Градежните активности за велопатека кон селото Дабиле / Фото: Локал Актив
Општина Струмица со пари од ЕУ почна да гради велосипедски патеки и кон селата. Во првата фаза се опфатени селата Дабиле и Просениково, кои се наоѓаат во непосредна близина на градот. За таа цел, во моментов се работи на ископување и поставување соодветна подлога на тротоарот на булеварот „Гоце Делчев“ кон населеното место Дабиле, како и покрај улицата кај поранешен „Агро кор“ што води кон населеното место Посениково.
Станува збор за две велопатеки во должина од 3,2 километри. Изградбата на овие патеки е дел од проектот „Бесконечна патека со низок јаглерод“ што се финансира од Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија. Во проектот освен Струмица, вклучена е и Општина Берово, а од бугарска страна општините Петрич и Струмјани.
Досега во Општина Струмица се изградени околу 16 километри мрежа од велопатеки преку проект за урбана мобилност на ЕУ. Тие се ноаѓаат на тротоарите покрај булеварите Ленинова, Гоце Делчев, Маршал Тито, како и на други позначајни улици и сообраќајници. Со нив се опфатени речиси сите позначајни места во Струмица, потоа училишта, градинки, културни и здравствени установи, парковите, но и пазарите.
„Струмица има видлива велоинфраструктура. Имаме добра конфигурација на терен за користење велосипеди за примена на урбана мобилност. Во моментов се гради на булеварот Гоце Делчев и на улицата кај Агроберза. Со проекти што се финансираат од ЕУ, планираме да ги опфатиме и другите населени места во близина на градот. Сакаме и граѓаните од овие населени места, освен за рекреација, велосипедот да го користат и како алтернативно средство за превоз“, рече градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков.
Истовремено со изградбата на нови велосипедски патеки, Општината работи и на поставување паркинг-рампи за велосипеди. Тие ќе се поставуваат на 50 локации од големиот градски парк до сите позначајни институции во центарот на градот. Ќе се подигнат 160 паркинг-рампи.
Инаку, во Струмица за неполн месец од распишувањето на повикот за доделување субвенции за набавка на велосипед, беа потрошени предвидените средства во висина од 600 илјади денари. Вкупно 108 граѓани што купиле нов велосипед во периодот од 23 март до 10 април ќе добијат субвенции од 50 отсто од вредноста на набавениот велосипед.
В. Т.


