции, ќе работиме на тоа трајно да ја спречиме нелегалната сеча на планината Плачковица. Потребна е силна и координирана акција на сите надлежни институции. Без заеднички пристап и постојана контрола, ваквите појави тешко се искоренуваат“, објасни тој.

Снемува шума, а никнуваат депонии

Претседателот на планинарскиот клуб „Бел Камен“ од Радовиш Славчо Спасов сведочи дека состојбата со отпадот на планината е сериозна, па и овде е потребно итно решение.

„Отпадот од контејнерите мора редовно да се отстранува, бидејќи има голем број кучиња скитници што го расфрлаат и оставаат многу лоша еколошка слика на Плачковица. Ако објектот профункционира и ако се воспостави видеонадзор, ќе може јасно да се види кои луѓе ја загадуваат природата и кој прави штета. Само со контрола и одговорност може да се стави крај на ова што со години се случува“, заклучува тој.

Од Велосипедскиот клуб „ВелоЛисец“ од Радовиш велат дека на планината се фрла буквално сè.

„Се фрлаат пластики, остатоци од храна, стар мебел, санитарии, разен домашен инвентар, електронски отпад, телевизори, гуми и друг кабаст отпад. И покрај напорите на ЈП ‘Плаваја’, кои заедно со граѓански здруженија и општествено одговорни компании, како што се вработени од рудникот ‘Бучим’, неколкупати организираа чистење, депониите повторно се создаваат и секогаш се поголеми од претходно“, додаваат тие.

Фото: Кире Михаилов

Оттаму нагласуваат дека ако продолжи оваа состојба, Радовиш, но и целата држава, ќе го изгубат највредното природно богатство – шумите.

„Последиците може да бидат зголемен ризик од поплави, загаден воздух, појава на здравствени проблеми, како и реална опасност некој невин граѓанин да настрада поради движење на технички неисправни и нерегистрирани возила. Ќе се изгуби и туристичкиот и рекреативниот потенцијал на Плачковица. Подготвени сме активно да учествуваме и да соработуваме со институциите во насока на долгорочно решение“, истакнуваат од „ВелоЛисец“.

Игор Чапов, раководител на Одделението за јавни дејности во Општина Радовиш, вели дека најголемото загадување се случува на патот кон планината, непосредно на локацијата каде што се наоѓа објектот што требаше да гарантира безбедност на планината, но кој до овој момент не успеа да профункционира.

„Отпад се фрла обично навечер, а без засилени контроли и координација со МВР, овој проблем ќе продолжи да постои. Ние како општина имаме само комунален редар, но не и комунална полиција. Иако таквата идеја одамна се најавува, сепак од тоа уште ништо нема“, рече тој.

Чапов откри и дека општината е таа што му плаќа на ЈП „Плаваја“ за контејнерите што се поставени на планината, бидејќи во овој момент поради бирократски проблеми со викендичките на планината, претпријатието не е во можност да им наплаќа на граѓаните.

Системски ресет како единствено решение

Како решение, Петровски од организацијата „РЕФОРД“ предлага темелна реформа на шумарскиот сектор, вклучително и трансформација на јавното претпријатие „Национални шуми“.

„Потребна е целосна трансформација на системот – рационализација на кадарот, регионални дирекции и работа на пазарни принципи. Ако ЈП ‘Национални шуми’ не може да ја извршува основната функција за која е формирано, тогаш не треба да постои“, смета тој.

Според него, вистинска промена ќе има дури кога управувањето со шумарството ќе се деполитизира.

„Ќе поверувам во промени кога раководители на институции или директори на јавни претпријатија ќе се избираат на јавен конкурс, со јасни критериуми и менаџерска одговорност за постигнатите резултати. Дотогаш, сметам дека никој сериозно не се зафатил со проблемот“, заклучува Петровски.

Според податоците на базата на Државниот завод за статистика, во 2021 година 312.337 односно 52 отсто од вкупниот број домаќинствата се греат на дрва.

Службените податоци за нивото на илегална сеча на годишно ниво укажуваат на бројки што варираат од 18 до 25 илјади метри кубни на годишно ниво. Други процени, пак, укажуваат на драстично поголеми бројки, кои во поблагите сценарија калкулираат со околу 500 илјади кубни метри нелегално исечени дрва на годишно ниво.

Настаните на Плачковица повторно го ставија во фокус прашањето за тоа колку е ефикасен системот во справувањето со нелегалната сеча и придружните појави како дивите депонии и небезбедните услови на планината. Иако последните акции на ЈП „Македонски шуми“ покажаа дека институциите можат да реагираат на терен, поединечните интервенции не се доволни за решавање проблем што трае со години.

Недостигот од континуирана контрола, слабата координација меѓу институциите и ограничените механизми за санкционирање, создаваат услови нелегалните активности периодично да се повторуваат. Затоа, експертите сметаат дека покрај теренските акции, потребни се и подолгорочни мерки – подобра организација на шумарскиот сектор, поефикасна контрола и јасни правила за управување со шумите.

Плачковица за многу граѓани претставува место за рекреација, туризам и природно богатство од локално значење. Оттука, прашањето за нејзината заштита останува тема што и во иднина ќе бара внимание од институциите, но и од јавноста.

* Кристијан Трајчов е новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE