Отворен младински претприемачки хаб во Валандово

Фото: Здружение „Исчекор – Општество за сите“

Во Валандово официјално беше отворен нов младински претприемачки хаб, простор наменет за млади креативци, идни претприемачи и за сите оние што сакаат своите идеи да ги претворат во конкретни проекти и успешни бизнис-приказни.

Хабот ќе функционира како центар за едукација, вмрежување и развој, а во наредниот период се најавени серија обуки на актуелни теми наменети за младите. Дополнително, ќе биде обезбедено менторство од искусни претприемачи, како и модерен „coworking“ простор што ќе им овозможи на корисниците да работат во креативна и мотивирачка средина.

Освен едукативниот аспект, просторот ќе служи и како место за создавање нови контакти, партнерства и соработки, не само меѓу младите од Валандово, туку и од регионот и од странство.

На отворањето се обрати и градоначалникот Ѓоко Камчев, кој ја изрази поддршката за иницијативата. Тој истакна дека од хабот се очекува да произлезат нови идеи, проекти и соработки, кои ќе придонесат за развојот на локалната заедница и ќе им дадат поттик на младите да останат и да се развиваат во својата средина.

Со отворањето на овој хаб, Валандово прави чекор напред кон зајакнување на младинското претприемништво и создавање подобри услови за развој на локалната економија.

Фото: Здружение „Исчекор - Општество за сите“

К. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE