Реализирана акција за пошумување во Радовиш

Фото: Кире Михаилов / Фејсбук

На локацијата Арангел, во радовишкото село Штурово, на јужните падини на планината Плачковица, деновиве беше реализирана акција за пошумување, како дел од програмата за проширена репродукција на шумите.

Според директорот на ЈП „Македонски шуми“ Здравко Трајанов, пошумувањето се спровело на површина од околу 10 хектари.

„Во 2024 година во Радовиш изгоре убав боров насад, но она што ние како шумарска фела можеме да го направиме и го ветивме, е дека ќе го пошумиме и повторно ќе го воздигнеме овој насад за да биде гордост за Радовиш и околината“, изјави Трајанов.

Во акцијата учествуваа голем број граѓани, како и вработени од државните агенции.

Заменик-директорот на претпријатието Кире Михаилов извести дека активностите за пошумување ќе продолжат и во наредниот период, особено на локации погодени од минатогодишните пожари во општината.

„Ова е еден момент што треба да придонесе и другите институции да го следат овој пример. Сметаме дека свеста кај поголемиот дел од граѓаните ќе биде на повисоко ниво и сите ќе се вклучат во вакви добротворни акции“, рече Михаилов.

Фото: Кире Михаилов / Фејсбук

Директорот на подружницата на ЈП „Македонски шуми“ во Радовиш, Дончо Сарамандов, посочи дека се користат автохтони садници произведени во расадниците на претпријатието.

К. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE