Системски бедеми во високото образование и постдипломската специјализација за лицата со попреченост

Илустративна фотографија / Создадено со вештачка интелигенција (ВИ)

Со подзаконски акт на Владата на РСМ во 2022 година се овозможи лицата со попреченост да бидат ослободени од плаќање партиципација за втор и трет циклус на студии во македонските универзитети. Ваквата Уредба се укина веќе наредната година, продолжувајќи ја кусогледата практика на раководните структури во министерствата и на универзитетите, кои не сакаат да ги согледаат опортунитетните трошоци на општеството што пропуштило можност да ги искористи потенцијалите на едно високообразовано лице со попреченост, туку свесно се одлучиле тоа да стане повеќекратен и континуиран товар за заедницата.

Aвтори: Василчо Илијев* и Тони Ајтовски**

Патот до факултетската диплома за лицата со попреченост во македонски услови не е само академски предизвик, туку претставува и чин на радикален отпор против предрасудите. Додека нивните врсници размислуваат за испитни сесии, овие студенти водат секојдневна битка со физички и административно-бирократски бариери, кои често им изгледаат непремостливи. Желбата да завршат магистерски или докторски студии не е луксуз, туку легитимен стремеж кон економска независност и достоинствен живот.

Сепак, патот што го поминуваат до добивањето диплома за нив е поплочен со затскриена иронија на системот. Наместо ветената инклузија, студентите се соочуваат со „административен молк“ и врати што остануваат физички и финансиски заклучени. Ваквиот системски бедем не е изграден само од бетонски скали без пристапни рампи за лицата со попреченост, туку и од парадоксални законски измени што тивко го еродираат правото на образование.

Македонското законодавство, барем номинално, ја препознава важноста на поддршката за лицата со попреченост, а значаен момент при донесувањето одлука за студирање, односно продолжување со втор или со трет циклус на студии, за нив се и износите на партиципација што треба да ги платат при упис.

Во членот 128 од Законот за високо образование е пропишано дека меѓу другите категории, јавна високообразовна установа нема да наплатува партиципација и за лица со инвалидност, во согласност со Уредбата што ја донесува Владата по предлог на Националниот совет. Во услови кога значаен дел од буџетите на семејствата на лицата со попреченост се одлева за секојдневни трошоци за транспорт, лекување, рехабилитација и нега, легитимната цел за обезбедување достапно образование за овие лица ја оправдува таквата афирмативна мерка за поддршка.

Меѓутоа, во 2023 година се случи регресивен пресврт. Преку измени во владината Уредба, правото на ослободување од партиципација беше ограничено. Новите правила ги исклучија вториот и третиот циклус студии, оставајќи ги овие студенти без поддршка токму во моментот кога треба да специјализираат и да станат поконкурентни на пазарот на труд.

„Голем трошок за буџетот“

„Локал Актив“ разговараше со неколку поранешни и сегашни студенти што имале искуства со втори и со трети циклуси на студии за да може од „прва рака“ да ги пренесе нивните ставови во однос на значењето на ваквите измени во реалноста на лицата со попречености.

Известувањето кое го добил Атанасовски од Универзитетот

Ефтимчо Атанасовски од Кочани, кој како лице со попреченост по завршувањето на Економскиот факултет во Прилеп, во 2009 година се запишал на втор циклус студии на Правниот факултет во Кочани – насока Применета политика и дипломатија, на новоотворениот Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, вели дека по четири месеци од запишувањето, морал да ги прекине студиите.

„Заедно со тогашниот претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија, повикувајќи се на начелата на инклузија и достапност на високото образование, од Универзитетот побаравме ослободување од плаќање партиципација, како што предвидува Законот за високо образование. Меѓутоа, и покрај укажувањето на Министерството за образование дека, во согласност со законските одредби, јавните високошколски установи не наплатуваат партиципација за лица со попреченост, од Ректоратот на Универзитетот испратија одговор до Сојузот дека ‘вториот циклус на студирање има карактер на приватни студии и се финансира од средствата на кандидатите’. Дополнително, беше наведено дека ако студентите бидат ослободени од партиципација, Универзитетот ‘би немал средства за исплата на наставниците’. Ваквата аргументација не е во согласност со одредбата според која средствата за партиципација во овие случаи, независно од циклусот на студирање, се покриваат од државниот Буџет. Тогаш бев единствен таков студент и за мене тоа беше големо изненадување, иако финансиските средства не беа толку во прашање, колку што беше мотивот да се отворат нови можности и да им се помогне на поголем број лица со инвалидитет да продолжат да го градат своето образование. Кога отидов лично да разговарам во Универзитетот, во еден дел од разговорот ми беше нагласено дека ако не ги платам студиите, можам да се соочам дури и со судска тужба. Тоа е моментот што најмногу ме погоди, и иако студирав веќе четири месеци, морав да ги прекинам студиите“, вели Атанасовски.

Барањето за ослободување од партиципација ѝ било одбиено и на Симона Јовеска од Битола, магистерка по менаџмент во биотехниката и студентка на втор циклус на правни науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

„Во 2006 година, системската инклузија во високото образование беше на последно место меѓу приоритетите во државата. Сепак, на мојот прв факултет наидов на разбирање во поглед на ослободување од плаќање партиципација. Факултетот самоиницијативно, со одлука на наставничкиот совет, го овозможи ослободувањето од партиципација за двата циклуса на студии – додипломските и постдипломските. По донесувањето на Законот за високо образование во 2008 година е создадена и законска основа за ваквото ослободување, а со носењето на Уредбата од 2022 година, јасно е прецизирано дека ова право се однесува за сите циклуси во високото образование. Меѓутоа само осум месеци подоцна, Уредбата беше изменета, се укина можноста студентите со попреченост да бидат ослободени од партиципација на втор и на трет циклус студии. Така и моето барање за ослободување беше одбиено од вториот факултет затоа што не постоела законска основа. На лицата со попреченост им е потребно високото образование, бидејќи реалност е дека тие не се во можност да работат одредени физички активности. Мораат да се потпрат на интелектуалните способности и на вештините што ќе ги стекнат во текот на образованието, а со тоа да стигнат до работна позиција што ќе им обезбеди да се самофинансираат и да се самоиздржуваат, но и да бидат продуктивен дел од општеството“, вели Јовеска.

Ако ваквите примери се доведат во корелација со фактот дека вообичаениот број студенти со попреченост што се запишуваат на втор и трет циклус студии е едноцифрен, јасна е нелогичноста на аргументите дека тие се „голем трошок за Буџетот“.

Меѓународните стандарди се едно, реалноста нешто сосема друго

Според истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер од 2023 година, од вкупно 21 048 студенти во прв циклус на студии на македонските државни универзитети, само 45, или 0,21 %, се студенти со попреченост.

Од запишаните 2 443 студенти на втор циклус, само двајца се со попреченост. Додека од 1 132 студенти во трет циклус на студии, со попреченост е само еден студент.

Причините за исклучително нискиот број запишани студенти се повеќеслојни, меѓутоа основен предуслов за остварување кое било право на граѓаните со попреченост, вклучувајќи го и правото на образование, е обезбедување пристапност и достапност на услугите, што во себе вклучува: физичка, финансиска и пристапност од структурно-функционален карактер.

Македонија во 2011 година ја ратификуваше Конвенцијата на Организацијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, според која една од основните цели е да овозможи секој човек, без разлика на способноста, да има можност да го достигне својот целосен потенцијал, врз основа на достоинството на личноста, самопочит и почитување на човековите права. Препознавајќи дека основа за остварување на оваа цел е отстранувањето на сите дискриминаторски практики и однесувања, Конвенцијата како суштински важна ја истакнува потребата од достапност до квалитетно образование на лицата со попреченост.

Во таа насока, Комитетот за правата на лицата со попреченост, како тело за контрола и хармонизација во процесите на спроведување на Конвенцијата, заклучи дека и покрај досегашниот напредок, сѐ уште постојат сериозни предизвици, имајќи предвид дека на милиони лица со попреченост им е скратено правото на образование.

Под обезбедување инклузивно образование, според Комитетот, се смета приспособување на сите формални и неформални образовни средини на различните потреби и барања на поединечни лица, како и отстранување на сите бариери што ја оневозможуваат таа можност. Инклузијата вклучува пристап и напредок во формалното и во неформалното образование без дискриминација.

Со прифаќање на начелата на Конвенцијата, државата преку своите институции има обврска да преземе чекори и мерки што би значеле обезбедување пристап до високо образование на лицата со попреченост на еднаква основа со другите. Но, колку тоа во реалноста е така?

(Не)пристапноста на факултетите – дополнителна бариера

Билјана Тодоровска се движи отежнато поради мултиплекс склероза, но тоа не било пречка да ги заврши студиите на Техничкиот факултет во Битола, а подоцна да се запише и да заврши магистерски студии по драматургија на приватниот универзитет ЕСРА. Меѓутоа, нејзиното секојдневие на факултетот воопшто не било едноставно.

„Пред да дипломирам, се движев отежнато со патерици и тогаш станав свесна за сите бариери. Во факултетот имаше пристапна рампа, но само до студентски прашања. До предавалните, амфитеатарот, професорските катедри и кабинети, дури и до бифето – сѐ беше непристапно. Се стигнуваше само по скали. За жал, секаде физичкиот пристап за мене е голем проблем. Во помали средини, каде што инвалидноста е позабележлива, некако сите се ангажираат да помогнат, додека на државните факултети не е така. Додека студирав, немаше ни лифтови, ни соодветни тоалети, ни врати, апсолутно никакви услови за инвалидите“, вели Тодоровска.

За разлика од неа, Симона Јовеска има позитивно искуство со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

„Иако во почетокот, поради непристапноста на објектот, морав да се запишам како вонреден студент во првиот семестар, до почетокот на наставната година факултетот беше преместен во попристапен објект, во кој може редовно да се присуствува на предавања. Се префрлив како редовен студент, со можност да ги користам и другите поволности што ги нуди редовното студирање – стипендии, поени од редовност на предавања и слично. Првично објектот за додипломските студии беше со делумна пристапност, односно на влезот имаше мали скали, а по воочувањето на моите потреби, веќе следниот ден беше ставена мала бетонска рампа, што овозможуваше непречен влез на факултетот. Од факултетот беа свесни дека нема пристап до вториот кат, па сите предавања на кои требаше да присуствувам, ги организираа на приземјето“, истакнува Јовеска.

Хоризонталната пристапност, односно навигација најмногу ги засега лицата со телесна попреченост, но во поголема или помала мера ги опфаќа и лицата со други видови попреченост, а особено оние со оштетен вид. Според сите меѓународни стандарди за пристапност, потребно е на факултетите да има широк простор, што е можно поблиску до главниот влез од зградите, со цел студентите со попреченост да можат да стигнуваат со автомобил или со комби возило што би ги оставило поблиску до влезот.

Освен ова, потребно е да се обезбеди целосно соодветен простор по кој може да се движи лице во количка, вратите да се отвораат кон надвор, а формата на рачката на вратите да е приспособена за лицата со ограничена мобилност на горните екстремитети, особено за оние со нарушена фина моторика на дланките. Стандардите за пристапност предвидуваат ширината на ходникот да не биде потесна од 1,8 метри.

За пристапен се смета оној тоалет каде што има најмалку 120 сантиметри пред тоалетната школка и најмалку 60 сантиметри од една нејзина страна, држачи покрај неа, врата што се отвора кон надвор и висечки мијалник под кој има простор за дел од ортопедска количка. 67,5 % од факултетите одговориле дека воопшто немаат ваков тоалет.

Околу 55 % од факултетите одговориле дека немаат лифт, иако факултетот е на повеќе катови, а само на 22,5 % има соодветен лифт што оди до сите катови. 17,5 % од факултетите навеле дека не е потребен лифт, бидејќи зградата е на едно ниво. Повеќе од половина од факултетите (52,5 %) одговориле дека имаат шалтери повисоки од 80 сантиметри што не се соодветни за користење од лицата во количка.

Обележувањето само со напишан текст, како и различните начини на обележување, ги исклучува во целост студентите со оштетен вид, до одреден степен студентите со оштетен слух, но и другите на кои графичките симболи им помагаат, како што се оние со дислексија. Нестандардизираниот начин на обележување е умерена бариера за студенти со различни когнитивни предизвици и ограничувања.

Достапноста на стручна и друга литература во соодветен формат е суштинска за квалитетно следење и активно учество на процесот на студирањето за лицата со попреченост. Ниту еден факултет од 40-те што се дел од истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер, не обезбедува литература на Брајово писмо или во стандардно писмо отпечатено во зголемен формат. 75 % од факултетите не обезбедуваат лице што може да помогне со фаќање белешки за студентите со попреченост, додека 25 % тоа го прават, но многу ретко.

Најголем дел од факултетите – 85 % не обезбедуваат посебна просторија и дополнителен термин за испит за студенти со попреченост за кои е потребно такво приспособување, а дури 90 % никогаш не обезбедуваат толкувач на знаковен јазик.

Институциите креваат рамена или си ја префрлаат одговорноста

Додека институциите се повикуваат на закони и надлежности, крајниот резултат е дека инклузивноста останува само теоретска. Иако законски се гарантираат инклузивен и еднаков пристап до образованието, реалноста за лицата со попреченост е далеку поразлична.

На барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) официјално потврдија дека се соочуваат со сериозен недостиг на стратегиски документи за поддршка на овие студенти.

„Сенатот на Универзитетот нема програма за обезбедување технологија и/или адаптација на просторот во кој се одвива наставата заради овозможување пристап до високото образование на лицата со попреченост“, стои во краткото образложение од Универзитетот.

Професорот Кирил Барбареев, како одговорно лице на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во краткиот и директен допис вели дека Сенатот и на оваа високошколска институција не донел Програма за обезбедување технологија и адаптација на просторот за да им овозможи пристап на лицата со попреченост.

Идентичен одговор е наведен и во образложението од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, при што ректорот проф. д-р Иван Бимбилоски потврдува дека Сенатот нема донесено Програма за обезбедување технологија и/или адаптација на просторот за лица со попреченост.

Ваквите признанија од универзитетите доаѓаат во период кога Министерството за образование и наука (МОН) јасно укажува на законските обврски на високообразовните установи.

„Во согласност со Законот за високото образование, надлежност на Сенатот на Универзитетот е да донесе програма за обезбедување технологија и/или адаптација на просторот во кој се одвива наставата заради овозможување пристап до високото образование на лицата со попреченост“, информираше Ахмед Ќазими, раководител на Секторот за високо образование во МОН.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, пак, само на шест факултети се преземени серија инфраструктурни зафати за подобрување на пристапноста за лицата со попреченост. Иако Универзитетскиот сенат сè уште нема формално донесено посебна програма за адаптација на просторот и технологијата, активностите биле спроведени преку проектот „Подобра достапност на образовните установи за лицата со попреченост“, поддржан од ЕУ.

„Според претходно спроведените истражувања на Делегацијата на Европската Унија во објектите на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје беа изработени проектни решенија и проектна програма за адаптирање/реконструкција на градбите со кои се овозможува и се олеснува движењето на лицата со инвалидитет до и во градбите на Архитектонскиот факултет, Градежниот факултет, Економскиот факултет, Правниот факултет ‘Јустинијан Први’, Филозофскиот факултет и Филолошкиот факултет. Според изработените Основни проекти за адаптирање/ реконструкција на градбите, Универзитетот во текот на 2021 година склучи Договори за соработка со Министерството за образование и наука на РСМ. Реконструкцијата и адаптацијата се изврши во согласност со Решение за градби за кои не е потребно одобрение за градење, издадено на име на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје од Министерството за транспорт и врски, а во согласност со доставената документација за сите горенаведени единици. Проектот беше целосно реализиран и опфати изградба на платформи/лифтови, коси подвижни платформи по скали, тоалети за лица со намалена мобилност/со количка, информативни натписи, знаци и подни плочи, како и хоризонтална и вертикална сигнализација во објектите и на паркинг-просторот“, се посочува во писмениот одговор од УКИМ.

Илустративна фотографија / Создадено со ВИ

 Иако техничките приспособувања се веќе завршени, останува обврската на Универзитетот во иднина и формално да ги усвои потребните стратегиски документи за долгорочна инклузивност, а слични инфраструктурни зафати да се направат и на другите факултети.

Во врска со укинувањето на Уредбата на Владата на РСМ за ослободување од плаќање партиципација за лицата со попреченост во втор и во трет циклус на студии, од Министерството за образование велат дека надлежноста за тоа ја има Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност.

„Во согласност со Законот за високото образование, Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност предлага уредба со која се уредува правото на лицата со инвалидност и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање, која ја донесува Владата. Националниот совет е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност“, истакнува Ќазими од МОН.

Фанфари кога се воведува придобивка, молк кога се укинува

Она што особено загрижува е самиот процес на носење на релевантните прописи за лицата со попреченост. Додека на „голема врата“ се промовираше носењето на првичната уредба за ослободување од партиципација на студентите со попреченост, кога таа уредба се укина ниту општата јавност ниту здруженијата на лица со попреченост не беа информирани за потребата од таа измена.

Одбивањето да се дискутира за одредена тема, како таа за високото образование на лицата со попреченост, може да се гледа како показател дека мотивите на институциите при креирање на политиките, повеќе се насочени кон краткорочни политички придобивки, наместо кон посветено и стратегиско приближување на стандардите што би овозможиле одржливо функционирање на системот како предуслов за целосна инклузија.

* Василчо Илијев е граѓански активист во Меѓуопштинското здружение „Мобилност“ – Кочани

** Тони Ајтовски е новинар

Оваа содржина е создадена во рамките на проектот „ Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествена акција“, кој го спроведува Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС од Скопје, со финансиска поддршка од Европската унија. Ставовите и мислењата искажани во содржината не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE